Достапни линкови

Има дестабилизирачки тенденции на европскиот пат на Западен Балкан


Косовската претседателка Вјоса Османи и македонскиот претседател Стево Пендаровски во Скопје.
Косовската претседателка Вјоса Османи и македонскиот претседател Стево Пендаровски во Скопје.

Косовската претседателка Османи-Садриу во Скопје побара од ЕУ да направи притисок врз Србија да го почитува Договорот меѓу двете земји. Претседателот Пендаровски им предложи да учат од Охридскиот рамковен договор и дека Северна Македонија има ист однос кон двата соседа.

Стабилизацијата на Балканот зависи од влезот на сите земји во Европската Унија, се согласија претседателот Стево Пендаровски и претседателката на Косово Вјоса Османи - Садриу, која е во официјална посета на Северна Македонија. Но, и двајцата претседатели посочија дека овој процес е загрозен од дестабилизирачки тенденции и малигно руско влијание.

Претседателот Пендаровски рече дека Северна Македонија има ист однос и кон Косово и кон Србија, бидејќи ја признава независноста на двете земји со кои има дипломатски односи.

„Би сакал да го реафирмирам нашиот став дека ги поддржуваме евро-атлантските аспирации на Република Косово и дека Северна Македонија е подготвена да ги сподели своите искуства во реформските процеси, како на патот кон Европската унија, така и во однос на членството на НАТО алијансата. Ја поддржуваме одлуката на Европската Унија за визна либерализација за Косово и активно го поддржуваме учеството на Косово во разни регионални и континентални формати на соработка“, изјави Пендаровски.

Косовската претседателка Османи-Садриу побара од Европската унија и другите сојузници на Косово да извршат притисок врз Србија да ги почитува обврските што земјата ги добила од Договорот за нормализација на односите. Таа додаде дека Србија со неодамнешните дејствија направила „флагрантно прекршување“ на два члена од Договорот.

„Какви ќе бидат дејствијата на Србија, повеќе или помалку мирисаме од последните изјави, а пред се од постапките кои беа прекршување на договорот постигнат во Брисел и анексот во Охрид. Како што знаете, членот 4 од овој договор предвидува дека Србија нема да се спротивстави на членството на Косово во ниту една меѓународна организација Нивното однесување во понеделник во Советот на Европа, но и нивното лобирање против прокосовскиот глас го докажа ова флагрантно кршење. Се разбира, нивната незаконска интервенција на изборите на Косово е прекршување и на членот 2 од овој договор“, рече Османи.

Но овие процеси се одвиваат под закана од тенденции за дестабилизација и негативно руско влијание, сметаат претседателите на Косово и Северна Македонија.

„Европските интеграции за жал се одвиваат под притисок на негативните ефекти од руската инвазија врз Украина“, рече Пендаровски. Додека косовската претседдателка Османи - Садриу се надоврза дека „нашите соседни земји од Западен Балкан треба заедно да работат против негативното влијание на Русија во регионот“.

И двајцата се согласиле дека двете соседни земји имаат значајна улога во напорите за постигнување на трајна стабилност, добрососедство и економски просперитет во дел од Европа.

Македонските претседател им предложи и на Косово и на Србија дека можат да го искористат македонското искуство за да ги нормализираат односите.

„Ако некој сака да научи од она што го постигнавме со Охридскиот договор во 2001 година, нема да згреши, иако спецификите на секоја земја налагаат и конкретни решенија за тие земји“, рече Пендаровски.

Тексотот за Договорот за патот кон нормализација на односите меѓу Косово и Србија го договорија претседателот на Србија Александар Вучиќ и премиерот на Косово Албин Курти на 27 февруари во Брисел. Тие потоа на средба на 18 март во Охрид се договорија и за анекс за имплементација на сите членови од договорот.

Сепак, Србија на 24 април на состанокот на Комитетот на министри на Советот на Европа гласаше против апликацијата на Косово во оваа европска организација. Српските власти дури предупредија дека ќе ја користат мерката реципроцитет кон државите кои не го почитуваат територијалниот интегритет на Србија. Според Уставот на Србија, Косово е дел од територијата на Србија.

На денешната средба, меѓу другото, Пендаровски и Османи-Садриу освен регионалните прашања, ја потенцираа економската соработка меѓу двете земји. Косово е на листата од 20 земји со кои Северна Македонија има најголема трговска размена. Само во минатата 2022 година, вкупната трговска размена е 482 милиони евра.

Османи-Садриу додаде дека Косово и Северна Македонија имаат потпишано над 40 билатерални договори.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG