Достапни линкови

Филипче: Верувам дека САД конкретно ќе помогнат за евроинтеграциите


Филипче: Се поткопува довербата во здравството
please wait

No media source currently available

0:00 0:18:26 0:00

Филипче: Се поткопува довербата во здравството

За време на претходниот мандат на претседателот Трамп беше потпишан Преспанскиот договор и се надевам дека САД и конкретно би ни помогнале во откочување на процесот со ЕУ, вели претседателот на СДСМ Венко Филипче во интервју за РСЕ. Смета дека власта неодговорно ја поткопува довербата во здравството. Кандидатите на СДСМ за локалните избори ќе се знаат во април, а вели дека од коалицирањето со ДУИ вели “многу работи ни се удрија од глава“.

На Клиниката за онкологија додека пациенти немаат биолошка терапија се води меѓупартиска битка, која вие ја сметате за политичка хајка. Очекувате ли кривична пријава?

Бев клеветен и обвинуван без апсолутно никаква основа, односно дека дури и во тоа најтешко време на COVID, кога целиот здравствен систем беше посветен да ги лекува пациентите со COVID, вклучувајќи ги и најтешките онколошки пациенти, кои исто така заболуваа од COVID. Понатаму, терапијата им беше праќана во други болници низ државата поради рестрикциите на движењето, согласно со вонредната состојба и така натаму. Дури во овие тешки времиња, клиниката ги извршувала своите обврски, а со тоа биле задоволени сите законски критериуми во контекст на одговорностите на министерот. Сите 6-месечни извештаи беа таму и формирани тумор бордови со важечки мандат. Така што сметам дека направена е навистина една груба злоупотреба на институцијата, прво Собрание, понатаму Aнкетна комисија. Се поткопа довербата во здравствениот систем во тој дел, не навлегувам на останатиот дел на истрагата, тоа што се прави во тоа, како стручно биле третирани пациентите, каде што министерот и министерството немаат никакви ингеренции, но се поткопа довербата во овој дел од системот. Понатаму, се поткопа довербата во институцијата Анкетна комисија, која, дали се прикривале или не документи, не сакам сега да шпекулирам, но факт е дека континуирано од тогаш до сега, заклучено со една прес-конференција изјава на пратеничката Мизрахи, дека повторно не сум ги извршувал своите обврски, е крајно несериозна работа, е скандал без преседан.

Значи не чувствувате одговорност и тврдите дека не имало злоупотреби при тендерите и набавките, додека вие бевте министер за здравство.

Во еден дел набавки имаше од страна на Министерството за здравство и ние тогаш направивме системски пристап, во кој здравството изработи многу работи. Ние направивме систем, во кој, освен со заштита, внимание, донесовме и нови лекови кои до тој момент ги немаше во државата. Пациентите со онколошки болести, беа праќани или на своја рака, одеа надвор од странство да бараат лекување, поради тоа што оваа современа терапија до нас не беше достапна.

Зошто тогаш сега се појавува недостиг, ако овој систем уште функционира?

Сметам дека крајно неодговорно се водат политиките во секторот здравство. Има бројни проблеми. Колегите навистина укажуваат на тоа, дека системот не функционира како што треба. Донесени се и поставени менаџери, директори на клиники, кои навистина немаат искуство како тоа се прави. Има директори на клиники коишто не оперираат на хируршките клиники, немале ниту една операција, како се поставени на функцијата, а ги водат во стручните колегиуми. Огромни се листите на чекање. Нема лекови. Сето тоа укажува, една тотална незаинтересираност од страна на менаџментот и во Министерството за здравство и во делото на менаџирањето на клиниките. Беа многу критикувани формите на така наречен реверс. Тој е систем, кој секогаш се обезбедуваа лекови за нашите пациенти.

Сега најавуваат дека ќе го укинат сосема.

Добро, но цената, која се плаќа со човечки животи. Така што се надевам дека ќе најдат некој добар систем, во кој вакви проблеми во иднина нема да се случуваат.

Граѓаните се организираат, по примерот на Хрватска за бојкот на маркетите. Оваа поскапување на цените не почна сега, богатеење на маркетите, како што велат граѓаните, почнало многу порано, уште за време на владеењето на СДСМ. Зошто тогаш не сте реагирале?

Зошто тогаш не имаше протести. Поради тоа што имаше причина за раст на цените, а тоа беше високата инфлација, како резултат на бројните кризи од COVID, финансиска, енергетската криза, да потсетам колку беше цената на струјата пред две години наспроти сега. И во најголемите кризи воспоставивме систем во кој континуирано растеа платите. Минималната плата се зголеми за три пати. Просечната плата порасна двојно. И сега, оваа влада на ВМРО-ДПМНЕ, прво најбрутално го запре тој раст на платите. Понатаму, најавуваа какви мерки ќе преземат, со цел да го спречат растот на цените во маркетите. Се сомневаме, со цел да им најават на газдите да се спремат за тие мерки. И, што се случи, неконтролиран раст на цените, страшно поскапи производи, дури споредени и со некои од маркетите во регионот.

Изјавивте ако владата изработи подобра позиција во преговорите со Европската унија, дека ќе ја поддржите. Владата има веќе позиција за уставни измени со одложено дејство. Дали тоа би е прифатливо за СДСМ?

Да потсетам, дека ВМРО-ДПМНЕ дојде на власт со две ветувања: прво, да ја смени преговарачката рамка и второ, да обезбеди некакви гаранции. Да кажам конкретно, очигледно е дека од Европската унија стигнуваат сигнали дека тоа за нив не е прифатливо. А ние сега зборуваме со Брисел. Со ЕУ, не со Бугарија, тоа е нивото на кое разговараме и треба да дебатираме за сите работи. Но доколку Владата успее да го добие тоа во смисла да биде толкувано како некое подобрување и дека ќе биде доволна гаранција за во иднина, ние тоа ќе го поддржиме. Морам да кажам дека се губи време. Сега има политички избрана влада во Бугарија. Не гледаме дека има некаква иницијатива за средба за подобрување на нашата позиција. Апелирам владата час поскоро да се обиде, да направи барем нешто, да знаеме на што сме.

Очекувањето од владата е големо од новиот американски претседател Трамп, дека ќе помогне во откочувањето на евроинтеграциите. Што мислите вие за тоа?

Соединетите Американски Држави се наш докажан, најдобар и најголем стратешки партнер. Кога ги гледате изминатите години, повеќе децении се наши партнери во донесувањето на сите одлуки во корист на државата, а тоа е секако и во корист на граѓаните. Искрено се надевам дека тоа ќе продолжи. За време на претходниот мандат на претседателот Трамп беше потпишан Преспанскиот договор и тогаш дипломати од САД беа вклучени, и од наша страна и од страна на Грција. Искрено се надевам дека може да сметаме на таа веќе традиционална соработка, поддршка од САД, потпишани се повеќе договори и официјални за стратешка соработка и стратешко партнерство. И еден предлог за размислување на владата. Во рамките на договорот за стратешки дијалог да најдеме форма во која САД конкретно би ни помогнале во делот на преговорите или во откочувањето. Нека се обидат и во тој дел да направат нешто, и не се сомневам во поддршката која ја добиваме од САД.

Се приближуваат локалните избори? Дали веќе одредивте некои сигурни кандидати и каков резултат очекувате?

Очекувам дека овој процес ќе заврши некаде во март или почетокот на април, за да до крајот на април добар дел од кандидатите за градоначалници и советници веќе бидат познати и да започнат да работат на терен со граѓаните во општините во кои живеат. Ставаме силен и голем акцент на нашиот коалициски капацитет. Разговараме со голем број партнери од политичките партии и независни кандидати. Ова се базира на нашето искуство од преговорите во локалните избори 2021 година.

Разговарате за можни коалиции и со ДУИ за поддршка во некои општини?

Засега не. Научивме многу сериозна лекција од коалицирањето со ДУИ, многу работи кои ни се удрија во глава. Дистанцата е нешто што природно дојде и на кај членството и како чувство во врска во таква коалиција која не беше принципиелна. Што научивме од оваа коалиција? Ќе формираме само принципиелни коалиции, само коалиции базирани на взаемно почитување и споделување исти вредности и политики.

Кажавте измените на Кривичниот закон беше грешка. Се подготвуваат нови измени, бидејќи нов Кривичен законик можеби ќе биде донесен дури следната година и ќе стапи на сила. Дали ќе гласате за овие измени?

Прво, се консултирав со правници кои ми укажаа дека било каква промена на сегашниот закон ќе биде залудна, бидејќи секогаш ќе важи поблагата варијанта. И ако тоа е така, станува збор за измени кои ќе бидат само козметички и нема да имаат никаков ефект. Апелирам до владата сериозно да донесе нов кривичен закон, по германскиот модел на законодавството и овој закон треба да се донесе по препораките на оценската мисија.

Сметам дека секоја реформа треба да се донесе согласно препораките од оценската мисија на Европската унија и реформската агенда. Кога веќе имаме нешто на масата, зошто да не работиме на тоа? Да направиме нешто суштинско. Ние ќе поддржиме било каква реформа на правосудниот систем која ќе има реален ефект. Сметаме дека сè друго може да биде некој трик на владата, со цел да се протне некое решение кое нема да има ефект.

  • 16x9 Image

    Сања Васиќ

    Новинарската кариера ја почнува во весникот „Нова Македонија“ во 1991, а потоа продолжува во телевизија Телма како уредник  и водител во информативната програма каде минува најголем дел од кариерата. Работела и во македонската редакција на Гласот на Америка во Вашингтон, била локален дописник на странски новински агенции, како и предавач и обучувач на медиумски проекти. Во Радио Слободна Европа е од јули 2022.

XS
SM
MD
LG