Достапни линкови

„Зрно“ или љубов и славење на фотографијата во сите нејзини облици


Плакатот за првото издание на Интернационалниот фестивал на алтернативна фотографија
Плакатот за првото издание на Интернационалниот фестивал на алтернативна фотографија

Овој понеделник на 4 јули, со изложба на дела на Кети Талевска Бакревска, Викторија Мачковска, Мартина Павлоска и Сашо Алушевски во Културно информативниот центар - Скопје, започна првото издание на Интернационалниот фестивал на алтернативна фотографија „Зрно“.

На македонската културна сцена, по неколку години обмислување, конечно ќе и се случи првото издание на Интернационалниот фестивал за алтернативна фотографија „Зрно“ зад кој со силината на аргументите на сопственото творештво и потребата да се надминат локалните рамки застанаа неколкумина трагачи по авантури во играта со светлината. Од таму не случајно, Сашо Алушевски, фотограф и еден од пионерите на македонската алтернативна фото сцена, во каталогот за најавната изложба на која во продажниот салон на КИЦ – Скопје ќе се најдат лумен- принтовите на Кети Талевска Бакревска, автентичните цијанотипии на Викторија Мачковска, полароидите на Мартина Павлоска... и неговите цијанотипии од циклусот „Пикторијализам“, во случајов опремени од Владо Димоски, ќе забележи дека „секоја фотографија е едно помалку или повеќе совршено танго со светлината“.
Секоја фотографија е едно помалку или повеќе совршено танго со светлината. Повеќе или помалку свесна игра, во зависност од умешноста на танчерите. Неа не смее да ја има премалку, ниту премногу. Страста брзо пламнува но ако не се покаже потребното почитување и танчерот се препушти само на страста, како во случајот на Икар, танцот брзо се претвора во очаен пад во непознатото и бурно море... но, можеби и тоа е патот, вели Алушевски.

Од друга страна говорејќи за потребата од еден ваков Интернационален фестивал на алтернативна фотографија кај нас тој истакнува дека „Зрно“ е плод на нивната идеја да ја негуваат шареноликоста на нивниот омилен медиум.
„Зрно“ изрти од инхерентната потреба да ја негуваме шароликоста на нашиот омилен медиум и како отпор кон закоравениот поглед кон фотографиајта кај нас. „Зрно“ се нарекува фестивал, затоа што сака да ја слави фотографијата, во сите нејзини игриви облици. Зрно е иницијатива на неколку фото ентузијасти, кои сакаат да ја слават алтернативнта фотографија, старите процеси во фотографијата и нејзината незаменлива убавина. Зрно сака да ја разигра домашната сцена и да го испровоцира светот. Да го натера да успори, да промисли. Да допре. Да прифати игра, да се отвори за „грешките“. Да се насмее. Да се реобмисли себе. Да дише... ...за да можеме ДА РАСТЕМЕ ЗАЕДНО!, смета Сашо Алушевски.
И, кога сме веќе тука, на почетокот на „Зрно“, збор два и за актерите на свечениот чин на отворање на Фестивалот.
За Кети Талевска – Бакревска ќе биде наведено дека како авторка својот прв сериозен исчекор го сторила минатата година со својата концептуална изложба на „лумен принтови меѓу папратите“ во битолската Магаза. Дека тоа наедно бил и храбар исчекор и за целата домашна сцена. Дека посетителите, барем оние со малку повеќе фантазија, имале можност со нејзините дела да се прошетаат низ шума.

Дело на Мартина Павловска

Во Каталогот за Мартина Павлоска стои дека таа најчесто е пред камерата. Згора дека „не е толку вообичаено некој да биде добар пред и зад камера“. Сепак, според организаторите Павловска, со своите „радосни, длабоки, малку забегани, авентични и длабоко интимни полароиди“ им докажува на сите дека и тоа како грешат. Или, како што ќе биде напишано „одамна не сме виделе вака автентична и интимна авторска поставка, а уште подолго време поминало откако сме виделе авторски конципирани полароиди“. Кон ова уште дека станува збор за нејзината прва изложба и дека „Зрно“ ја има привилегијата на публиката да и ја прикаже во полн сјај.
И, Викторија Мачковска одлично се вклопува во мисијата на „Зрно“ да промовира нови имиња во фотографијата. На поставката се прикажана неколкуте нејзини „цијанотипии“ со кои таа, како што ќе биде забележано, „драматично успешно навлезе во слободата која ја носи самиот медиум, неговата навидум едноставна а сепак хировита природа“.
Кон ова уште информацијата дека Мачковска е и авторка на првиот плакат на „Зрно“, и првиот оригинален плакат кај нас, направен со алтернативна фотографска техника. Дека „нејзиниот пристап покажува длабоки, темни тонови и тие тонови како да имаат моќ да ни ги поттикнат и другите сетила“. Имено, гледачот може да го почувствува мирот на Големо езеро, или да го види бетовеновиот ракопис на оригиналната партитура на Месечевата соната во брановите на Северното море. Да го почувствува мирисот на оревот и да го осети неговиот лад“.

Викторија Мачковска - Цијанотипија

Конечно, Сашо Алушевски е пионер на македонската алтернативна сцена, а на најавната поставка за Интернационалниот фестивал на алтернативна фотографија се претставува со тонирани цијанотипии од избрани пејзажи во пикторијалистички манир. Со својот „обид за омаж на старите автори, пристап и едно заборавено, меко лице на фотографијата“.

Дело на Мартина Павловска

Инаку, по најавната изложба на Фестивалот, предвидено е до 20 јули да се одржат и неколку работилници за алтернативна фотографија на Матка, крај Скопје, за кои се пријавени повеќе од дваесеттина учесници од регионот.
Од 6 јули се селиме на Матка, каде што имаме неколку работилници. Имаме работилница за колодиумска фотографскија под водство на Предраг Узелац од Новосадската академија на уметности и Милош Дритаж од Никшиќ, потем за лумен принтови под водство на Кети Талевска Бакревска, работилница за цијанотипија под водство на Викторија Мачковска и со моја скромна помош, потем за Camera Obscura под водство на Дејан Калежиќ од Подгорица, работилница за аналогна фотографија или класична црно-бела фотографија и темна комора што ќе ја води Ивана Томановиќ, професор на Белградската и Новосадската академија за уметност ... Работилниците ќе траат до 10 јули и на нив уќество ќе земат и неколкумина студенти од Академиите на кои им овозможивме комплетно покривање на трошоците за превоз и престој затоа што едноставно сакаме, нели, да ја разиграме целата сцена и да понудиме поинаков поглед кон фотографијата и особено оние кои ја изучуваат да ги упатиме кон тоа да размислуваат дека има и поинаков поглед освен она што се гледа во секојдневието кај нас во фотографијата. Едноставно речено поинакви светогледи. На крајот ќе избереме по неколку дела од учесниците и тие ќе бидат претставени на изложбата што ќе се одржи на 24 јули во КИЦ во Скопје. И, последната обврска што си ја зададовме како тим е да посадиме уште неколку дрвца и така и симболично и практично да им покажеме на сите луѓе кои ќе дојдат до таа информација дека да посадиш дрво е многу корисна и благородна работа, истакнува Сашо Алушевски.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG