Достапни линкови

Партиите нови, амбициите големи


Илустрација: гласачки кутии
Илустрација: гласачки кутии

Колкави се шансите на малите и нови партии да земат гласови од СДСМ и ДУИ, од кои и произлегоа? Максим Димитриевски и Изет Меџити ќе „истрчаат“ против поранешните сопартијци, со реторика дека ќе ја освојат власта. Аналитичарите очекуваат најсилните меѓу новите партии да добијат до двајца пратеници. 

Неколку истурени партиски играчи се одвоија од поголемите СДСМ и ДУИ и ќе си ги пробаат шансите на следните парламентарни избори. Тоа се Максим Димитриевски, актуелен градоночалник на Куманово и поранешен член на СДСМ, Изет Меџити, поранешен градоначалник на ДУИ во Чаир, отворена е можноста и скопската градоначалничка Данела Арсовска да формира партија откако ја загуби поддршката од ВМРО - ДПМНЕ со чија помош победи на локалните избори во 2021 година....Колкави се нивните шанси како мали и нови партии да освојат пратеници на парламентарните избори в година, со Изборен закон кој ги фаворизира големите партии?

Нивната реторика е дека планираат да ја освојат власта. Аналитичарите очекуваат најсилните меѓу нив да добијат по еден до двајца пратеници.

„Пропорционалниот модел, со Донтов модел за распределба на мандати од партиските листи и со шест изборни единици, првенствено им служи на големите партии и коалиции. Не им дава шанса на малите и на новите партии“, вели аналитичарот Сефер Селими.

До утре, партиите треба да го добијат на маса Изборниот законик во кој се внесени забелешките на ОБСЕ/ОДИХР. Тоа беше и задачата на работната група што пред околу пет месеци ја формира Министерството за правда за да направи реформа на изборното законодавство.

„Ние својот дел го завршивме, што се однесува до имплементирање на препораките на ОБСЕ/ОДИХР. Најголем дел од препораките се веќе имплементирани, остана да се направат уште некои усогласувања меѓу Државниот завод за ревизија и Антикорупциска комисија околу одредбите за финансирање на партиите“, вели Александар Новаковски, претседател на работната група.

ОБСЕ/ОДИХР изминатите години посочи голем број препораки за подобрување на изборниот процес. Меѓу нив се: Изборниот законик да се ревидира сеопфатно со цел да се усогласи во рамки и со другите релевантни закони, да биде во согласност со целите на ОБСЕ, меѓународните обврски и добрите практики, властите да покажат поголема политичка волја за да обезбедат доволна поделба меѓу државата и партијата, да се поттикне учеството на жените во изборниот процес и во донесувањето политички одлуки...

Во исто време додека се подобрува Изборниот законик, трае и дилемата: дали в година ќе имаме заедно и претседателски и предвремени парламентарни избори (како што бараат опозициските партии) или изборите сепак ќе се одржат во редовниот термин – претседателските во март-април, а парламентарните после 5 мај 2024.

Кој и да биде терминот, сигурно е дека партиите и на овие избори повторно ќе трчаат според Изборниот законик со кој Македонија има шест изборни единици. Тој изборен модел ги фаворизира големите партии на чие „конто“ се префрлаат гласовите од помалите партии.

Една изборна единица – „за“ и „против“

Според аналитичарот Селими, дури и ако Северна Македонија биде една изборна единица, некои од помалите партии не би можеле да освојат ниту еден пратеник затоа што така ќе се изгуби силата на локалното претставување.

„Изборен модел што исто така се дискутира е осум изборни единици, распределени во согласност со планските региони во државата кој можеби би бил посоодветен за помалите партии“, смета Селими.

Помалите партии не се откажуваат од барањето да се смени изборниот модел за да ги зголемат своите шанси за повеќе пратенички места. Барањето беше поднесено уште во март 2021 година.

Павле Трајанов, претседател на Демократскиот сојуз, најави дека деновиве ќе бара од претседателот на Собранието, Талат Џафери, да ги стави на дневен ред на собраниска седница предлог-измените на изборниот законик.

Со нив се предлага Македонија да биде една изборна единица, без изборен праг и решение за самостоен настап на помалите етнички заедници. Главен аргумент за ваква сериозна промена во изборното законодавство е дека тоа ќе донесе поголемо претставување на гласот на граѓаните и истовремено поголем степен на демократија во државата.

„Предлогот е во процедура повеќе од две години. Првата фаза помина во собранието во јуни. Сега треба да следува втората фаза, амандманска расправа. Големите партии имаат монопол ако останат шест изборни единици. На овој начин помалите партии губат од 100.000 – 120.000 гласови, губат пратенички места. Само со усвојување на препораките на ОБСЕ/ОДИХР, во Изборниот закон ништо суштински не се менува“, вели Трајанов за РСЕ.

Но, за аналитичарите е дискутабилно колку и една изборна единица би им помогнала на помалите и на новите партии да освојат повеќе мандати.

„Постоечкиот изборен модел, особено Донтовата формула, ги фаворизира големите партии што ја водат земјата. И најголемиот дел од финансиите за изборите повторно им следуваат на големите. Малите партии најчесто имаат дисперзирана поддршка низ изборните единици, што не се ефектуира во пратенички мандати. Математички, на помалите политички субјекти не им одговара една изборна единица, бидејќи со тоа ја губат „базата“ во помалите средини, вели Марко Трошановски, претседател на Институтот за демократија „Социетас цивилис“.

Помалите партии уште чекаат поголема шанса на изборите

Само во последниве месеци беа најавени три нови партии – последното е движењето „За наша Македонија“(ЗНАМ) на градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски. Потписите се собрани, во тек е постапката за регистрација на партијата.

Претходно, се најавуваше и можноста скопската градоначалничка Данела Арсовска да излезе со своја партија.

Во август годинава, партија промовираше Изет Меџити, поранешен пратеник и градоначалник на Чаир, од редовите на ДУИ. Партијата доби назив „Демократско движење“ и настана како резултат на разидувањето на дел од т.н. „огнена група“, во која беше е Меџити, со матичната партија ДУИ.

На прашањето дали ќе бидат подготвени за избори, Меџити тогаш рече дека токму затоа брзаат со формирање на ова движење за да бидат спремни за секаков вид на предизвици што можат да се појават во меѓувреме.

Летово беше основана уште една партија на Албанците во Северна Македонија - Европска демократска партија чиј лидер е доскорешниот заменик-претседател на движењето „Беса“, Аријанит Хоџа. Тој изјави дека со формирањето на партијата, во Македонија се отвора нова страница на политичко дејствување.

Колку гласови би можеле да освојат тие на изборите, со ваков Изборен законик? Максим Димитриевски вели – очекувам да ја освоиме власта. Тврди дека има поддршка од членови на СДСМ, градоначалници, па дури и пратеници чии имиња допрва би се објавиле. “Некои не мислеа ни дека ќе победам на изборите за градоначалник, па победив“, коментира Димитриевски.

Аналитичарите сугерираат дека новите партии би можеле да имаат поголем успех доколку се концентрираат во одредена изборна единица – таму каде знаат дека имаат најголема поддршка. Тоа би им била посигурна опција да освојат пратеничко место отколку да ги губат гласовите низ сите шест изборни единици.

За да се промени изборното законодавство, треба да се согласат големите политички партии. Противник е ДУИ, од каде прифаќаат една изборна единица, но со пет отсто праг и со отворени листи, што за малите партии е неприфатливо. Од ДУИ велат дека прагот од пет отсто го предлагаат за да се обезбеди политичка стабилност во државата. СДСМ поддржува измени на Изборниот законик, но укажуваат дека за тоа е потребен консензус. Од ВМРО-ДПМНЕ даваат поддршка за една изборна единица, но откако ќе се договорат другите работи од препораките на ОБСЕ/ОДИХР.

Согласно постојниот изборен систем на парламентарните избори се избираат 123 пратеници. Од нив, 120 пратеници се избираат според пропорционалниот модел, а тројца пратеници (од редовите на дијаспората) се избираат според мнозинскиот модел во еден изборен круг и тоа по еден пратеник од три изборни единици во Европа и Африка, во Северна и Јужна Америка и во Австралија и Азија.

XS
SM
MD
LG