Достапни линкови

Паузата од САД за иселенички визи не важи за туристи, студенти, бизнисмени


САД - Зградата на американскиот Стејт Департмент, Вашингтон.
САД - Зградата на американскиот Стејт Департмент, Вашингтон.

Паузата на иселенички визи за Соединетите Американски Држави (САД) нема да влијае врз останатите типови визи за кои нема никакво ограничување, изјави министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски откако администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп на 14 јануари најави дека ја суспендира обработката на имигрантски визи за подносители на барања од 75 земји меѓу кои е и Северна Македонија.

Муцунски вели дека најмал број на апликации од нашата држава се апликации за иселенички визи, главно од повозрасни граѓани. За останатите типови визи - како што се туристички, студентски или визи за стопанственици, ќе нема никаква пречка.

Шефот на дипломатијата кажа дека приоритет на нашата држава во делот на визна политика со други држави, не се иселеничките визи, „туку визите насочени за развојот на државата, а развојот на државата значи подобра визна политика со стопанственици научници, студенти за сите наши граѓани и тука нема никаква промена во визната политика“.

„Перцепциски ова ме потсетува на целокупната приказна со тарифите. Кога излегоа податоците за тарифите, слушав критики дека сме вброени меѓу земјите со највиоски тарифи, но кога издејствувавме да бидеме помеѓу земјите со најниски тарифи за индустрии кои за нас се значајни, кога издејствувавме да спасиме работни места во компании истите тие критичари никаде не ги слушам“, изјави Муцунски на 15 јануари, по средба со раководството на Стопанската комора за информатички и комуникациски технологии – МАСИТ.

За 10 години 6.000 американски имигрантски визи на македонски граѓани

Според него, во наредниот период се очекува решевање на долгогодишни прашања.

„Оставете малку на времето и нашата комуникација, на фактот што имаме одлична соработка со нашиот стратешки партнер и она што можам да го кажам е дека во следниот период, па можеби во следните шест месеци дополнително позитивно ќе се изненадите од тоа што може да се случи во развојот на визната политика на САД кон нашата држава. Односно да почнеме да затвараме прашања кои 20 години се обидувавме да ги затвориме“, рече Муцунски.

На прашање кое е објаснувањето од САД во паузата за иселенички визи и за Северна Македонија, Муцунски рече дека е некоректно тој да ги кажува аргументите на САД.

За десет години, од 2014 до 2024 година, издадени се 6.000 имигрантски визи за граѓани од Северна Македонија, според податоците од Стејт департментот. Најмногу, 764 визи, биле издадени во 2018 година.

Во 2024 биле издадени 574 вакви визи.

СДСМ - Ова е резултат на погрешните политики на Владата

Опозицискиот СДСМ оцени дека одлуката на САД да ја опфатат Северна Македонија со мерката за суспендирање на обработката на визи, „ја става државата во ист ранг со земји како Сомалија и Сирија“. Членот на Извршниот одбор на СДСМ, Јон Фрчкоски, рече дека оваа одлука на САД е директна последица на погрешните политики на актуелната власт.

Стејт департментот на социјалната мрежа X (Икс) објави дека ќе ја запре обработката на имигрантски визи за 75 земји чии мигранти користат социјална помош од американските даночни обврзници во неприфатливо висок обем.

Според американските медиуми, Меѓу тие 75 земји од Балканот тоа се Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Косово и Северна Македонија.

Од европските земји на списокот се и Азербејџан, Белорусија, Грузија, Ерменија, Молдавија и Русија.

Иако Стејт департментот сè уште нема објавено официјален список, во една од објавите на X наведе дека „паузата влијае на десетици земји вклучувајќи ги Сомалија, Хаити, Иран и Еритреја, чии имигранти често стануваат јавен товар за Соединетите Американски Држави по пристигнувањето“.

Што е имигрантска виза?

Имигрантската виза е виза што му овозможува на странски државјанин да влезе во Соединетите Американски Држави со намера трајно да живее таму. Значи, во суштина, оваа виза е билет што му овозможува на примателот да стане легален постојан жител на Соединетите Американски Држави.

По влегувањето во САД, на носителот на визата му се издава таканаречена „зелена карта“, која служи како доказ дека носителот е законски постојан жител.

Оваа виза се издава на оние кои сакаат трајно да се преселат во САД, наместо привремено да ги посетуваат заради туризам, студирање или работа.

Откако ќе се одобри визата, лицето обично добива право трајно да живее во САД, да работи без ограничувања и на крајот да аплицира за американско државјанство.

За време на периодот на суспензија, граѓаните од земјите погодени од одлуката на Трамп можат да аплицираат за визи и можат да учествуваат во интервјуа.

Стејт департментот објави дека ќе продолжи да закажува интервјуа, иако нема да издава имигрантски визи на граѓаните на 75-те земји за време на суспензијата.

Од одлуката не се засегнати лицата со двојно државјанство кои аплицираат со важечки пасош од земја која не е вклучена во списокот од 75 земји.

Исто така, одлуката на САД не влијае врз оние кои веќе имаат важечка имигрантска виза.

Зошто Трамп ја донесе оваа одлука?

Американскиот претседател рече дека многу висок процент на странци кои се преселиле во Соединетите Држави, преку имигрантски визи, не работат - туку зависат од американската социјална помош.

Тој не сака странците кои имаат намера да имигрираат во Соединетите Држави да станат товар за јавните пари и за државната помош.

Трамп во ноември вети дека „трајно ќе ги паузира“ миграциите од сите „земји од третиот свет“ по пукањето во близина на Белата куќа, во кое извесно е дека учествувал авганистански државјанин и во кое загинал припадник на Националната гарда.

Официјалните податоци покажуваат дека САД издале над 612.000 имигрантски визи низ целиот свет во 2024 година, што е зголемување во споредба со 562.976 претходната година.

Азиската земја Бутан е на врвот на листата, бидејќи 81,4 проценти од неговите граѓани кои се преселиле во САД преку имигрантска виза живеат од социјална помош.

XS
SM
MD
LG