Достапни линкови

Петдневна жалост по смртта на иранскиот претседател во хеликоптерска несреќа


Празното столче на претседателот Ебрахим Раиси во иранскиот кабинет по потврдата за неговата смрт во хеликоптерска несреќа на планински терен, 20 мај 2024 година
Празното столче на претседателот Ебрахим Раиси во иранскиот кабинет по потврдата за неговата смрт во хеликоптерска несреќа на планински терен, 20 мај 2024 година

Иранскиот претседател Ебрахим Раиси беше прогласен за мртов во понеделник (20 мај), откако спасувачките тимови го пронајдоа неговиот урнат хеликоптер во западниот планински регион прекриен со магла.

Врховниот лидер на Иран, ајатолахот Сејед Али Хамнеи, прогласи петдневна јавна жалост по смртта на претседателот и неговата придружба.

Во пораката објавена во понеделник наутро, ајатолахот Хамнеи изрази голема тага поради смртта на претседателот Раиси во несреќа што се случи еден ден претходно во иранската провинција Источен Азербејџан.

„Во оваа горчлива трагедија, иранската нација загуби срдечен, понизен и ценет слуга“, рече ајатолахот Хамнеи, додавајќи дека претседателот Раиси никогаш не ја прекинал својата напорна и дневна и ноќна работа за народот на Иран и покрај критиките од недобронамерници.

Тој изрази сочувство до иранскиот народ и го овласти потпретседателот Мохамад Мокбер да ја преземе функцијата привремен претседател и да работи со лидерите на иранскиот парламент и правосудството на подготовка на теренот за избор на нов претседател во следните 50 дена.

Иранскиот закон предвидува дека доколку претседателот умре, власта му се пренесува на првиот потпретседател. Сегашниот прв потпретседател на Иран е Мохамад Мокбер.

Ајатолахот Хамнеи, исто така, изрази жалење за смртта на другите високи функционери кои беа со претседателот Раиси во хеликоптерската несреќа, вклучително и министерот за надворешни работи Хосеин Амир-Адолахиан, како и главниот имам на Табриз и гувернерот на покраината.

Иранскиот претседател Ебрахим Раиси и неговите придружници биле пронајдени мртви на местото на падот на хеликоптерот во северозападниот дел на Иран. Иранската државна телевизија објави дека хеликоптерот се урнал поради лошите временски услови.

Екипите за пребарување и спасување, потпомогнати од неколку странски влади, трагаа по хеликоптерот откако тој падна во лоши временски услови во планинска област на земјата доцна на 19 мај.

Хеликоптерот на Раиси бил на пат кон градот Табриз кога се урнал во близина на градот Џолф во, како што рече државната телевизија „напорно слетување“, но неколку извештаи цитираат владини извори кои велат дека хеликоптерот се урнал додека преминувал планина и шумска област.

Иранската влада соопшти дека хеликоптерот бил еден од трите што летале во конвојот, а другите два наводно безбедно слетале во Табриз.

Ултраконзервативниот Раиси и Амир-Абдолахиан беа во Азербејџан претходно на 19 мај за да ја отворат браната со азербејџанскиот претседател Илхам Алиев, кој на платформата Х напиша дека Азербејџан е „длабоко вознемирен“ од веста дека хеликоптерот на Раиси се урнал.

Посетата беше организирана, јавува Асошиетед Прес и покрај заладувањето на односите меѓу Иран и Азербејџан по вооружениот напад врз амбасадата на Азербејџан во Техеран во 2023 година. Односите меѓу двете земји дополнително се оптоварени со дипломатските односи на Азербејџан со Израел.

Иран има значителен број хеликоптери, но меѓународните санкции ја отежнуваат набавката на делови за нив, пренесува Асошиетед Прес. Воената воздушна флота на Иран главно датира од периодот пред Исламската револуција во 1979 година.

Фотографија направена од видео објавено од иранската Црвена полумесечина на која спасувачи извлекуваат тела од местото на падот на хеликоптерот на претседателот Ебрахим Раиси во планинскиот регион прекриен со магла во северозападен Иран, 20 мај 2024 година
Фотографија направена од видео објавено од иранската Црвена полумесечина на која спасувачи извлекуваат тела од местото на падот на хеликоптерот на претседателот Ебрахим Раиси во планинскиот регион прекриен со магла во северозападен Иран, 20 мај 2024 година

Пораки за солидарност по смртта на Раиси

На 20 мај странските влади изразија своето сочувство и солидарност кон иранскиот народ.

Претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, изрази сочувство во име на Европската Унија по смртта на иранскиот претседател Ебрахим Раиси во хеликоптерска несреќа.

„ЕУ го изразува своето искрено сочувство за смртта на претседателот Раиси и министерот за надворешни работи Абдолахиан, како и другите членови на нивната делегација и екипажот во хеликоптерска несреќа“, напиша Мишел на платформата Х.

Рускиот претседател Владимир Путин испрати телеграма со сочувство до врховниот лидер на Иран, ајатолахот Сејед Али Хамнеи. Путин изјави дека смртта на Раиси е „огромна трагедија“ што го снајде народот на Исламската Република Иран, додавајќи дека Раиси бил исклучителен политичар кој целиот свој живот го посветил на служење на својата земја и „вистински пријател на Русија“, пренесе Интерфакс.

„Како вистински пријател на Русија, тој даде непроценлив личен придонес во развојот на добрососедските односи меѓу нашите земји, вложувајќи големи напори да ги доведе до ниво на стратешко партнерство“, се наведува во телеграмата на Путин.

Индискиот премиер Нарендра Моди рече дека е „длабоко тажен“ поради смртта на Раиси, додавајќи дека покојниот ирански претседател придонел за „зајакнување на индиско-иранските билатерални односи“.

„Моето искрено сочувство до неговото семејство и народот на Иран. Индија стои со Иран во овој тажен момент“, напиша Моди на X.

Ирачкиот премиер Шија ал-Судани изрази солидарност со иранскиот народ.

„Изразуваме искрено сочувство до врховниот лидер на Исламската Република Али Хамнеи и до нацијата на Иран, нејзината влада и народ. Ја изразуваме нашата солидарност со братскиот ирански народ и со претставниците на Исламската Република за време на оваа болна трагедија“, рече ирачкиот премиер.

И палестинската група Хамас, која САД и ЕУ ја прогласија за терористичка соопшти дека ја споделува „болката и тагата“ на иранскиот народ по смртта на Раиси и другите официјални лица, изразувајќи „целосна солидарност“ со Иран.

Хамас додаде дека покојните ирански функционери имале историја на „почесни позиции“ за поддршка на палестинскиот народ и отпор против Израел, вклучувајќи ги и напорите да се запре тековната војна во Газа.

„Уверени сме дека Исламската Република Иран ќе ги надмине последиците од оваа голема загуба, братскиот ирански народ има институции кои можат да се справат со оваа сериозна криза“, се вели во соопштението на Хамас.

Раиси беше избран за претседател во 2021 година и оттогаш ги заостри многуте ограничувања за Иранците со спроведување на законите за морал и крваво задушување на антивладините протести предизвикани од смртта на Макса Амини додека беше во полициски притвор за наводно кршење на строгиот кодекс на облекување.

Шеесет и тригодишниот Раиси претходно беше на чело на судството во земјата. Тој се смета за штитеник на иранскиот врховен водач, ајатолахот Али Хамнеи, а некои аналитичари сугерираат дека тој би можел да го замени 85-годишниот лидер по неговата смрт или оставка.

На претседателските избори во Иран во 2021 година беше забележан најмал одзив на гласање во историјата на Исламската Република. Раиси е под санкции од Соединетите Држави (САД) делумно поради неговата вмешаност во масовната егзекуција на илјадници политички затвореници во 1988 година на крајот на крвавата иранско-ирачка војна.

Под Раиси, Иран моментално збогатува ураниум и ги попречува меѓународните инспекции. Иран ја вооружи Русија во нејзината војна против Украина и изврши напад со беспилотни летала и ракети врз Израел во време на неговата војна против Хамас во Појасот Газа.

Иран го поддржува Хамас, кој САД и Европската Унија го прогласија за терористичка организација. Таа, исто така, обезбедува поддршка со оружје за прокси групи на Блискиот Исток, како што се Хутите во Јемен и Хезболах во Либан.

XS
SM
MD
LG