Достапни линкови

Вучиќ по повлекувањето на компанијата на Кушнер: Србија изгуби вредна инвестиција поради „хајка“


Зградата на Генералштабот во центарот на Белград
Зградата на Генералштабот во центарот на Белград

„Нанесена е огромна штета на Србија“, е првиот коментар на српскиот претседател Александар Вучиќ откако компанијата на зетот на американскиот претседател, Доналд Трамп објави дека се повлекува од планираниот проект за изградба на луксузен комплекс во Белград.

Фирмата на Џаред Кушнер „Affinity Partners“ за Радио Слободна Европа (РСЕ) наведе дека „во овој момент“ се повлекува, затоа што „значајните проекти треба да обединуваат, а не да разделуваат“.

На местото на зградите на Генералштабот, кое беше уништено за време на бомбардирањето на НАТО во 1999 година, инвестициската компанија „Афинити партнерс“ на Џаред Кушнер планираше да изгради станбено-деловен комплекс со брендот Трамп.

Вучиќ рече дека „поради кампањата и хајката што се водеше против инвеститорите“ и градежништвото, Србија изгуби инвестиција вредна најмалку 750 милиони евра.

На проектот се спротивставуваат антивладините демонстранти во Србија, опозицијата и стручната јавност, кои се за задржување на статусот на културно наследство и обнова на Генералштабот.

Веста за повлекувањето пристигна на денот кога Обвинителството поднесе обвинителен предлог против министерот за култура на Србија, Никола Селаковиќ, кого го обвинува за фалсификување документи, врз основа на кои Генералштабот ја изгубил заштитата како културно добро.

Тоа беше првиот чекор на власта, со цел да се овозможи градба на местото на Генералштабот.

Фирмата на Кушнер во својот одговор за РСЕ не ја спомнува постапката против министерот, ниту директно ги објаснува причините поради кои се откажува од градбата.

Одлуката е, како што велат, донесена и „од почит кон граѓаните на Србија и Белград“.

Тие истакнуваат дека нивната визија била да „понудат елегантно и инспиративно архитектонско решение кое оддава признание на напредокот на Србија“.

Без одговор остана и прашањето за следните чекори на компанијата по повлекувањето од проектот и какви последици тоа може да има врз Србија, која со компанијата на Кушнер потпиша договор во мај 2024 година.

Договорот, до денес, не е достапен за јавноста.

Вучиќ го обвини Обвинителството и „блокадите“ - како што ги нарекува антивладините демонстранти кои повеќе од една година протестираат против владата предводена од Српската напредна партија на претседателот Александар Вучиќ - за повлекувањето на компанијата на Кушнер.

„Лично ќе се погрижам секој што учествувал во предизвикувањето на ваков вид штета да биде одговорен за тоа“, рече Вучиќ.

Тој најави дека „лично ќе поднесе кривични пријави“ против „сите оние кои учествувале во потрагата и уништувањето на инвестицијата“, обвинувајќи ги за „економско поткопување на Србија“.

Тој, исто така, ги отфрли обвинувањата за корупција во овој проект.

„Никогаш немало корупција, ниту пак имало таква намера“.

Сомневања за фалсификување документи во фокус на истрагата на Обвинителството

Обвинителството за организиран криминал спроведува истрага од мај поради сомневања за фалсификување документи врз основа на кои Владата на Србија го одзеде статусот на културно добро на зградата на Генералштабот во Белград.

Директорот на Републичкиот завод за заштита на спомениците на културата, Горан Васиќ, според претходните обвинувања од Обвинителството, признал дека фалсификувал документи.

Врз основа на таа документација, до Министерството за култура, предводено од Никола Селаковиќ од редовите на Српската напредна партија (СНС), беше поднесена иницијатива за донесување одлука за престанок на статусот на културно добро за Генералштабот.

Од урнатини до станбено деловен комплекс: Што ќе гради зетот на Трамп во Белград?
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:51 0:00

По веста дека против него е покренато обвинение, Селаковиќ изјави дека „се радува на судењето, бидејќи тоа ќе го означи крајот на блокадата“.

Терминот „блокатори“ го користат претставниците на властите во Србија за учесниците во антивладините протести кои бараат одговорност за смртта на 16 лица при падот на настрешницата во Нови Сад и распишување предвремени избори.

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, претходно објави дека во случај да биде покренато обвинение во случајот со Генералштабот, ќе ги помилува сите оние кои „наводно учествувале во проневера“.

„Нема да им дадам можност да ги гонат оние кои не се виновни за ништо. Јас сум виновен. Јас сум оној кој сакаше да ја модернизира Србија. Јас сум оној кој сакаше да донесе голем инвеститор“, рече тогаш Вучиќ.

Со посебен закон, усвоен од српскиот Парламент на 7 ноември, со кој се одзема статусот на Генералштабот како културно богатство, властите отворија пат за изградба на луксузен комплекс.

XS
SM
MD
LG