Достапни линкови

Шкупи vs Левски - натпревар што резултира со повредени и апсења


Нереди на фудбалскиот меч Шкупи - Левски во Скопје, 27 јули 2023
Нереди на фудбалскиот меч Шкупи - Левски во Скопје, 27 јули 2023

Од провокации до инциденти. Резултатскиот епилог на фудбалскиот натпревар меѓу скопски Шкупи и софиски Левски помина во сенка на насилствата кои се случија пред почетокот на квалификацискиот меч за Конференциската лига на Европа.

21 приведен навивач, 1 повреден со убод од нож и негови напаѓачи кои полицијата веќе ги идентификувала. Ваков е билансот од вчерашните инциденти во текот на целиот ден, во пресрет на фудбалскиот натпревар помеѓу Шкупи и Левски, меч кој УЕФА претходно го означи како високоризичен.

Од вкупно уапсените, 19 се навивачи на софискиот клуб Левски. Од нив, осум лица се приведени за насилство на спортски натпревар, две лица за физички напад на полициски службеници кои вршеле службени дејства, а девет поради агресивно однесување кон нив. МВР ги гони за нарушување на јавниот ред и мир пред почетокот на натпреварот на арената „Тодор Проески“. Меѓу приведените се и двајца навивачи на скопски „Шкупи“ кои околу полноќ биле уапсени бидејќи учествувале во тепачка.

МВР соопшти дека веќе ги идентификувала и напаѓачите на четворицата бугарски навивачи кои со две возила се движеле во близина на трговскиот центар „Чаирчанка”. Едниот од нив, 29 годишен бугарски државјанин заврши со убод од нож, но тој е во стабилна состојба.

Спасовски: Навивачите на Левски провоцирале во Чаир

Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски ден по синоќешните инциденти, упати порака дека спортските настани треба да бидат места за уживање, а не за создавање насилство. Иако, како што кажа првиот човек на македонската полиција, на самиот настан немало инциденти.

„Сите навивачи кои пристигнаа организирано на граничниот премин „Деве Баир“, оттаму се преземени и со полициски кордон се пренесени до стадионот. Но, имало веројатно неколку возила кои доаѓаат неорганизирано и при поминувањето во Чаир преку одредена провокација која ја прават настанува конфликт. Имаме едно лице повредено. Таму се идентификувани напаѓачите, работат колегите и се надеваме дека ќе имаме наскоро информации кои ќе бидат споделени со јавноста“, рече Спасовски.

За тепачката во Чаир, се огласи и Основното јавно обвинителство – Скопје. Од таму објаснуваат дека до инцидентот дошло откако навививачи на ФК „Левски “ со две возила се движеле во близина на трговскиот центар “Чаирчанка”, каде влегле во вербална расправија со случајни минувачи и граѓани.

„Бугарските навивачи ги запреле возилата и излегле од нив, по што вербалната расправија преминала во физичка пресметка со група граѓани кои излегле од околните објекти. При враќање во автомобилот, 29-годишен бугарски државјанин бил повреден со остар предмет во абдоменот. Кај него е констатирана тешка телесна повреда и е хоспитализиран. По извршена хируршка интервенција, тој е во стабилна состојба“, соопшти Обвинителството.

Според првичните сознанија на институцијата, напаѓачите на бугарските навивачи не биле дел од локална навивачка група. Од лице место се подигнати траги кои ќе бидат предмет на вештачење, а обезбедени се и видео снимки од околните објекти, како и од камерите на системот „Безбеден град“.

Сведоштва на навивачите за бугарските медиуми

Насилствата кои се случија во пресрет на фудбалскиот натпревар во Скопје се во фокусот на известувањата и во Бугарија. Повеќе навивачи во сведоштва за тамошните медиуми раскажуваат за поинаква верзија на настаните и обвинуваат за провокации од македонската полиција и навивачите на ФК Шкупи. Некои од нив, пак, тврдат дека биле неоправдано приведени, откако претходно без никакви провокации биле претресени, оценувајќи дека односот што го добиле има политичка основа.

Во првиот квалификациски натпревар од Конференциската лига на Европа, скопски Шкупи претрпе пораз од софиски Левски со резултат 0:2. Реванш натпреварот ќе се одигра на трети август во Софија.

Ковачевски: Инцидентите ги направија хулигани кои немаат врска со спортот

И премиерот Димитар Ковачевски се осврна на вчерашните настани пред почетокот на фудбалскиот натпревар на арената „Тодор Проески“. Според Ковачевски, фудбалот и кој било друг спорт треба да се остави на спортистите и на вистинските навивачи, а не на хулиганите.

„Ако ги погледнете вестите на агрегаторите на вести, тогаш ќе видите сè освен колку бил резултатот на натпреварот. А, фудбалерите се дојдени да играат фудбал, заради вистинските навивачи. Никој не зборува кој фудбалер како играл, туку сите зборуваат кои се тие 10, 15, 20 хулигани коишто се тепале и меѓу себе, и повредиле и полицаец чија повреда му е санирана и е пуштен на домашно лекување благодарение на лекарите“, одговори Ковачевски на новинарско прашање.

  • 16x9 Image

    Петар Клинчарски

    Петар Клинчарски новинарската кариера ја започнува како репортер во медиумот А1он, подоцна продолжувајќи ја во ТВ Телма. Од 2016-та до 2022-ра година беше дел од емисијата „360 степени“. Од јуни 2023-та година работи како новинар во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG