Дирекцијата за заштита и спасување склучи два договора за набавка на изолациски дишни апарати во април 2023 година и за термални камери за рано откривање на пожари и мерење на нивната температура на терен во ноември 2023 година.
Оваа опрема се уште стои заклучена во магацините на институцијата и не е распределена во територијалните протипожарни бригади. Освен во скопската.
Но, и предадената опрема од дишни апарати и термални камери за пожарникарите во главниот град се случила инцидентно и надвор од предвидената процедура.
Одговорноста да се употреби ја презема в.д. директорот на Дирекцијата, Џеват Селами. Таква одлука донел на своја рака кога се случи големиот пожар на зграда во општина Чаир кој траеше три дена.
„Таква одлука донесов кога ги видов пожарникарите како влегуваат во подрумот со хемикалии и во каква состојба се дишните апарати. Имаше пожарникар што му престанал дишниот апарат. Ризикот беше голем - температурата се креваше од 800 - 1.000 степени. Тогаш ме информираше командантот на скопската бригада Звонко Томовски – дека во магацин имаме супер опрема. Јас таа вечер направив Комисија со тројца луѓе од територијалните противпожарни бригади, го отворив магацинот и им дадов 20 дишни апарати за цело Скопје и 4 термални камери. Јас комисиски го решив тоа за да се знае точно кај се средствата. Ги известив вработените дека јас сум влегол со записник и решение наместо да ни загине некој пожарникар. Им реков - ако треба нека ме носат и затвор за оваа работа“, вели за РСЕ директорот Селами.
Комисија која не заседава
Според Законот за пожарникарство, Дирекцијата за заштита и спасување треба да има посебна комисија за одобрување за набавка на противпожарна опрема и средства за гасење пожари.
Во неа има пет члена - двајца членови од Дирекцијата, еден претставник од Министерството за финансии и градоначалниците на Скопје и Штип, Данела Арсовска и Иван Јорданов.
14-те територијални противпожарни бригади доставуваат барања до Дирекцијата за опремата што им е потребна, а оваа комисија доставува предлог до ДЗС за распределба на противпожарната опрема. Потоа, на предлог на Дирекцијата, владата носи конечна одлука каде ќе заврши она што е набавено.
Но, проблемот е што оваа Комисија се нема состанато повеќе од една година. Која е причината за тоа, не знае ни директорот Селами, кој стапи на функцијата кон крајот на август 2024 година.
На негова иницјатива, вели дека доставил службено барање до сите членови на комисијата за состанок за средината на следната недела.
„Јас ќе треба да дадам образложение за постапката што ја направив за тоа што го дадов сам, а другата останата опрема треба да ги распределиме, тоа треба да се договориме на состанок. Треба да имаме предлози од сите територијални противпожарни бригади каква опрема треба да купиме и истата комисија да ги слушне предлозите“, изјави Селами.
Преплатена опрема
Темата за набавката на дишните апарати и термалните камери за рано откривање на пожари, наоѓање на жаришта и опција за употреба на пониски и повисоки температури, РСЕ ја анализираше во март 2024 година, купена од тогашниот директор Беким Максути.
Договорот за 20 термалните камери е склучен на сума од 81.265 евра. Станува збор за моделот Флир модел К2. За една камера беше предвидено да се плати сума од 249.865 денари или 4.063 евра.
Онлајн проверката на РСЕ на пазарот на термални камери покажа дека ист ваков модел на камера Флир К2 на веб сајтот на производителот Флир на интернет може да се најде и за единечна цена од 1.499 евра. Доколку, пак, се наполни кошничката со 20 камери за нарачка, вкупната сума која би ја платиле изнесува 29.980 евра, без вклучен транспорт, царински давачки и данок.
Оваа сума само за камерите без давачките е за 2,7 пати поевтина од она што скопската компанија Тангента 2.0, која воедно била и единствен понудувач на тендерот, ги набавила за Дирекцијата за заштита и спасување.
Тогашниот директорот на институцијата Беким Максути, сепак, сметаше дека камерите не се преплатени, туку тврдеше дека се едни од поевтините на пазарот.
Набавката на опремата се најде и во извештајот на Државниот завод за ревизија за работата на институцијата. И државниот ревизор утврдил дека набавената опрема се уште се наоѓа во магацините на ДЗС и не е распоредена по општините.
„Укажуваме дека во март 2024 година набавени се уште 40 изолациски дишни апарати во износ од 5.000 илјади денари кои се наоѓаат во магацините на ДЗС. Во услови на бројни пожари на отворено во државата, кога лицата од ТППЕ се секојдневно активни во гаснење на истите, а при тоа се слабо опремени, набавувањето на ПП опрема и нејзино не распределување односно чување во магацин упатува на неефикасно и не ефективно трошење на средствата, влијае врз квалитетот со справувањето со пожарите, начинот на заштита односно уништување на шумите“, пишува во извештајот.
Ревизорот му препорачува на првиот човек на ДЗС, Селами да изработи и донесе критериуми за утврдување на потребите и приоритетите за набавка на ПП опрема и средства за гасење на пожари за противпожарните единици и навремена распределба на набавената опрема.
Нефункционален систем за одбрана од кризни состојби
Дирекцијата за заштита и спасување нема национална стратегија за спасување и заштита е генералниот заклучок на Државниот завод за ревизија.
Дека воспоставениот систем за одговор на кризни состојби не функционира призна и министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, кој вчера раководеше со седницата на упрвувачкиот комитет за координација и управување со Системот за управување со кризи.
„Освен адхок-решенија, да создадеме систем што ќе биде функционален и да одговори на овие состојби. Ангажирани се странски експерти, кои со своето искуство ќе помогнат во насока на збивање на редовите во Македонија, што значи дека идејата на Владата за спојување одредени институции, најверојатно, ќе треба да се имплементира најбргу што може, да се создаде законска легислатива и понатаму да одговориме сериозно како што ѝ прилега на една држава“, истакна министерот Панче Тошковски.
За да се создаде системско решение, во најверојатно спојување на Дирекцијата за заштита и спасување и Центарот за управување со кризи, треба да се изменат 19 закони за создавање на системско решение.