Достапни линкови

Преглед на печатот


Весници, магазини, неделници, печат
Весници, магазини, неделници, печат

Вест број еден неделава – предвремени избори ќе има со учество на опозицијата на 5 јуни.

Веста број 1 на телевизиите во средата ја објавија и Утрински и Време, во своите електронски изданија во четвртокот: СДСМ ќе учествува на предвремените парламентарни избори, но нема да се врати во Парламентот и нема повеќе да води никакви преговори со ВМРО-ДПМНЕ. Време го цитира Црвенковски од настапот на А1ТВ во средата дека доколку има едно фалсификувано ливче и Тунис и Либија ќе му биле тесни на Груевски.

Вечер, објавувајќи дека изборите ќе бидат на 5 јуни, го цитира, пак, Груевски дека Црвенковски ја донесол ваквата одлука откако коалиционите партнери и неговите сопартијци почнале сами да се подготвуваат за изборите и откако домашната и меѓународната јавност целосно го осудиле.

Утрински ја објавува изјавата на Ставревски дека 220 милиони евра од ММФ немало да бидат употребени во кампањата и дека ќе завршеле за плати, пензии и други потреби на македонската економија.

И сега, со прегледот да се вратиме на другите „детали“ од секојдневјето: За Копакабана кај Камениот мост во Скопје каде што ќе се оди на првомајските пикници информира Утрински, а Време дека за новата плажа на Вардар ќе бидат потрошени уште 150 илјади евра.

Опозициски настроените телевизии и весници објавија дека Владата објавила нов договор за изградба на контроверзниот проект „Скопје 2014“, што се однесува на реконструкцијата на Собранието кој ги надминува предвидените 11 милиони евра. Време, дури пресметува дека четирите лава на мостот „Гоце Делчев“ изеле 250 училишта со својата цена на чинење.

Утрински објавува анкета во која дури 53,3 проценти од анкетираните сметаат дека во земјава има дискриминација и оти таа најчесто е според политичка, а потоа и според етничка припадност. Преовладува и мислењето дека дискриминацијата е зачестена во последните пет години.

Утрински, покрај засегнатите медиуми, информира дека полицијата ги запленила возилата на Време, Шпиц и **** е ре, според судски налог, како што оправдува министерката на полицијата Јанкулоска.

Нова Македонија пишува дека интернет страниците на државните институции изобилуваат со самопофални информации за тековните активности, но првиот курцшлус настанува кога ќе се обидете да најдете некоја информација за конкретен проблем што ве интересира како граѓанин.

Дневник објави една скандалозна вест, дека Синодот на МПЦ решил да го врати српското црковно пеење на Мокрањац и негово повторно изучување во средната Богословија и на Богословскиот факултет за сметка на источното православно византиско пеење затоа што на дел од црковните великодостојници, посебно на поранешните белградски студенти, им било тешко да го научат византиското пеење.
  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG