Достапни линкови

Дендијас - Заедно сме со С. Македонија на патот до Европа


Министерот за надворешни работи на Република Северна Македонија Бујар Османи, денеска на 25 мај 2022 во Скопје, се сретна со министерот за надворешни работи на Хеленската Република Никос Дендијас
Министерот за надворешни работи на Република Северна Македонија Бујар Османи, денеска на 25 мај 2022 во Скопје, се сретна со министерот за надворешни работи на Хеленската Република Никос Дендијас

Преговорите со С. Македонија и Албанија треба да почнат веднаш, порача попладнево грчкиот министер Никос Дендијас, кој е во посета на Скопје. Тој оцени дека Преспанскиот договор го спроведуваат верно и правилно и ја поздрави економската соработка. Грчкиот министер најави и инвестиција во енергетскиот сектор во земјава, во висина од околу 200 милиони евра.

Грција ќе даде поддршка за европската перспектива на Северна Македонија. Тука сум денеска дека да покажам дека сме тука до вас, заедно до вас, на патот до Европа, изјави денеска грчкиот министер за надворешни работи Никос Дендијас, кој е во посета на Скопје.

Тој на заедничка прес-конференција со неговиот домаќин, министерот за надворешни работи на С. Македонија, Бујар Османи, рече дека Грција посакува и работи засилено за обезбедување на мирот, безбедноста и стабилноста на регионот. А единствен пат да се постигнат тие цели е јасна поддршка на европската перспектива на Западен Балкан, рече попладнево Дендијас.

„Длабоко веруваме дека претпристапните преговори меѓу ЕУ, Албанија и Северна Македонија треба да почнат веднаш. Тоа е пораката што ја пренесуваме на нашите европски сојузници цело време“, порача Дендијас на прес-конференцијата.

Министерот Османи рече дека европската перспектива на регионот е прашање од безбедносен интерес за двете страни.

„Стартот на преговорите со Северна Македонија и со Албанија претставува најдобар начин да се врати европскиот кредибилитет во регионот“, рече Османи.

Грчкиот министер оцени дека неговата земја е посветена на верно и правилно спроведување на Договорот од Преспа. кој Скопје и Атина го потпишаа на 17 јуни 2018 година и со кој се надмина спорот за името на земјава. Тој ја нагласи и добрата економска соработка меѓу двете земји.

„Веќе го достигнавме нивото пред пандемијата и за нас е големо задоволство да слушнеме дека грчките инвестиции се на многу високо ниво во вашата земја. Исто така енергијата е многу важна точка за соработка меѓу двете земји. Сакаме да подржиме проекти за енергетска независност на вашата земја, преку проекти како што е проектот за терминалот во Александрополи“, рече грчкиот министер.

Дендијас најави дека голема грчка компанија има интерес да инвестира во земјава. Како што кажа се работи за инвестиција во станица за производство на струја и би изнесувала околу 200 милиони евра. Тој го истакна и значењето на тоа што земјава како членка на НАТО се држи принципиелно до ставовите на НАТО за прашањето меѓу Русија и Украина. Османи рече дека го радуваат податоците дека економската соработка со Грција надминува 900 милиони евра. Грција е четврти економски партнер по големина на Македонија.

Дендијас денеска ќе се сретне и со премиерот Димитар Ковачевски и со заменикот на претседателот на Владата задолжен за европските прашања, Бојан Маричиќ.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG