Општинските советници волонтери?

Битола

Работата во Општинскиот совет да биде волонтерска, порача Никола Илиевски од редовите на ВМРО-ДПМНЕ од Битола, по истекот на неговиот советнички мандат на одржаните локални избори. Тој беше најхуманиот советник од претходниот состав на битолскиот совет. Илиевски во изминатите четири години се имаше откажано од советничкиот паушал и неколкуте илјади евра ги донираше за лекување на болни деца.

„Целата ми беше да потикнам и други слични гестови вакви. Инаку целата оваа активност, како советник во општина Битола би требало да биде во иднина доброволна активност. Не би требало да биди парична активност.“

изјави Илиевски.
Советниците месечно примаат хонорар во износ од 84 проценти од просечната плата во државата што во просек доаѓа околу 13000 денари. При тоа се обврзани во текот на месецот да присуствуваат барем на една седница на Советот. Освен Илиевски, ни еден негов колега досега не се откажал од советничкиот паушал. Останатите советници на заминување им порачаа нешто друго на нивните наследници- урбанистички да ја средат Битола и да внимаваат при трошењето на буџетот тежок околу 19 милиони евра.

„На Битола и недостига еден добар урбанистички план. Сметаме дека тоа треба да биде приоритет на новиот совет. Покрај тоа, нормално сите комунални прашања во градот, поголема контрола на активностите во образованието и некои мерки со кои може да се подобри образованието.“

порача досегашниот советник Сашко Павловски.

„Тоа значи голема сума на пара која идниот совет ќе ја има на располагање и ќе треба да ја реализира рационално, односно тие средства да бидат наменети претежно за подобрување на инфраструктурата во Битола, за намалување на невработеноста, за подигнување на економскиот развој.“

изјави Даница Петличкова.

„При донесувањето на одлуки да не бидат во свмисла кој на која партија припаѓа, туку да мислат на развојот на Битола.“

изјави Панде Манојлов.
Од годишниот буџет скоро половина пари се одлеваат на плати и надоместоци за вработените во општината и паушали за советниците. Еден советник годишно за својот ангажман заработува по 2 илјади евра. Поради ова не е чудно што за советници се кандидираат и невработени лица.