Достапни линкови

Што ќе се случува по таканаречените референдуми во Украина?


Гласање на таканаречените референдуми за приклучувањекон Руската Федерација.
Гласање на таканаречените референдуми за приклучувањекон Руската Федерација.

Пет дена траеше гласањето на таканаречените референдуми во четири украински региони за приклучување кон Руската Федерација . По гласањето кое Киев и неговите сојузници го осудија, а Западот соопшти дека никогаш нема да го признае, следи заокружување на процесот.

Гласањето на таканаречените референдуми за приклучување кон Руската Федерација во Луганск, Доњецк, Керсон и Запорожје, делумно окупирани од Москва завршува денеска. Украина, Западот и Обединетите нации го нарекоа „измама“, бидејќи е незаконско според меѓународното право.

Еве што јавуваат руските државни медиуми дека ќе се случи следно, врз основа на руската анексија на украинскиот полуостров Крим во 2014 година.

Брзи резултати

Исто како што анексијата на Крим никогаш не беше признаена од меѓународната заедница, Киев и неговите сојузници соопштија дека нема да ги прифатат резултатите.

Ќе има период на пребројување на гласачките ливчиња, по што „изборните комисии“ формирани од Кремљ во секој од четирите региони ќе објават „привремени резултати“.

Резултатите се очекува да бидат објавени доцна вечерва или подоцна оваа недела.


Улогата на рускиот парламент

Ако регионите гласаат за припојување кон Русија, рускиот парламент, односно Државната дума, ќе одобри договор со кој формално ќе се вклучат четирите региони на руска територија.

Во текот на викендот, руските државни новински агенции ТАСС и Риа Новости цитираа парламентарни извори кои велат дека нацрт-законот за анексија може да биде предложен вечерва и одобрен од Думата утре.

Претседателот на парламентот, Вјачеслав Володин, минатата недела рече дека ќе ја „поддржи“ интеграцијата во Русија на регионите, Луганск и Доњецк на исток и Запорожје и Керсон на југ.

Нацрт-законот потоа треба да биде одобрен од горниот дом на парламентот, Советот на Федерацијата. Оваа формалност би можела да биде завршена утре или в четврток, објавија руските новински агенции.

Декларација на Путин

Рускиот претседател Владимир Путин се очекува во петок официјално да прогласи дека украинските региони станале дел од Русија, јавија руските новински агенции.

Ова може да биде во форма на обраќање во Кремљ до членовите на еден или двата дома на парламентот.

Новинската агенција ТАСС соопшти дека на сенаторите им било кажано да направат три тестови за „Ковид-19“ како подготовка за „важен настан“ во петок, што е предуслов за сите што ќе се сретнат со претседателот во Кремљ.

Постои можност, сепак, Путин да се огласи пред петок. Во 2014 година, тој потпиша договор за инкорпорирање на Крим во Русија само два дена откако Кремљ одржа референдум за анексија на полуостровот.

Потпишувањето, на специјална церемонија во Кремљ, се случи пред нацрт-договорот да биде доставен до парламентот.

XS
SM
MD
LG