Достапни линкови

Снежана Стојчевска - Стиховите имаат исцелителна моќ


Снежана Стојчевска
Снежана Стојчевска

Пред скоро две години го загубив татко ми и веднаш почнав да ја пишувам книгата бидејќи ми беше начин на справување со емоциите. Тогаш сфатив дека Танатос е многу силна инспирација. Дури посилна од Ерос, вели поетесата Снежана Стојчевска, за петтата стихозбирка „Ќе се завијам во песни“.

Родена 1980 година во Скопје, Снежана Стојчевска зад себе има пет стихозбирки. Во 2012 ја објави дебитанската „Шеќер по подот“ во издание на „Или-Или“, како дел од едицијата „Русалки“ во која и самата беше уредник. Една година подоцна за своето второ дело „Под нулата“ ја доби наградата „Бели Мугри“ што ја доделува Домот на културата „Кочо Рацин“ - Скопје, во 2015 година, за „Темплум“ излезе нејзината трета поетска книга - „Модри фанатазии“, а во октомври 2017 за Антолог“ и стихозбирката „Треба да е лесно“. Следејќи ја востановената динамика, не многу одамна, некаде при крајот на минатата 2019 година, книгоиздателството МИ-АН ја отпечати и актуелната „Ќе се завијам во песни“.

Во предговорот за актуелната книга меѓу другото, ќе забележите: Никој од нас не е вечен, но вечен е зборот што останува по нас и вечна е љубовта што засекогаш не има поврзано во нераскинлива врска. Со оваа книга сакам да му оддадам почит, да го одржам жив споменот за него и со тоа да му подарам вечност на мојот татко Мирче Стојчевски. Како беше испишувана „Ќе се завијам во песни“?

- Пред скоро две години го загубив татко ми и веднаш почнав да ја пишувам книгата бидејќи ми беше некој начин на справување со емоциите. Едноставно таа блиска средба со смртта беше големо духовно искуство и беше многу интензивна. И тогаш сфатив дека Танатос е многу силна инспирација. Дури посилна од Ерос. Почнав да пишувам по само два часа откако почина татко ми, значи уште беше присутен во собата кога ми дојде тој наплив на пишување и тоа беше како стерна што не можеше да запре цела година. Уште веднаш ми дојде идејата дека песните кои ми помагаат да се справам со целата ситуација се мојата црнина што старите ја носеле кога ќе загубат некој близок. Ги поврзав песните со таа традиција и насловот ми дојде некако природно. Значи, да се завиеш во нешто што ќе ти даде утеха. Избрав еден креативен начин да се справам со тие емоции, да ги ослободам. Ова е премногу искрена и интимна книга, премногу лична и дури во моментот кога ја завршив си реков – Леле што направив? Целосно се разголев. Нема ни една резерва. Меѓутоа кога ги пишував стиховите воопшто не мислев на процесот и на тоа што пишувам ...Работите некако се наредија како што треба и јас сега многу сум задоволна од тоа како испадна збирката.

Значи ли ова дека „Ќе се завијам во песни“ беше исцелителна книга за Вас како поетеса?

Апсолутно. И тоа изненадувачки колку многу. Бидејќи не е едноставно. Се наоѓаш во една ситуација во која не си бил претходно. Фактот дека бев премногу поврзана и блиска со татко ми, дури и наликувавме и физички и карактерно, што не значи дека секогаш се согласувавме туку честопати знаевме да дојдеме и до караница токму затоа што премногу бевме исти. Затоа ми беше тешко да се справам со реалноста. И додека беше болен и потоа бидејќи чувствував одговорност да му помогнам, а не можев. Затоа пишувањето навистина многу ми помогна. Чувството на недостиг и тоа што тој ми фали, што сакам да биде тука ќе си остане цел живот, меѓутоа со онаа болка со којашто можев да се мачам долги години јас успеав да се справам за многу пократко време. Да се помирам. А има и некоја симболика што неговото име Мирче во себе го носи и зборот мир. Јас успеав преку тој дар на пишувањето што од него го имам наследено да дојдам до тој мир и да се помирам со целата ситуација. Сигурна сум дека и тој не би сакал да страдам повеќе. Оваа книга е своевидна семејна историја, и опфаќа три генерации преку мојата поезија и поезијата на татко ми и илустрацијата на син ми.

Иако се лични, сепак песните во трите поетски циклуси од книгата, „Невидлива битка“, „Премостување“ и „Песни од морнарот (кој нема да се врати)“ каде всушност се поместени необјавените песни на твојот татко заедно со еден негов расказ „За зелениката и ластовиците“ ( откупен на еден награден конкурс и објавен во Студентски збор во 1972 година), носат универзални пораки.

Оваа книга не само што ми помогна мене туку ќе им помогне и на други луѓе. Гледам тоа по реакциите на тие што ја читаат, а веќе многумина ми напишаа и ми се јавија уште веднаш по самата промоција. Тие што веќе поминале низ ова искуство многу се поврзуваат, но се поврзуваат и оние кои знаат дека кога тогаш ќе треба да се соочат со загуба на блиските и мислам дека стиховите ја имаат таа исцелителна моќ. Тие песни иако се лични сепак се универзални бидејќи секому може тоа да му се случи. И токму и затоа луѓето се поврзуваат затоа што се тоа реални ситуации. Нема ништо измислено, јасни се, нема некои поголеми метафори за некој да се запраша што сум сакала да кажам, но сепак има дводимензионалност во песните.

И кога веќе сето ова е пред судот на јавноста, кога стиховите стигнаа до читателската публика, се обидувате ли полека со новосоздадени творби да излезете од тој круг?

Со објавувањето на книгата се потрудив да го завршам тој циклус и сега си давам еден период на одмор. Не се форсирам, да речеме, нешто да пишувам. Ме исцрпе целиот тој процес од пишувањето до завршувањето на оваа книга и мислам дека сега заслужувам некоја оддишка. Дека не мора да се в турнам во нешто ново туку читам, акумулирам, следам, работам други работи и си давам простор само да си дојде што ќе биде следно. И се надевам дека тоа „следно“ ќе биде на поинаква тема. Дури и размислувам за кратки раскази и за поезија во проза, да излезам од тоа што досега беше работено. Сакам да тргнам кон проза бидејќи имам некои многу интересни приказни од моето детство, од детството на син ми и на внуците, на мајка ми, на баба ми ... Сакам нешто такво да направам. Сеуште не знам што од сето тоа ќе испадне, не сакам да се форсирам и ќе видиме што ќе донесе времето.

Ова подразбира дека ќе тргнете повторно од себе, од сопственото минато или од доживувањата на твоите најблиски?

Не сум јас некој љубител на надреализам или на измислени приказни. Сакам пак да биде нешто што е поврзано со реалноста. Дури и да биде фикција ама пак да има нота на реалноста.

Реалноста, пак, вели дека наспроти потребата од „одмор“ од некаква дистанца до следната објава, Снежана Стојчевска со несмалена жестина им се врати на поетските читања и на обврските како приредувач.

Јас никојпат и не сум паузирала од јавни настапи. Секојпат кога сум била поканета на читање на кое сум сметала дека вреди да се појавам сум се појавувала. Со задоволство сум учествувала бидејќи сфатив дека е огромна моќта на кажаниот збор и дека колку е важно човек да пишува, толку е важно и да ја претставува својата поезија и песните да ги кажува на глас. Еве од неодамна се вратив од Германија, таму имав настап во Магдебург на еден тамошен фестивал каде имав две претставувања. Едното беше полу часовно претставување во Библиотеката со уште тројца автори, а другото беше на затворањето на Фестивалот каде бевме шест автори и секој имавме по 15 минути по што следуваше секако разговор бидејќи тие сакаат да си поставуваат прашања и да дискутираат за работите.

Негде пред Нова година бевме во Струмица на читање организирано од Никола Маџиров. Како автор имам подеднаков однос и кон читањата надвор и кон оние дома.Не треба да ги потценуваме домашните настани. Вистински убав поетски настан има кога ќе настане синергија помеѓу поетите, публиката и просторот, а тоа може да биде и во Струмица и во Магдебург. Било каде. Треба да си ја цениме публиката и луѓето што се желни да слушнат убав збор.

Неодамна излезе од печат и Графичката арт панорама „Допир“ во која се претставени 16 автори – поети, четири илустратори и еден дизајнер на корица – Емилија Мишева. Како се случи ова издание? Покана да бидете приредувач ви упатила Марија Стојанова од „Арт еквилибриум“.

Кога Марија ми рече за антологија, јас помислив дека тоа е веќе направено, има десеттина антологии и јас нема тука што ново да кажам и не сакав да се повторувам бидејќи има луѓе што тоа го имаат направено многу добро. Како Владимир Мартиновски на пример во „Лирски додекамерон“ - издание на СВП, потоа Јулијана Величковска која издаде Панорама со поети од поновата поетска историја, антологиите на Антолог... и затоа се определив да направам нешто поинакво. Поинакво од аспект што застапувам автори што не се многу застапувани, не заради тоа што не се добри туку заради тоа што повеќето не живеат или не се од Скопје и не се во центарот на случувањата. А, другата новина е да вклучам илустрации печатени на сито печат. Се разбира и илустраторите повеќето се од другите градови со цел да се децентрализира малку уметноста, да се направат промоции во другите градови, да се врежиме сите уметници ... не само ние што сме во Скопје. Многу сум задоволна од крајниот резултат, од тоа како испадна книгата и се надевам дека и промоциите ќе поминат убаво. Тоа ми е желбата.

Во повеќето книги што се објавуваат во последно време се поместени илустрации на македонски уметници, од каде таа потреба за едно вакво мултимедијално претставување кај авторите? Што значи тоа?

Мислам дека тоа е убав тренд само доколку илустрациите се во функција на стиховите, на песните. На делото. Кога илустрацијата, сликата има синергија, поврзување, функција да ја „дослика“ поезијата. Кај Лори тоа фантастично го сторила Касиопеја Наумовска, на пример. Нејзината книга е уметничко дело. Тоа се трудевме да биде и со Панорамата, а во „Ќе се завијам во песни“ сметав дека илустрациите само ќе ја оптоварат и затоа оставив да оди само една, на корицата и таа е дело на мојот син Калин Маловски.

Јас имав илустрации на Јасмина Главинче во „Модри фантазии“ и се разбира веројатно тоа ќе го сторам и во следната објава. Мислам дека треба да се поттикнат авторите да експериментираат малку и да излезат од она класичното, шаблонското. Но, за жал, тука и финансиите се проблем. Се разбира не секогаш оти поважно е да се најдеш со вистинскиот човек со кого ќе бидеш на иста бранова должина. Дури мислам дека е добро да се има аудио од книгата за таа не само да може да се прочита туку и да се чуе, па дури дел од неа да се вклучи во некој перформанс, некоја претстава. Постојат бројни идеи околу чинот на претставување на една книга пред публиката.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG