Достапни линкови

Демири: Во предизборие нема промени во здравствениот систем


Демири: Клиничкиот центар треба да се унифицира
please wait

No media source currently available

0:00 0:15:07 0:00

Демири: Клиничкиот центар треба да се унифицира

Новиот министер за здравство, Илир Демири посочува дека до изборот на нова влада ќе работи исклучиво за непречено функционирање на здравствениот систем. Ако постизборно ја добие довербата да продолжи да раководи со министерството, вели дека ќе понуди јасна програма и визија за здравството и Клиничкиот центар.

Последен случај кој предизвика лавини реакции во јавноста е одбиената рехабилитација на Леонид Индов во странство. Но, има и други такви случаи. Би ве прашал за ваш личен став како човек, но и како министер - што мислите за овој начин на кој се одбиваат граѓаните и дали како министерство ќе иницирате измени во тие закони и правилници?

Не би се согласил со поставеното прашање за одбивање. Се работи за пациент кој има сериозна мака и семејство кое се наоѓа во многу неповолна позиција. Но, повредите кои се случени кај детето се објаснети многу убаво и на семејството. Ние како министерство и ФЗОМ не можеме да постапуваме по наши желби. Има јасно дефинирани законски одредби како се постапува и кои пациенти се упатуваат за лекување во странство. Тука во овој случај како забелешка, има една некоординација меѓу Министерство за здравство, Фондот за здравство и центарот кој дава услуги за транспорт со хеликоптер. Сега сме дојдени во една позиција кога треба разумно да се донесе одлука. Секој еден граѓанин на Македонија има поддршка од министерството и Фондот за лекување. Бидејќи пациентот веќе е испратен, а јас сум нов како министер и немам доволно информации што се случувало претходно, ќе побараме да се постапува законски и ќе побараме од Австрија да достави документација за начинот на лекување и што се случува таму со детето. Дали се работи за рехабилитација или за третман. Доколку се работи за третман, се разбира дека државата на секој еден граѓанин нуди да с елекува каде е подобро за него.

Во однос на законите и правилниците кои се стари долги години, дали треба да се изменат?

Законите додека не се менуваат се важечки и треба да се постапува според нив. ФЗОМ и Законот за здравство патува во странство пациенти за услуги кои не можат да се нудат кај нас. Во друга земја може да има поквалитетно лекување. За други услуги не се упатуваат пациентите надвор. Тоа е ограничено со закон.

Пред 10-тина дена седнавте на министерската функција. Како ја оценувате состојбата која ја наследивте во Министерството за здравство и каков е вашиот став за здравствениот систем во земјава?

Сега сме во техничка влада, многу можности се ограничени законски. Јас ја преземав функцијата за да има континуитет во здравствениот систем и луѓето да добиваат подобра и поквалитетна здравствена грижа додека не завршат изборите и не се формира нова влада и друг некој да преземе. Функционалноста на системот ми е многу битна и почитување на законите во Министерството за здравство и општо на државно ниво. Како проекција во иднина што би било кога би имал прилика повеќе години да ја извршувам оваа позиција како министер, тогаш единствено решение кое може да го подобри здравствениот систем е да се изградат четири регионални центри и да се групираат пациентите што побрзо да добиваат здравствена услуга, да се намалат трошоците и да има поголема ажурност од медицинскиот персонал, како и искористеноста на расположливите капацитети кои веќе ги имаме.

Зошто се нафативте да бидете министер само на неколку месеци?

Не е прв пат во животот да бидам на раскрсница кога општеството има потреба од мене и сум се одлучил и тогаш ако можам да бидам корисен за општеството. Ќе дадам се од себе да помогнам да имаме функционален здравствен систем.

Велите дека во следниот период ќе ги координирате работите да функционираат непречено во Министерството за здравство, дали тоа значи дека имате или немате одврзани раце, простор и ресурси да иницирате некакви промени во здравствениот систем?

Јас немам намера да иницирам во оваа фаза промени во здравствениот систем. Но, знам дека човек може да се разболи пред избори, за време на избори и по избори. Ние нудиме здравствена грижа за граѓаните на Република Македонија. И тоа треба да го добиваат во континуитет. Со овие ресурси и оваа поставеност на здравствениот систем кога ќе се стекнат услови за промени, без да има влијание во здравствената грижа кај болните, тогаш ќе се направат чекор по чекор промените.

Кога може да се очекуваат оние 1.117 вработувања кои се потребни? Имате ли генерална слика колку здравствени работници се потребни во системот?

За жал, не можам да ви кажам точна бројка бидејќи не располагам со нив. Но, можам да кажам дека е одобрен буџет и комплетно е завршена процедурата за вработување на преку 1.000 работници. Бидејќи влегуваме во изборен процес, а според законот е недозволено вработување, тогаш се става во мирување. После изборите ќе се процесуира за да може да се вработат. Секој директор на секоја здравствена институција треба да има проекција за тоа колку работници му требаат.

Се случија вработувања во болницата во Гостивар за кои имаше обвинувања дека се по етничка линија. Извршивте ли инспекциски надзор, кои се наодите?

Дадов налог да се изврши инспекциски надзор, се уште немам повратна информација што се случува. Доколку има прекршувања на законските процедури сигурно ќе се постапи според закон. Не ја довршив мислата, апропо функционирање на здравствениот систем бидејќи нема вработување за време на избори, тогаш министерството се погрижи за продолжување и во тек е барањето за продолжување на сите договори за дело на здравствените работници. Тоа е поминато на владина седница и се надевам на позитивен епилог.

Вашиот претходник најавуваше на економските директори во клиниките. Би посегнале ли овие неколку месеци дури и да останете на функцијата за укинување на економските директори на клиниките?

Мислам дека клинички центар треба да се унифицира, да има еден менаџер на Клиничкиот центар. Но, тоа е мое мислење, мислам дека поубаво ќе се организира отколку вака дисперзирано со многу директори.

Зошто не посегнете да го спроведете, тоа беше агенда и вашиот претходник кој доаѓа од иста партија?

Да не заборавате дека сме пред избори, веќе се прогласени избори и треба да сме внимателни и коректни од оваа позиција да не се злоупотребува функцијата министер за вакви упади. После изборите ако народот не изгласа и по некоја случајност јас пак да бидам министер за здравство, тогаш ќе има јасна програма и визија како ќе се развива здравството и клинички центар.

Имате ли таква амбиција?

Доколку ми се довери како позиција, секако, да. Доколку ме служи здравјето.

Во какви односи сте со поранешниот министер, ваш сопартиец и колега Фатмир Меџити? Ја презедовте функцијата без примопредавање и без честитки од него?

Има едно правило во кое се вели дека ако со човек си пиел повеќе од едно кафе, значи пријателството продолжува. Ние сме стари пријатели, пријателството продолжува, а политичкото разединување е нормално во демократија.

Во внатрепартиската поделба на Алијанса за Албанците, вие ја избравте страната на Зијадин Села. Зошто?

Има нешто што треба да се вреднува и ако се послужиме со политичка меморија, Алијанса за Албанците беше стабилизатор на политичката клима на државно ниво. Беше промотор за евроинтеграции, има одбрана една патека и мислам дека треба да се оди по таа патека. Единствено решение и перспектива на ова општество е ЕУ интеграција.

За европска интеграција се залага и Арбен Таравари...

Само по друга, различна патека. Ние ја почитуваме оваа овие четири години.

Која е разликата?

Не можам толку политички изјави да давам, јас се уште сум министер за здравство и ќе се држам до министерувањето. Во тек на кампањата ќе има и промоција на тоа која патека е поправедна. И народот ќе пресуди што ќе одбере.

Може да ве очекуваме да се појавите на изборните листи?

Може, зошто да не?

  • 16x9 Image

    Петар Клинчарски

    Петар Клинчарски новинарската кариера ја започнува како репортер во медиумот А1он, подоцна продолжувајќи ја во ТВ Телма. Од 2016-та до 2022-ра година беше дел од емисијата „360 степени“. Од јуни 2023-та година работи како новинар во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG