Скопје: Собранието ја почна расправата за измените на Уставот

Собранието на Македонија, денеска, ја почна расправата за измени на Уставот на Република Македонија, со кои се предвидува намалување на цензусот за избор на претседател на државата во вториот изборен круг од 50 на 40 проценти. По истекот на работното време претседателот на Собранието Трајко Вељаноски ја прекина седницата, а продолжението го закажа утре во 12 часот. Претходно, потребата за донесување ваков вид измени министерот за правда Михајло Маневски ја лоцираше во фактот што на сите досегашни циклуси за избор на претседател се случувале неправилности и инциденти во вториот изборен круг, токму, како што рече, мотивирани од потребата да се исполни цензусот на излезност на гласачи од најмалку 50 проценти плус еден гласач од запишаните во избирачкиот список.