Достапни линкови

Ваши коментари


Бројни коментари од слушателите на нашата саботна анализа за тоа дали спорот за името стана и македонско секојдневие.

Веројатно секој од нас, почитувани, кои ги живееме овие две децении независна транзиција барем еднаш се прашал дали залудно ни поминале тие години „бркајќи“ го решението во спорот за името, како што вели еден сограѓанин во нашата анализа насловена „Спорот за името-македонско секојдневие“.

И токму на овој наш текст повторно се среќаваат различни ставови кај нашите слушатели. Некој потпишан со Аналитичар смета дека сме ги фрлиле во вода не последните 20, туку последните шест години, затоа што периодот 91-97 година морало да се обезбеди и да се изгради државата, институционално и структурно, а во последниве шест години, кога народот ја избрал преродбата, Македонија на надворешно-политички план не постигнала апсолутно ништо, преговорите за името добиле друга димензија, поделбата меѓу народот станала најголема до сега и оти кој и да е на чело на државата, без прием во ЕУ и во НАТО не може да ја подобри економската состојба на граѓаните, ниту пак да ја гарантира безбедноста на државата. И веднаш Аналитичарот има одговор од некој, кој наместо потпис има само адреса - До Аналитичарот - кој пишува дека Црвенковски и Глигоров не се консултирале ниту со СДСМ ниту со Парламентот и молчешкум заминале за Њујорк каде што ја потпишале Времената спогодба со Грција.

Колку за потсетување, инаку, овие двајца не беа во Њујорк, туку Спогодбата ја потпиша тогашниот шеф на дипломатијата Стево Црвенковски.

Анонимец, пак, смета дека во ОН ќе не примеле секако, затоа што сите држави ги примале и дека не било прашањето што во овие шест години не се постигнало ништо, туку зошто бил создаден проблемот, важен бил коренот, а не плодот.

Во врска со информацијата за престојот на помошникот генерален секретар на НАТО, Дирк Бренгелман во Скопје, слушателите реагираат на потврдата на ставот на неговата организација дека прво треба да се реши спорот за името, па потоа Македонија треба да очекува прием во НАТО. Некој слушател потпишан само со В смета дека треба да престанеме да се трудиме да влеземе во НАТО, туку да сме се завртеле кон Русија, да сме престанеле да бидеме антички Македонци, туку само антички Словени и да сме си продолжеле да го тераме животот по нагорна линија. Никола од Перт во Австралија му се обраќа директно на Бренгелман дека многу јасно ни велел да си го смениме името, а дека тоа не им пречело ниту на Македонците ниту на Албанците во државава, туку дека тие што ја сакале промената на името биле од други етнички групи.

Инаку, почитувани, дозволете и малку лично мислење, мене најмногу ми се допаѓа пораката од Николче од Окланд кој пишува: „Мое лично мислење е дека ние сме закана единствено самите по себе“.
  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG