Достапни линкови

Ѓорѓиевски - Град Скопје нѐ блокира на секое поле


Ѓорѓиевски - Потребна е трансформација на „Комунална Хигиена“
please wait

No media source currently available

0:00 0:14:56 0:00

Ѓорѓиевски - Потребна е трансформација на „Комунална Хигиена“

Долго време речиси не постои соработка со Град Скопје, вели градоначалникот на општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, во неделното интервју за Радио Слободна Европа. Тој смета дека преку расформирање на претпријатието „Комунална Хигиена“, ингеренциите треба да ги добијат скопските општини, за да се добие подобра хигиена во градот, но и да се избегнат партиски вработувања.

Г-не Ѓорѓиевски, се вжешти атмосферата меѓу вас и градоначалничката на градот Скопје Данела Арсовска. Каде, освен со комуналната хигиена ви заглави соработката?

Малку се сферите каде имаме соработка, речиси никаде. Тоа се случува, не изминатиов месец или недела дена, туку тоа трае со месеци наназад. Ние практично имаме блокада на секое поле од страна на градот Скопје и јавните претпријатија и целата ситуација кулминираше вечерта кога ние практично влеговме да ја завршиме работата како градоначалници од скопските општини, на оние коишто треба да си ја завршат работата, а ја немаа завршено. Наидовме на неразбирање од нивна страна и наместо да кажат благодарам, бидејќи се соочивме со проблемот откако неколку дена се таложеше отпад по улиците во главниот град, а здравјето на граѓаните беше ставено во ризик, ние добивме блокада вечерта во доцните часови пред јавното претпријатие „Дрисла“, а подоцна се соочивме со оние би рекол несмасни изјави од нивна страна за тоа дека ќе ги казнувале Кисела Вода и Сопиште како општини затоа што сме одложиле дел од отпадот пред „Дрисла“.

Вие баравте да се расформира комунална хигиена, да ви се дадат ингеренциите и механизацијата вам. Колку тежи бизнисот за собирање на комунален смет?

За мене е ирелевантно колку тежи бизнисот со собирање на смет и кој е во тој бизнис. За мене е многу важно кога ќе излезам на улица прво глетката која ме опкружува да биде пријатна за гледање. Второ, да бидеме експедитивни и експересно да се спроведуваат постапките за почиста животна средина. Ако во Скопје се направи анкета денес, втора тема во градот е хигиената, а на хигиената многу малку се внимава. Затоа сметам дека ако се расформира комуналното претпријатие, а тоа не е само мој личен став, во тоа сме обединети сите градоначалници од Скопје, јас сметам дека со трансформација на претпријатието „Комунална Хигиена“, кое што за жал во моментов не си ги врши како што треба работите, од една страна ќе имаме поекспедитивна постапка, ќе имаме почиста и поздрава животна средина и тоа ќе чини многу помалку, од тоа што ги чини од денешна гледна точка Комунална Хигиена.

Што би била разликата ако вие ги земете ингеренциите?

Разликата како прво ќе биде дека нема вработувања, колку да бидат луѓе партиски вработени по списоци, да земаат плата, а да не одат на работа. Јас го поздравувам секој чекор на било кој државен функционер, вклучително директорката на „Комунална Хигиена“ со којшто врши заштита на одредено јавно претпријатие или на било која државна институција, се со заштеда на парите на граѓаните. Охрабрувам постапувања против лица коишто не оделе на работа, а земале плата.

Како го коментирате тврдењето на градоначалничката на Град Скопје Арсовска за вработувањата во комуналните претпријатија, дека вработените не оделе на работа и земале плата затоа што се партиски вработувања?

Се е тоа одлично и јас истото го поддржувам и ги охрабрувам сите да постапуваат во таа насока. Но, главното прашање е што беше договорот досега и со кого се преговарало и одговарало за после две години, вие како менаџер на една институција да сфатите дека имате над 50-лица коишто не оделе на работа и земале плата. Што правеа две години? Ако на некој му се потребни две години да сфати како менаџер дека има повеќе од 50 или 60, или не знам колку плати коишто завршуваат напразно во нечиј џеб, тогаш ние што да очекуваме за реализација на други сериозни реални и сериозни проекти коишто треба да се реализираат за да се подобри животот на нашите сограѓани.

Дали вие можете да и кажете „не“ на вашата партија ако ви бара вработувања?

Мене партијата не ми побарала изминатава и седум осум месеци откако сум градоначалник ниту еден да го вработам од партијата, ниту пак јас сум човек којшто ќе дозволи некој да му се јави и да му каже – треба да вработиш некого или тој и тој треба да биде ставен на список за да зема плата, а да не оди на работа.

Во врска со Расадник, таму беше стопирано градењето, до каде е работата, дали целосно се откажавте од градење?

За Расадник, јас согласно и моите ветувања во кампањата кажав дека ќе се креира детален урбанистички план по волја на граѓаните, по пат на меѓународен конкурс за избор на идејно решение. Иако многумина во кампањата сметаа дека тоа го говорам декларативно и дека и дека нема истото да биде реализирано по изборите, јас докажав како и за останатиот дел од моите ветувања пред изборите, дека сум со конзистентен став, но цврсто стојам на она што сум го дал како ветување пред моите сограѓани. Во тек е меѓународен конкурс за избор на идејно решение, рокот му е до крајот на септември, а има формирано комисија во којашто партиципиенти се најстручните лица од фелата на урбанизмот во Македонија, но имаме и претставници од Италија, а целиот процес го води УНДП, но партиципираат во телото сопственици на плацови, затоа што не е тоа целосно државна сопственост, туку околу 80 проценти е приватна сопственост и партиципираат граѓани кои во минатото беа дел од протестите. Сите учествуваат во процесот, освен мене, јас сум изземен на страна и ќе оставам најтранспарентно да се одвива овој процес. Мене ми е многу важно што прво спречив прво да се случи една катаклизма од 99 висококатници кои беа планирани. Тоа ми е драго, а за понатаму верувам дека ќе се избере некое идејно решение.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG