Достапни линкови

Убиен полицаец на север на Косово, полицијата објави дека се ликвидирани тројца напаѓачи досега


Тензии на север на Косово, Бањски манастир
Тензии на север на Косово, Бањски манастир

Тензии на северот на Коаово откако изутрината во местото Бањска е убиен косовски полицаец, а подоцна косовската полиција соопшти дека според официјални информации досега се убиени тројца напаѓачи во реонот на Бањски манастир каде имало 30-тина напаѓачи.

Косовската полиција соопшти дека според официјални информации досега се убиени тројца напаѓачи на северот на Косово.

Во соопштението на косовската полиција се додава и дека четворица напаѓачи се уапсени, како и тоа дека кај нив биле пронајдени радиоврски, многу оружје, муниција и разновидна опрема.

Во раните утрински часови на северот на Косово загина еден косовски полицаец, додека други двајца се повредени. Полицијата соопшти дека потоа полесно бил повреден уште еден полицаец за време на конфликт со непознати лица.

Од полицијата велат дека ситуацијата се уште е тензична, а се слушаат и истрели.

Што се случува во Бањскиот манастир?

Рано утрово на север во Косово во местото Бањска убиен е косовски полицаец, а подоцна косовскиот премиер Албин Курти, но и министерот за внатрешни работи на Косово, Џељаљ Свечља, информираа дека околу 30 униформирани маскирани напаѓачи се наоѓаат во и околу Бањскиот манастир.

Курти рече дека овие лица се наоѓаат под опсада на косовската полиција. Потенцираше дека станува збор за професионални униформирани сили, но дополнително ќе треба да се утврдува на која единица тие припаѓаат.

„Нашите органи за безбедност и обвинителството секако дека ќе спроведат истрага за подобро да се разјасни чии се овие униформи“, рече Курти порано денеска на пресконференција за медиумите.

Косовскиот министер за внатрешни работи пак рече дека токму Бањскиот манастир е „изворот на вооружениот напад на север на Косово“.

„Овие терористи се опколени од полициски единици и крајно време е да се предадат“, истакна Свечља.

КФОР ја следи состојбата во Бањскиот манастир и се подготвува да реагира

Токму како резултат на новите случувања и тензии на северот на Косово, денеска се огласи и Мисијата на НАТО на Косово, КФОР, од каде го осудија нападот и соопштија дека доколку е потребно тие се подготвени да реагираат.

Во соопштението се вели и дека сили на КФОР веќе се присутни во критичната област.

„КФОР продолжува внимателно да ја следи ситуацијата во Бањска, а војниците на КФОР се присутни во оваа област, подготвени да реагираат доколку е потребно. Командантот на КФОР е во директен контакт со сите меѓународни механизми, вклучително и Европската Унија, косовските институции и Генералштабот на војската на Србија работат на изнаоѓање решение“, се вели во соопштението.

Силни осуди за насилството на север на Косово

Осуди за убиството на полицаецот на север на Косово пристигнаа денеска од меѓународната заедница, а меѓу првите кој реагираше се јави амбасадорот на САД во Косово, Џеф Ховениер, кој ги осуди како што рече „оркестрираните, насилни напади врз косовската полиција“.

„Косовската полиција има целосна и легитимна одговорност за спроведување на владеењето на правото во Косово. Сторителите морааат да бидат и ќе бидат повикани на одговорност и изведени пред лицето на правдата“, објави Ховениер на социјалната мрежа „Х“.

На социјалните мрежи се огласи и амбасадорот на Германија во Косово, Јорн Роде, кој порача дека сторителите на убиството мора да бидат пронајдени и изведени пред лицето на правдата.

„Во Косово треба да се спроведе владеење на правото“, напиша Роде на социјалната мрежа Х.

Осуда и утврдување на фактите за насилството на северот на Косово пристигна и од високиот претставник на ЕУ за надворешни работ, Жозеп Борел, кој повика на деескалација на состојбите.

„Уште повеќе невини животи се загрозени во непријателствата кои траат околу манастирот Бањска. Овие напади мора веднаш да престанат. ЕУ и нејзините членки повторно ги повикуваат сите актери да работат на деескалација на ситуацијата на северот на Косово“, истакна Борел.

Осуда и од македонска страна

Министерот за надворешни работи Бујар Османи набргу по објавувањето на веста за нови тензии и убиството на косовски полицаец на северот на Косово, на социјалните мрежи изрази сочувство до семејството на загинатиот и порача дека „насилството нема да ја поткопа стабилноста на Косово“.

„Најостро го осудувам убиството на полицаец во северниот дел на Косово. Моето срце е со неговото семејство и колегите. Целосна поддршка, сторителите на овој грозоморен чин да бидат изведени пред лицето на правдата. Актите на насилство нема да ја поткопаат стабилноста на Косово. Безбедноста на граѓаните на прво место“, напиша Османи на социјалните мрежи.

Покрај Османи со осуди за овој напад, на социјалните мрежи се огласи и првиот вицепремиер во земјава Артан Груби.

„Планираните дестабилизирачки случувања во северно Косово кон полицијата, државата и регионот се неприфатливи. Најостро го осудувам нападот врз косовските полициски сили во кој беше убиен полицаецот Африм Буњаку, а беа ранети и други во северно Косово. Апелирам на внимателност и зрелост, итно апсење на убијците, стабилизација на ситуацијата, одлучност за враќање на редот и законот и блиска координација со меѓународната заедница. Изразувам искрено сочувство до семејството Буњаку и на ранетите им посакувам брзо закрепнување“, напиша Груби на Фејсбук.

XS
SM
MD
LG