Достапни линкови

Ердоган игра на дипломатски придобивки со поглед кон изборите


Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган за време на церемонијата на потпишување на договорот за деблокирање на извозот на жито од Украина, Истанбул, 22 јули 2022 година
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган за време на церемонијата на потпишување на договорот за деблокирање на извозот на жито од Украина, Истанбул, 22 јули 2022 година

Серијата дипломатски победи, како договорот за обновување на извозот на жито од Украина, обезбедува одреден одмор за турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган од економските проблеми во Турција и да ја испланира неговата кампања за изборите кои треба да се одржат следната година.

Додека се подготвува за она што по се изгледа ќе биде најголем изборен предизвик во неговото речиси 20-годишно владеење, турскиот претседател Ердоган има достигнувања на глобалната сцена.

„Турција минува низ својот најсилен период политички, воено и дипломатски“, рече тој пред илјадници луѓе во северозападна Турција, ден по разговорите во Русија со претседателот Владимир Путин.

Напредокот на меѓународно ниво е во контраст со мрачната економска слика дома, при што инфлацијата се искачи на 79 насто, а вредноста на лирата е на рекордно ниско ниво.

Противниците ги обвинуваат неортодоксните економски политики на Ердоган, вклучително и низата намалувања на каматните стапки и покрај високата инфлација и смените на тројца гувернери на Централната банка од 2019 година, поради кои земјата има голем дефицит и се потпира врз надворешно финансирање за поддршка на економијата.

Ердоган изјави дека плодовите од економските политики на владата - со приоритет на извозот, производството и инвестициите - ќе станат појасни во првиот квартал од 2023 година.


Меѓународна поставеност


Во меѓувреме, владини функционери и високи членови на неговата владејачка АК Партија го прикажуваат претседателот како државник што им се спротивставува на изборните ривали кои ни приближно не ги исполнуваат неговите меѓународни ингеренции.

Група од 100 француски пратеници ја осудија воената политика на Ердоган кон Курдите

„Без разлика дали го сакате или не, Ердоган е лидер. Нема лидер во Турција кој може да го замени“, вели висок турски функционер, тврдејќи дека ниту една друга меѓународна фигура немала исто ниво на контакти со врвните светски играчи.

Договорот за рестартирање на извозот од Украина, прекинат по руската инвазија во февруари, може да го олесни недостигот на жито што доведе милиони луѓе пред глад и ги зголеми глобалните цени.

Со посредство на Обединетите нации и Турција, до договорот дојде откако Ердоган обезбеди отстапки од НАТО во врска со пристапувањето на нордиските земји Шведска и Финска и иницираше зближување со ривалските сили на Блискиот Исток.

Ердоган, исто така, го доби ветувањето во јуни од американскиот претседател Џо Бајден дека ќе ја поддржи продажбата на борбени авиони Ф-16 на Турција, откако Вашингтон ја блокираше Анкара да обезбеди понапредни авиони Ф-35 поради купувањето руско оружје.


Изборен тест


Најдолготрајниот владетел и најдоминантната политичка фигура откако Мустафа Кемал Ататурк ја основа модерна Турција пред речиси еден век, Ердоган се соочува со парламентарни и претседателски избори кои мора да се одржат до јуни 2023 година.

Анкетата на агенцијата Метропол во минатата недела покажа благ пораст на поддршката за неговата АК Партија на 33,8 проценти. Но, анкетите покажуваат дека тој заостанува зад опозициските претседателски кандидати.

Главна загриженост на гласачите е состојбата на економијата и присуството на 3,6 милиони сириски бегалци, прифатени од Турција на почетокот на конфликтот во Сирија, кои Турците сè повеќе ги гледаат како конкуренти за работни места и услуги.

„Владата ја користи надворешната политика за да ја прикрие економската катастрофа во која ја вовлече земјата, раскажувајќи дома приказни за „дипломатски победи“, вели Ердоган Топрак, пратеник од главната опозициска ЦХП и висок советник на нејзиниот лидер Кемал Киличдароглу.

Топрак додава дека дури и на дипломатски фронт, Ердоган прави отстапки кои „го нарушуваат достоинството на Турција и ја вовлекуваат земјата во проблеми“.


Поправка на регионалните врски


Ердоган, кој ги преживеа огромните антивладини протести во 2013 година и обидот за државен удар во 2016 година, се обиде да ги поправи заладените врски со другите блискоисточни сили, делумно со надеж дека ќе ги привлече многу потребните странски фондови.

Турција, Финска и Шведска ќе ги оценуваат ветувањата поврзани со тероризмот

Обединетите Арапски Емирати, ривалот на Турција во граѓанската војна во Либија и спорот во Заливот околу Катар, им се придружија на Кина, Катар и Јужна Кореја во договорите за размена на валутата со Анкара во вкупна вредност од 28 милијарди долари. Турција, исто така, се надева на договор со Саудиска Арабија и направи чекори за подобрување на односите со Египет и Израел.

„Гласачите се свесни за придобивките од дипломатијата. На моменти ќе се жалат на економијата или бегалците, но ќе гласаат за Ердоган за продолжување на ефикасна Турција“, вели еден претставник на партијата на Ердоган.

Клучно за дипломатијата на Ердоган на Блискиот Исток и пошироко е она што тој го нарече неговото „заедничко разбирање, засновано на взаемна доверба и почит“ со Путин - однос што предизвикува зголемена загриженост меѓу партнерите на Турција во НАТО откако Русија ја нападна Украина. Русија вели дека води „специјална воена операција“ за да ја ослободи Украина од националистите и за заштита на заедниците што зборуваат руски.

Турција се обиде да постигне рамнотежа со критикување на руската инвазија и обезбедување на оружје на Украина, додека одбива да му се придружи на Западот во воведувањето санкции кон Русија - став за кој вели дека помогнал во нејзините посреднички напори да имаат резултати.

„Со обезбедувањето на отворањето на коридорот за жито, повторно ја потврдивме клучната улога на Турција во решавањето на глобалните проблеми“, оцени деновиве Ердоган.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG