Достапни линкови

Ново семејно стебло во судовите и обвинителството


Илустрација, новата судница во затворот Идризово
Илустрација, новата судница во затворот Идризово

Сите политичари јавно се залагаат за „ветинг“ во правосудниот систем, но во пракса роднини на функционери од ДУИ, СДСМ и ВМРО- ДПМНЕ се дел од новоизбраните обвинители и судии кои ќе ја бранат правдата. Антикорупциска предупредува, законот не дозволува роднини да работат во иста институција.

Стануваат ли обвинителите и судиите наследна функција? Десетина роднини на актуелни функционери од најголемите партии во земјава како и деца на обвинители се дел од идните „бранители на правдата“ во земјава, покажува листата на положени кандидати за обвинители и судии на Академијата „Павел Шатев“ што денеска ќе го разгледуваат Советите за судии и обвинители.

Сопругата на шефот на Обвинителство за гонење на организиран криминал Ислам Абази, Албулена Абази која ќе му стане и колешка, не смее да се вработи во неговото обвинителство, вели претседателката на Државната комисија за спречување на корупција и конфликт на интереси, Билјана Ивановска.

Таа додава дека сега Советот на јавни обвинители мора да внимава каде ќе ги распредели роднините на вработените обвинители кои се дел од 30 кандидати кои ја слушаа Академијата за судии и јавни обвинители.

Законот за јавни обвинители забранува роднини, сватови и партнери да се вработат во исто обвинителство.

Тоа значи дека ова правило важи и за ќерката на обвинителката во државното обвинителство Лилјана Спасовска и за синот на поранешната десна рака на Катица Јанева во Специјалното обвинителство, Елизабета Јосифоска. Не важи само за ќерката на обвинителката во организиран криминал Гордана Смаќоска, која пред половина година стана пензионерка. Ќерка и Билјана ја заврши Академијата и ќе напредува во правосудството, но за разлика од нејзината мајка, ќе стане судијка.

„Не е етички да работат членови од потесно семејство во иста институција, мора да се води сметка за тоа. Да се внимава на моментот за потенцијалниот судир на интереси кој е многу важен, затоа што создава лоша перцепција кон граѓаните дека е можна корупција, договарање, некакво организирано поврзување понатаму, дека ете овој своето блиско дете ги го намести таму. Ние треба да се ослободиме од таквата перцепција и од таквата фактичка состојба“ вели Ивановска.

Истото правило е применливо и за синовите на судиите, како што е Кирил Геогиев, син на судијата Наќе Георгиев и неговиот колега, иден судија Илир Јакупи чија татко е судија во Управен суд и поранешен член на ДИК по предлог на ДУИ, Субхи Јакупи. За Зоран Здравев ова правило нема да важи затоа што неговиот татко Киро Здравев поранешниот претседател на Судскиот совет е во пензија.

Инфографика - Дали обвинители и судии се наследна функција?
Инфографика - Дали обвинители и судии се наследна функција?

Предупредувањето од Антикорупциската комисија доаѓа по објавата на листа на кандидати кои ја завршиле Академијата за обвинители и судии во кои една петтина од новоизбраните се синови и ќерки на актуелни судии и обвинители, сопруги, на еден градоначалник и на шефот на Обвинителството за организиран криминал, како и синот и снаата на спикерот и на генералната секретарка на Собранието.

Меѓу идните јавни обвинители и судии се и синови на актуелни судии. Тука е Јетмир Беџети, кандидат за обвинител и син на судијата од скопска Апелација, Енвер Беџети, кој беше дел од советот што ја укина пресудата за масовното прислушување во „Таргет-Тврдина“ каде што првоосуден беше поранешниот шеф на УБК Сашо Мијалков. Дополнително Судскиот совет утврди дека без објаснување случајот бил држен во фиока на Апелација со месеци. За разлика од неговиот татко судија, Јетмир Беџети се определил да биде јавен обвинител.

Партиите се скараа кој ги полни судовите

Партиите почнаа со меѓусебно обвинување. ВМРО- ДПМНЕ обвини дека СДСМ и ДУИ ги полнат судовите и обвинителствата со свои луѓе. Од друга страна судијка ќе стане Биљана Муцунски Бубевска која му е сопругата на Тимчо Муцунски кој е градоначалник на општина Аеродром, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ и поранешен пратеник.

Од роднините на неговите поранешни колеги во Собранието, во Суд правда ќе делат снаата на генералната секретарка Цветанка Иванова од СДСМ Билјана Иванова, а обвинител ќе биде синот на Талат Џафери од ДУИ, Барлет Џафери.

Името на Барлет Џафери лани ја брануваше јавноста по објавата на Антикорупциската комисија дека тој се здобил со право да полага правосуден испит во 2015 година, иако сè уште не бил дипломиран.


За Ивановска политичкото влијание во земјава е најголемиот ризик од корупција, па на прашањето како граѓаните повеќе да му веруваат на правосудниот систем кој се „поднови “ со семејни кадри вели „многу тешко“.

„ Како може да ја зголемиме довербата- па со резултат. Ако тие покажат резултати, тогаш граѓаните ќе им веруваат. Ако не покажат резултати и ги заташкуваат предметите и ги чуваат тогаш граѓаните ќе продолжат и понатаму да го намалуваат процентот на довербата во целиот тој правосуден испит. Само со резултати ние можеме дека ние навистина сме професионалци“, вели таа.

Поранешниот обвинител Валентин Зафиров вели дека овој список со роднини на функционери е само еден камен во планината од проблеми во правосудниот систем. Тој се согласува дека клучниот проблем е како семејните кадри влегле во правосудниот систем .

„Може да бидат избрани семејни кадри, но проблем е на кој начин се дојдени таму. Земете го примерот со положен правосуден испит без завршен факултет. Тоа е само една ситница на проблем кој се таложи веќе 20 години. Јас со сиот мој интегритет и храброст се борев за независно судство до 2019 година, но сфатив дека станува се полошо и дека не можам повеќе да придонесам. А мислам дека нема ни човек кој што може да придонесе ако нема волја во за тоа во извршната власт“, вели Зафиров.

Како кандидатите влегле во Академијата?

Во ситуација кога овие кандидати ја поминале Академијата и ги положиле испитите треба да се постави прашањето како овие кандидати стигнале до таа позиција, и дали влегле во конкуренција со помош на политичко влијание вели Ивановска.

„Јас не можам да утврдам дали тие заслужено се запишале или не, тоа е цела постапка од почеток која треба да се спроведе, ние немаме ни такви ресурси и тоа да истражуваме, тоа е суштината како се запишале, дали поради нив некој друг отпаднал а вредел повеќе “ вели таа.

Сите политичари јавно се залагаат за „ветинг“ во правосудниот систем, но во пракса нивни роднини се дел од новоизбраните обвинители и судии кои ќе ја бранат правдата. Последниот министер за правда Никола Тупанчевски пред половина година беше оптимист дека по големиот бран на пензионирање на судии и обвинители, правосудниот систем ќе добие „инфузија“ со новите кадри кои ќе излезат од Академијата за судии. Ова го изјави во јуни минатата година, за веќе во декември пред неговата смена да каже дека власта го става неговото министерство на „Пазар 3“.

Во јавноста не постои увереност дека може да се поправат состојбите во правосудството, за што говорат и резултатите од анкетите за доверба во судството и обвинителството, кои се исклучително ниски.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG