Достапни линкови

Мицкоски се жали на притисоци, Ескобар доаѓа во Скопје, а власта во кампања “Ние сме Европа“


Илустрација - Фотографија од интервјуто на Габриел Ескобар за Радио Слободна Европа
Илустрација - Фотографија од интервјуто на Габриел Ескобар за Радио Слободна Европа

Американскиот дипломат Ескобар доаѓа во Скопје каде ќе се сретне и со лидерот на ВМРО ДПМНЕ Мицкоски. Тој пак се жали дека „светот прави стратегија како да го скрши ВМРО ДПМНЕ“ за да гласа за уставните промени со кои бугарското малцинство ќе влезе во Уставот. Нова кампања на власта од 80 илјади евра

Во време кога власта тргнува во кампања под мотото „Ние сме Европа“, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски уште посилно го нагласува непроменетиот наратив на неговата партија - „Уставни измени под бугарски диктат нема да има, решение се предвремени парламентарни избори“.

Овојпат опозицискиот лидер отиде и чекор подалеку, па покрај тоа што одново рече дека ќе се повлече од политиката ако само еден пратеник од неговата партија даде глас за уставните измени, тој синоќа од Кичево рече и дека има притисоци од меѓународната заедница.

„Денеска додека ова го зборувам, ние сме соочени пред историски епохален предизвик. Денеска Европа, светот прави стратегија како да го скрши ВМРО-ДПМНЕ и овие 44 пратеници да изгласаат предавнички уставни измени во Парламентот скроени по бугарски диктат. Мора да се обединиме, да застанеме околу заедничката цел, а тоа е огромна победа на следните избори, силни реформи и Македонија онаква каква што сите ние си ја сакаме, и децата дома да ни останат“, порача Мицкоски синоќа на собир во Кичево.

РСЕ постави прашања до ВМРО-ДПМНЕ за тоа од каде конкретно доаѓаат притисоците врз опозицијата, како што се пожали Мицкоски, но до објавување на овој текст не добивме одговор од партијата.

Мицкоски изрази и увереност дека на следните избори, кога и да се случат, неговата партија ќе оствари „историски успех“.

Од друга страна пак, СДСМ смета дека не се виновни Европа и светот туку негативниот став на опозицискиот лидер.

„Мицкоски беше против членството во НАТО и цело време работи против членството во ЕУ. Без ниту една забелешка за предложената содржина на уставните измени ДПМНЕ се обидува да ја блокира европската иднина на земјата. Сега цела Европа и светот му се виновни за неговиот неуспех“, се вели во денешното соопштение на владејачката партија.

Власта со кампања од 80 илјади евра до уставни измени

Во реализација на Секретаријатот за европски прашања во земјава, а во соработка со Владата, вицепремиерот Бојан Маричиќ ја промовираше кампањата „Ние сме Европа“ вредна 80 илјади евра, во време кога веќе започна процесот за усвојување на уставните измени во Собранието.

Според зборовите на Маричиќ, главна цел за кампањата која чини пет милиони денари односно 80.000 евра, всушност е промоција на европските вредности.

„Целта е на граѓаните да им ги претставиме бенефитите од брзо членство во ЕУ, реформите кои треба да ги направиме и начините како членството ќе го зачува нашиот идентитет, посебноста и мултиетничноста на државата. Преку овие теми кои ќе ги пренесеме до граѓаните ќе бидеме отворени за се што сакаат да слушнат и за сите дезинформации кои им отвораат дилеми и прашања но и за тоа како секој граѓанин може да даде придонес за оваа историска задача“, изјави Маричиќ на стартот на кампањата.

За изјавата пак на Мицкоски дека и од надвор се крои стратегија против ВМРО-ДПМНЕ, оцени дека тоа е само купување на време.

„Гледаме дека забрзано се движат работите и за членство на другите држави, како Украина, сите направија чекор напред и ќе прават, така што ние наместо да влегуваме во теории на заговор дека постојано сме загрозени од некого од надвор или внатре треба да ги преземеме обврските затоа што тоа е наш интерес“, изјави Маричиќ.

Иако Маричиќ не откри конкретно дали се водат разговори со пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, тој рече дека стравува оти опозицијата воопшто нема план да гласа за уставните измени.

Од друга страна министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски потврди дека се водат разговори со пратеници од опозицијата.

„Се разговара со секој пратеник заради тоа што сега одговорноста е на пратениците, оние коишто ги претставуваат граѓаните. Мислам дека никој нема право да ја држи во заложништво перспективата на македонските граѓани“, рече Спасовски.

Габриел Ескобар доаѓа во Скопје, ќе се сретне и со Мицкоски

Заменик-помошникот државен секретар на САД, Габриел Ескобар, утре доаѓа во посета на Скопје каде што во наредните два дена освен со државно-владиниот врв, ќе се сретне и со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

Посетата на Ескобар доаѓа по отпочнувањето на пленарната собраниска процедура за усвојување на уставните измени за внесување и на Бугарите во Уставот.

Откако изјави синоќа дека „светот и Европа сакаат да го скршат ВМРО-ДПМНЕ“, денеска Мицкоски за посетата на Ескобар рече дека е добредојден секој добронамерен соговорник.

„Како и секоја друга посета. Изминатиот период имавме многу посети од високи странски претставници. Ќе ги слушнеме аргументите од таа страна, ќе ги кажеме нашите аргументи, отприлика содржината на тој состанок се наѕира, ја знаеме што е, така што секој добронамерен сдоговорник е добредојден, секој кој сака да ги слушне аргументите на коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ и на народот е добредојден. Тоа што сега власта се обидува посетата на на Ескобар да ја претстави, условно кажано, како дипломатски булдожер којшто тука е повикан од Владата за да врши тортура и притисок, е веќе слабост на овие криминалци во Владата. Тортура и притисок во 21-от век веќе никој не врши, а и да вршат тогаш одбрале погрешни соговорници“, рече Мицкоски, на новинарско прашање при посетата на Велес.

Во јули годинава Ескобар, во настапот пред Поткомитетот за надворешна политика на Конгресот на САД, изјави дека американската администрација работи со властите во Софија за Бугарија да не испорачува нови услови и барања откако земјава ќе ги исполни своите обврски од постоечките договори.

Кампањата како спас за уставните измени или нов пропаднат обид?

Дали во ваква ситуација може да се стигне до неопходното двотретинско мнозинство за уставните измени и внесувањето на бугарите во уставот?

Според политичкиот аналитичар Синиша Пекевски кампањата на Владата „ние сме Европа“ не може да вроди со плод.

„Многу е перверзно да кажеме и ние сме Европа во време кога членка на европската Унија се иживува врз нас. Претходно друга членка на ЕУ се иживуваше врз нас со небулозни барања, а сега имаме и втора членка на ЕУ што го прави истото. Дали е тоа во духот на европските вредности и почитување на сето она што ЕУ го пропагира? На граѓаните им е преку глава и веќе се свесни за вакви небулозни кампањи кои се прават со цел приближување на ЕУ во време кога секој ден гледаат дека во секој поглед, кога се работи за Македонија, се кршат тие правила и начела“, смета Пекевски.

Не се согласува со изјавата на Мицкоскии смета дека одредени светски политичари само сакаат да се најде решение на проблемот.

„Сметам дека е пресилна таа изјава и малку е конспиративна и не би се согласил дека светот има стратегија против ВМРО, туку бројни европски и светски политичари имаат интерес да го решат овој предизвик поврзан со Македонија, нив не ги интересира интересите на Македонија, туку само сакаат да го затворат ова прашање. Да, верувам дека притисокот кон ВМРО-ДПМНЕ е огромен, ама дека се прави стратегија за кршење, малку е пресилно кажано“, заклучи Пекевски.

Инаку за потсетување седницата за уставните измени во Собранието се одржа на 18 август, кога 70 пратеници гласаа за усвојување на дневниот ред, а заврши откако завршија и излагањата на пријавените пратеници.

За да се изгласаат уставните измени пак потребно е двотретинско мнозинство, односно 80 пратеници да гласаат „за“.

XS
SM
MD
LG