Достапни линкови

Лукаревска заменик претседател на СДСМ, нови потпретседатели Филипче и Битиќи


Седиштето на СДСМ во Скопје
Седиштето на СДСМ во Скопје

На денешниот 26 конгрес на СДСМ се бираа заменик претседател, потпретседатели и членови на Централниот и на Надзорниот одбор на партијата. Лидерот на СДСМ, Зоран Заев порача дека партијата има нови кадровски освежувања, кои се спој на искуство и на нова енергија.

Нов заменик претседател на СДСМ е директорката на УЈП, Сања Лукаревска на местото на актуелната министерка за одбрана Радмила Шекеринска. За потпретседатели на владејачката партија назначени се министрите Венко Филипче и Фатимир Битиќи на местото на директорот на Фондот за иновации Коста Петров и на генералниот секретар на Владата, Мухамед Зеќири.

Министрите Мила Царовска и Оливер Спасовски кои и досега ја извршуваа функцијата добија втор мандат како потпретседатели на партијата. На денешниот конгрес на СДСМ кој се одржа онлајн поради пандемијата на коронавирусот се избраа и членови на Централниот и на Надзорниот одбор.

Централниот одбор го почнува новиот мандат со 120 членови од листата што пред конгресот ја предложија лидерот на СДСМ, Зоран Заев и досегашното партиско раководство.

Заев изјави дека новата политика на СДСМ значи нови кадровски совежувања, спој на искуство и на нова енергија. Две третини од новиот состав на ЦО, според него, се нови лица кои досега не биле членови на органот. Од 120 членови 60 се жени и 60 се мажи, а млади се 45 членови.

„Со ова правиме значајно освежување на највисокиот орган, но истворемено го задржуваме континуитетот и искуството. Во составот на Централниот одбор се пресликани вредностите на СДСМ за целосна родова еднаквост, за соодветна застапеност на младите, како и темелните вредности за заедништвото преку концептот едно општество за сите“, рече Заев.

Според него, новиот состав е доказ дека СДСМ продолжува да се менува, но и да е прв во промените. Заедно со Централниот и Надзорниот одбор и со целото раковдство ќе ја спроведуваат партиската и владина програма.

„Сега заедно почнуваме ново 4 годишно поглавје со јасно зацртани цели. Пат на кој повторно ќе одиме заедно. Храбро и одлучно. Тоа е патот напред за кој добро знаеме дека можеме да го пробиваме. Продолжува фокусот за заштита на здравјето на граѓаните преку реализација на масовна имунизација, економски раст и развој и нови мерки за граѓаните, ред, правда и дисциплина, неселективно владеење на правото. Реализација на акција 21 за европски стандарди дома“, порача Заев.

Инфраструктурни проекти ќе го задржат приматот во Владата, додаде тој и вети изградба на 260 километри автопатишта и ќе бидат реконструирани 1.500 километри од постојната инфраструктура. Зелената агенда, според него, ќе биде врвен приоритет, а остануваат и на патот на европската агенда.

Во новиот состав на ЦО меѓу познатите имиња се градоначалникот на Карпош, Стефан Богоев, советничката за финансии Нина Фити, директорката на Инфективната клиника, Милена Стевановиќ, пратеникот Коста Костадинов, поранешната ракометарка Адријана Будимир, градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, докторката Софија Пејкова, генералниот секратар на Владата, Мухамед Зеќири, пратеникот Дарко Каевски, поранешниот директор на РЕК Битола, Васко Ковачевски.

Надзорниот одбор е составен од 9 члена. Уште еден мандат како генерален секретар на партијата ќе има Љупчо Николовски, кој е и вицепремиер за спречување корупција. Градоначалникот на Валандово, Перо Костадинов е претседавач со Централниот одбор. Мартин Попов е нов организациски секретар. Секретар за меѓународна соработка е министерот за правда Бојан Маричиќ.




  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG