МВР во акција за фер и мирни избори

Избори, Македонија

Со нова униформи и специјални елеци, за да бидат повпечатливи, припадниците на министерството за внатрешни работи ќе ги следат изборите и ќе се обидат се да се одвива во најдобар ред, изјави министерката за внатрешни работи Гордана Јанкуловска. На изборите во недела, освен редовната униформирана полиција, по потреба ќе се ангажираат и граничната полиција, вештите лица и специјалните единици. Министерката објасни дека полиција ќе има на сите избирачки места, а посебно внимание ќе обратат на оние места на кои на минатите избори имаше инциденти.

„За разлика од претходните избори евентуалните несакани инциденти и приведените што ќе бидат приведени на лице место, ќе бидат истражувани и санкционирани по итна постапка. МВР во врска со минатогодишните избори расветли 57 случаи на нарушување на изборниот процес, за жал мораме да констатираме дека и казните и поништувањето на гласањето на одредени избирачки места не придонесоа многу за промена на генералната слика и оценка за текот на гласањето на минатогодишните избори.“

Полицијата ќе биде и во постојан контакт со државната изборна комисија и со меѓународните набљудувачи. Граѓаните освен на полицијата, доколку имаат проблеми при гласањето можат да се обратат и до центарот за состојби.
Подготовките на полицијата за престојните избори не се единственото на кои тие се посветени деновиве. Тие два дена учествуваат во акција за откривање на организиран криминал во Кичево. Во акцијата се уапсени командирот на полициската станица во Кичево, неговиот заменик, и уште еден нивен помошник.

„За сторени неколку крвични дела, имено постои сомневање за сторено крвично дело примање поткуп и исто така помагање.“

Министерката Јанкуловска истакна дека најостро ќе реагираат на сите форми на закани на денот на изборите. Таа упати апел до претставниците на партиите , кои според неа се најодговорни за спроведување на мирни, фер и демократски избори.