Постојано слушаме за стратегии и планови за аерозагадувањето, дека се потребни по неколку години за да се видат резултати. Може ли некои итни мерки да дадат резултат?
Приказната дека треба да се чека четири, пет, десет, сто години… знаете ли колку мртви луѓе се тоа? Во наредните 10 години колку, 50.000, 100.000 мртви ќе имаме? Секоја година се влошува ситуацијата со заболените. Таа истата приказна ја слушаме континуирано од секоја политичка гарнитура – дека ќе биде, дека не може веднаш да се реши проблемот. Само јас како активист зборувам на темата 10 години, други уште подолго од мене, како досега не мрднавме од мртва точка? Нема логика според мене приказните кои се кажуваат дека сега ќе треба да чекаме, сега ќе треба да правиме. Има итни мерки кои може да се преземат, кои за краток рок ќе донесат барем некакво подобрување на аерозагадувањето.
Како на пример?
Ние досега сме ги зборувале пет илјади пати истите работи, тие се достапни и на нашиот блог. Од мерки за помош за загревањето на домаќинствата, промена на грејните тела во државните институции, до мониторинг на индустријата итн. Не е дека ова е научна фантастика, но никогаш не е приоритет во ниту еден буџет, во ниту една програма. Во тоа што е дадено во програмата за чист воздух од Владата, има дел од предлозите што сме ги зборувале и ние, но се само набројани. Штуро е, нема рок, нема кој ќе биде задолжен, кои конкретни чекори ќе бидат преземени, нема за импактот што се очекува да биде од нив … Нема ништо освен листа на идеи кои би можеле да се имплементираат.
Од каде е најдобро да се почне? Потребно ли е време или може да се направи нешто од денес за утре?
Зарем не може веднаш да се обезбедат субвенции за инвертер клими? За што треба време тука? За тоа треба пренамена на средства во буџетот. Велиш – во ред, многу повеќе средства ќе пренаменам за тоа, отворам програма, пуштам луѓе да одат од врата на врата за да ги информираат граѓаните, посебно во оние населби каде знаеме дека има голем проблем со загадувањето од страна на домаќинствата. Тоа може веднаш да се случи. Може да се направи и пренамена на средства за загревање на институциите – зошто не може веднаш да се почне со тоа? Зошто не може веднаш да се почне и со вонредни и целовремени инспекции на индустриските објекти со А интегрирана еколошка дозвола? Што треба тука да се чека? Не е приказната дека треба да се направи, може одма да се почне само треба желба.
За вакви мерки, на пример, од Град Скопје имаше информација за засилен инспекциски надзор. Вие сте дел од Советот на Град Скопје, имате ли како советниците информација дали и што се прави против аерозагадувањето?
Ништо не е споделено со нас. Ништо не се споделува со јавноста. На жими мајка, не може да се работи. Велат има зголемени инспекции итн. Супер, ајде да ги видиме документите и резултатите – кои и колку биле казнети, зошто биле казнети, колкава е санкцијата, колкаво било детектираното загадување… Треба да има транспарентно работење на институциите. Дури не видам документација од страна на Секторот за инспекторат која кажува кои биле санкционирани, колку, зошто, кога е тоа направено, како понатаму е следено дека повторно нема прекршувања, јас ништо од тоа не можам да уважам. Вака е само општо соопштение.
Во декември вие како Зелен хуман град со останати невладини организации, активисти и независни советници организиравте и два протести против аерозагадувањето и упативте барања. Имате ли одговор од институциите?
Немаме, ниту една од институциите нема одговорено на барањата кои ги имаме испратено.
Ќе има ли нов протест?
Се дискутира со останатите за тоа како најдобро да се координираме и што би имало најголем ефект гледајќи дека реално сме игнорирани од страна на институциите кои година по година се преправаат дека не нè слушаат.