Западен Балкан е дел од Европа

ЕУ министрите во Хлубока над Влтава

Министрите за надворешни работи на Европската унија на состанокот на Хлубока над Влтава денеска го поддржаа приклучувањето на земјите од Западен Балкан во Унијата.
Чешкиот министер за надворешни работи Карел Шварценберг, изјави дека Балканот е дел од Европа и затоа треба да биде и дел од Европската унија. Плановите за проширување на Унијата се ставени под прашалник откако Германија побара пауза во тој процес, но по приемот на Хрватска. Предлогот на германскиот кенцелар Ангела Меркел, Унијата да почека со приемот на земјите од Западен Балкан додека не се провери како ќе функционира со новиот Лисабонски договор, го отфрли шефот на чешката дипломатија.

,,Со целосно почитување спрема канцеларката, Европа треба што поскоро да се обедини и да ја заздрави таа отворена европска рана. Значи целиот Балкан треба да стане дел од Европската унија,,.

Ваквиот став на министерот Шварценберг го поддржа и шефот на британската дипломатија Дејвид Милибанд.

,,Проширувањето е во интерес и на Европската унија и на Западен Балкан. Сите земји од регионот би требало да имаат европска перспектива. Тие спаѓаат во европското семејство,,.

Изјави Милибанд.