Илјадници луѓе почнаа да се враќаат во своите домови

Неколку дена по катастрофалниот ураган Катрина, илјадници луѓе почнаа да се враќаат во нивните домови во околината на Њу Орлеанс. Водата полека се повлекува, откако беше поправена една од двете брани чие уривање ја предизвика поплавата на градот.
Локалните власти проценуваат дека ќе бидат потребни повеќе од осумдесет дена за да биде испумпана сета вода од Њу Орлеанс. Вчера за прв пат од ураганот Катрина и од големите поплави во градот, на дел од тамошните жители им беше дозволено да ги посетат нивните домови, но не и да останат во нив се додека не биде испитано дали се безбедни за живеење. Американскиот претседател Џорџ Буш по втор пат за четири дена престојуваше во погодениот регион. Буш, е цел на остри критики од локалните власти и од опозиционите демократи кои сметаат дека федералната администрација не реагирала навремено и ефикасно во спречувањето и надминувањето на последиците од катастрофалниот ураган.

,,Оваа земја е решена да го преземе она што е неопходно за да им помогне на луѓето да застанат на нозе и заради тоа јас се вратив во Луизијана.”

изјави Џорџ Буш кој реакцијата на Америка на катстрофата ја оцени како неверојатна и најави долгорочна помош за настраданите подрачја. Во текот на минатиот викенд Буш ги отфрли и обвинувањата дека неговата администрација не реагирала брзо поради тоа што во Њу Орлеанс главно живееле сиромашни и афро американци. Ваквите обвинувања ги отфрли и државниот секретар Кондолиза Рајс наведувајќи дека бавното пристигнување на помошта не е мотивирано од расистички побуди:

,,Јас сум афро американка. Јас сум од Алабама. Можам да ви кажам дека реакцијата не е прашање на бојата на кожата. Станува збор за помош од Американци за Американци. Ниеден американец не сака да види како друг Американец страда.”

изјави Рајс. Најмалку двесте и четириесет илјади луѓе се евакуирани во соседниот Тексас. Тамошниот гувернер Рик Пери соопшти дека Тексас веќе не може да прими уште луѓе и затоа побара тоа да го сторат другите американски држави. Во меѓувреме, во поплавените подрачја на Њу Орлеанс продолжува потрагата по преживеаните. Нивниот број, како и бројот на мртвите се уште не познат. Градоначалникот на Њу Орлеанс Реј Негин вели: ,,Не би било ирационално ако се каже дека загинале до десет илјади луѓе,,. Инаку, штетите од ураганот во Мексиканскиот залив веќе се проценуваат на околу сто милијарди долари.