Услови за враќање нема, обесштетувањето мало

Раселените Македонци и Срби од кумановскиот регион треба да потпишат договор со македонската влада и со донаторите за нивните оштетени домови. Во спротивно, донациите од Холандија, Германија и Италија ќе бидат пренаменети. Раселените велат дека се уште нема безбедносни услови за нивно враќање.
Протераните жители, сместени во колективните центри во Куманово, не само што не се задоволни од предвиденото обештетување, туку нив ги загрижува и кревката безбедност во сега веќе етнички чистите села.

„Условите не можат да бидат какви што беа, ама да бидат барем 60 посто од тоа. Ние ќе се вратиме таму, ако нема никакви заканувања“

Реконструкцијата на куќите е заеднички приод на донаторите и партнерите што ќе го изведуваат процесот. Планираното за Матејче веќе е реализирано како во другите региони, што значи дека сите оштетени имаат еднаков третман. Претставникот од владата пак додава дека ќе се преземат и безбедносни, но и други неопходни мерки, заради што договорот треба да се потпише, за да не се изгубат донациите. Раселените, меѓутоа, сметаат дека

„Не се гарантира безбедност. Ти гарантираат безбедност во селото, но на нива никој не ти гарантира безбедност“.

Во ветувањата за гарантираната безбедност, сепак, тие не можат да веруваат:

„Не Бранко, не Борис, било кој да е – не може тоа да го обезбеди. Кога тие уште сега ти велат немој, гледај комшија, оди си, сите сте со орквавени раце. А зошто? Затоа што сме имале деца во полицијата и во АРМ“.

Раселените сметаат дека во липковските села се уште постојат криминални групи кои безбедноста им ја загрозуваат и на Албанците. Затоа бараат донацијата да биде пренасочена за изградба на објекти на некоја локација во Куманово, кои подоцна ќе бидат добродојдени за социјалните и младите брачни двојки.