Достапни линкови

Блинкен доаѓа во Скопје, а Лавров се очекува


Антони Блинкен, државен секретар на САД
Антони Блинкен, државен секретар на САД

Министерот за надворешни работи Бујар Османи денеска потврди дека државниот секретар на САД, Антони Блинкен ќе присуствува на неформалната вечера за министерскиот совет на ОБСЕ. Вчера Владата одлучи да се тргне забраната за прелет на рускиот авион со кој руската делегација ќе може да слета во Скопје

Американскиот државен секретар Антони Блинкен ќе присуствува на неформалната вечера по повод претстојниот министерски совет на ОБСЕ во Скопје на 30 ноември и 1 декември, потврди министерот за надворешни работи на Северна Македонија, Бујар Османи, на денешната средба со новинарите.

Вчера македонската Влада одлучи да се тргне забраната за прелет на рускиот авион со кој руската делегација, вклучително и шефот на руската дипломатија, Сергеј Лавров, ќе може да слета во Скопје, откако претходно министерствата за одбрана и за надворешни работи ќе дадат одобрение за прелет и слетување.

Неформалната вечера ќе биде во среда, на 29 ноември.

„Државниот секретар Блинкен е потврден за неформалната вечера. Во зависност од нивните агенди, секој доаѓа во различен дел од трите дена. Во кој дел од трите дена ќе биде министерот за надворешни работи на Руската федерација, тоа не можам да потврдам сега. Се разбира, не треба да очекуваме дека сите и ќе останат три дена. Тоа се важни луѓе кои ќе дојдат на одреден дел од настанот и ќе си заминат Дали ќе се поклопуваат термините на нивниот престој, не можам да кажам, бидејќи се уште ги утврдуваме тие детали и тие динамики“, рече Османи на денешната прес-конференција.

Како што појасни тој, сите делегации ќе бидат присутни. Прашањата се дали ќе дојдат министрите или ќе предложат заменици - министри или секретари.

„На неформалната вечера ги очекуваме најголем дел од министрите. Тука се разговара отворено, без напишани говори. Ние наметнавме две теми за неформалната вечера - агресијата во Украина и функционалноста на ОБСЕ“, рече Османи.

Се преговара со Бугарија и Грција да дозволат прелет, но не гледа причина зошто да не го дозволат тоа.

„Ако ние донесеме одлука, не гледам зошто да не прифатат. Одлуката на ЕУ е јасна, вели „со исклучок на настани поврзани со ОБСЕ, и други меѓународни организации“, бидејќи Лавров беше во Њујорк, но во Обединетите нации, а не во САД. И тука не доаѓа во Скопје ако дојде, доаѓа во ОБСЕ. Мора да ја направиме таа разлика меѓу билатерален и мултилатерален карактер на посетата“, додаде министерот.

Османи очекува в понеделник да се постигне консензус за новиот претседавач со ОБСЕ. Како што информира Османи, се прават максимални напори за постигнување договор. Побарана била и алтернатива - поддршка од Малта да се понуди како кандидат. Земјата ја оставила отворена оваа можност, доколку има консензус.

„Не смее националните интереси да доминираат врз колективниот интерес. Се надеваме дека во понеделник ќе успееме, дека ќе постигнеме историски успех да обезбедиме претседавач на ОБСЕ. На тоа ни е засега ставен целиот фокус. Организацијата не смее да остане без претседавач. Ако нема одлука до понеделник, мора да покажеме одговорност“ истакна Османи.


Според него, доколку не се обезбеди консензус, ОБСЕ ќе влезе во целосно недефинирани прашања, нешто со кое организацијата досега никогаш не се соочила.

На Министерскиот совет е предвидено одржување и на повеќе други, т.н. странични настани, за кои се планирани неколку теми: Украина, климатски промени, млади и цивилно општество....

Министерскиот совет на ОБСЕ се гледа како клучен настан на кој би се одлучувало како ќе функционира организацијата во иднина со оглед на постојаните пречки и блокади што ги поставува Русија откако ја започна инвазијата врз Украина.

XS
SM
MD
LG