Достапни линкови

Ковачевски и Петков најавија нов конструктивен тон во историската комисија


Софија- премиерите Димитар Ковачевски и Ангел Димитров на заедничка седница на македонската и бугарската влада, 25.1.2022
Софија- премиерите Димитар Ковачевски и Ангел Димитров на заедничка седница на македонската и бугарската влада, 25.1.2022

По заедничката седница на македонската и бугарската влада премиерите Димитар Ковачевски и Кирил Петков изразија задоволство од сработеното на работните групи од двете земји што резултираше со потпишани три меморандуми. Петков најави и нов пристап во историската комисија.

Три потпишани меморандуми- за земјоделство, за мали и средни претпријатија и за железничката линија Скопје-Софија е исходот од заедничка седница на македонската и бугарската влада која се одржа во главниот град на источниот сосед. Новите премиери на владите на двете земји Димитар Ковачевски и Кирил Петков и на оваа, втора прес конференција во последниве две недели, повеќе зборуваа за економските теми отколку за она за што и дојде до проблемот меѓу државите- историските прашања.

Заедничката комисија за историски прашања, чии копретседатели од македонската и од бугарска страна Драги Ѓоргиев и Ангел Димитров, исто така се сретнаа во Софија, ќе имаат нов режим на интензивна работа, откри бугарскиот премиер Петков.

„Денеска кога секоја од групите ги презентираше резултатите кои треба да ги постигнат и задачите, кај историоската комисија ние со Димитар забележавме друго ниво на ентузијазам за работа и определување на нов режим за работа. Тоа што ќе имаме три официјални средби за следните четири месеци, плус многу интензивна работа меѓу тие средби, дава друг ритам на работата што треба да се заврши. Тоа што констатиравме денеска за да се заврши работата треба да зборуваат, да се гледаат, да имаат заеднички цели и да имаат конструктивна рамка. Професорите од двете страни кажаа дека се подготвени овој нов начин на работа да се претвори во конструктивен тон“, рече Петков додавајќи дека нема да има промена во бугарскиот тим експерти.

Софија- состанок на копретседателите на историската комисија Драги Ѓоргиев и Ангел Димитров, 25.1.2022
Софија- состанок на копретседателите на историската комисија Драги Ѓоргиев и Ангел Димитров, 25.1.2022

Историската комисија е формирана во 2018 година, а нејзиното формирање е формулирано во Договорот за пријателство потпишан меѓу двете земји во 2017 година. Бугарија ги блокираше македонските европски интеграции во 2020 година, а претходната влада предводена од Бојко Борисов во чие време се воспостави блокада како главни проблеми ги поставуваше нерешените прашања за историјата меѓу двете земји. Историчарите постигнаа договор за заедничко чествување на пет личности- Цар Самоил, Кирил и Методиј, Климент и Наум Охридски, а првично запнаа за револуционерот Гоце Делчев.

Ковачевски и Петков, новиот пристап фокусиран пред се на економските теми, го промовираа при минатонеделната средба во Скопје. Ковачевски и денеска во Софија прашан за барањето на Бугарија македонските Бугари да влезат во Уставот, го повтори истиот став, дека може да побараат да бидат дел, но дека тоа е процес во кој што има повеќе чекори во кои се вклучени повеќе институции.

На прашањето што смета за успех во разговoрите меѓу двете земји Ковачевски ја спомена најавената авиолинија Скопје-Софија, додавајќи дека „критериум за успешност е ако следната недела имаме оператори кои ќе разговараат за екононсмски најодржливата авионска линија која би се воспоставила и би почнала со комерцијални летови од 1 март“.

„Во однос на политичките прашања, критериум за успешност е доколку низ разговор на сите овие комисии и низ еден политички дијалог меѓу владите, постигнеме договор и во догледен период да имаме прва меѓувладина конференција за Северна Македонија со ЕУ“, рече Ковачевски.

Според договорот од минатата недела, формирани се работни групи меѓу двете земји за соработка во економијата, за соработка во областите транспорт и врски, инфраструктурата, локалната самоуправа и меѓуграничната соработка, за сораборка во областа на европските интеграции, зелените политики и доброто владеење и за соработка во култура, образование и наука. Тие групи овие два дена се среќаваа во Софија, а како што беше најавено идната недела повторно ќе имаат средби.

Во меѓувреме, македонската владина делегација предводена од премиерот Ковачевски останува во Бугарија и попладнево ќе има одделни средби со бугарскиот претседател Румен Радев и со претседателот на бугарското Собрание Никола Минчев.

Инаку, првата заедничка седница на двете влади по потпишувањето на Договорот за добрососедство се одржа во ноември 2017 година во Струмица.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG