„Идентитетот не може да биде предмет на политичко одлучување, тоа е нешто што го носиме во нашите срца и души, тоа е како ја чувствуваме нашата татковина, како се грижиме за нашата традиција. На пример, за манастирите, погачата, тавче-гравчето, полнетите пиперки, како ги одржуваме традиционалните носии, какви односи градиме со постарите во земјата, каков однос имаме кон зачувување на нашиот јазик. И никој ова не може да ви го одземе“.
Оваа изјава на еврокомесарката Марта Кос неделава ја зовре македонската политичка сцена, социјалните мрежи, медиумите и несомнено целата јавност. Во неа едни видоа неразбирање на македонските прилики, други дрскост и понижување далеку од европските вредности и дипломатија, трети ја бранеа - директно или „во целофан“. Како и да беше протолкувана, политичките пораки останаа во сенка на полнетите пиперки. Иако, рака на срце, имаше и јавни коментари дека и во „пиперките на Кос“ имало многу политика.
Додека високата гостинка од Унијата во Скопје зборуваше за македонските специјалитети, нејзиниот домаќин, премиерот Христијан Мицкоски, возврати дека за него идентитетот е нешто повеќе од само македонската кујна, и дека тоа се и Илинденското востание и Гоце Делчев, Даме Груев...
„...и во услови кога немаме гаранција дека ова ќе биде последна идентитетска отстапка која ние треба да ја направиме, јас би бил многу, многу повнимателен, бидејќи се водам од максимата не ги слушај што зборуваат, гледај ги што прават. А тоа што го направија и сè уште прават дел од пратениците во Европскиот парламент од нашиот источен сосед - нема никаква врска со европските вредности. За мене мојот идентитет не е само прекрасната македонска кујна, туку е и Гоце Делчев и Шапкарев, и Миладиновци и Илинденското востание и Дамјан Груев и Јане Сандански… Не знам дали ќе го споделат истото мислење и колегите од исток, но тоа се луѓето кои се дел од нашиот идентитет, македонски идентитет“, беше своевидната реплика на македонскиот премиер на заедничката прес-конференција со шефицата на европското проширување.
Реагираше и шефот на македонската дипломатија, Тимчо Муцунски.
„Идентитетот е, да, посебно во овој регион е сложена категорија. Да, за жал, и во 21 век се уште категорија која земји што се нарекуваат европски се обидуваат да го оспорат. Но за нас нема дилема дека историските личности како што се Делчев, Груев, Сандански се дел од нашиот идентитет како што се и прекрасните манастири, преубавите џамии кои што ги има на територијата на нашата држава“, изјави Муцунски.
Министерот за европски прашања, Орхан Муртезани, се обиде со поинаков пристап.
„Тоа е начинот на кој во Европа се перципира идентитетот – како нешто што се знае дека е ваше, дека припаѓа на одредено поднебје и не се става под знак прашалник, туку се прифаќа и почитува“, коментираше Муртезани за изјавата на Кос.
Реагираа и од СДСМ. Велат дека очекувале еврокомесарката Кос да го истакне тоа што и самата ЕУ го има потврдено дека македонскиот идентитет и јазик се целосно признаени од Унијата. Иако сметаат дека немала лоша намера, сепак порачаа дека треба да се внимава со чувствителните прашања.
„Ние како граѓани на Македонија знаеме кои сме, што сме и од каде потекнуваме. Како јазикот, така и идентитетот се јасно потврдени во сите веќе потпишани договори со ЕУ. Не сметаме дека еврокомесарката имаше лоша намера, но апелираме, кога се говори за чувствителни прашања и теми кои за жал непотребно се отвораат иако се јасно затворени, треба да се биде внимателен во изјавите“, беше реакцијата од СДСМ.
Од ДУИ пак, велат дека „Владата со ваквите изјави ги оддалечува искрените пријатели и ја оддалечува државата од европскиот пат“.
„Не смееше да се дозволи изјавата на комесарката, дека 'идентитетот не е предмет на политички условувања, туку суштина на човековото достоинство и израз на неговата посебност', да стане цел на кампања на омраза и потсмевање. Уште помалку, таа реакција да биде поттикната од извори блиски до власта. Особено загрижува фактот дека министерот за европски интеграции Орхан Муртезани не сметаше за потребно да го одбрани овој став“, изјвија од ДУИ.
На социјалните мрежи „без целофан“
„Со сета почит – но да бидеме јасни: Ние, Македонците, не го мериме нашиот идентитет според тоа колку лути пиперки ставаме во пинџурот, ниту колку убава е тавата со грав. Идентитетот не е фолклорна манифестација или гастрономско доживување. Не сакам да верувам дека вашата изјава била свесно насочена кон банализирање на македонскиот идентитет. Верувам дека намерата ви беше топла. Но токму таквиот пристап ја покажува ограниченоста на европската перспектива кога станува збор за нашето прашање“, напиша на социјалните мрежи универзитетскиот професор Јове Кекеновски.
„Сакам да верувам дека вчера имавте лош ден и дека ќе се извините за тешко повредените чувства на македонскиот народ“, реагираше Катерина Цаневска Арсовска, од новинарската фела.
„Твитерџиите“ беа пожестоки:
„Што има за ручек мамо: Идентитет сине“.
„Ако нашиот идентитет е полнета пиперка, за Бугарите што е? Бугарски ќебап?“.
„Ја замислувам Кос како во Атина им вика дека идентитетот им е цаѕики, а на Србите во Белград дека идентитетот им е лесковачки роштиљ“.
„Кос се лизна на полнета пиперка“.
Поголем дел од медиумите од регионот по изјавата на Кос гравитираа околу еден заклучок: „Чувствителните идентитетски прашања не можат да се решат со гастрономски метафори“.
За дел од македонските медиуми кои редакциски го коментираа „случајот“, високата гостинка „немала намера да нè навреди, иако веројатно можела да се изрази и поинаку, бидејќи сме чувствителни на таа тема. Но, која е поентата постојано да се нагласува некаков тенденциозен, непријателски став од ЕУ?“.
Условите и политиката некаде помеѓу
Високата европска претставничка на заедничката прес-конференција со премиерот Мицкоски, прашана какви гаранции ЕУ може да ѝ даде на Македонија дека Бугарија нема да го билатерализира процесот, рече дека целта на ЕУ е „да се отворат преговорите за пристап на Северна Македонија, по кластер 1 најскоро можно, штом ќе ги задоволи Северна Македонија релевантните критериуми, договорени со Советот, односно ќе ги имплементира заложбите да се извршат уставните промени“.
Потенцирајќи дека е многу важно да се изградат конструктивни односи со соседна Бугарија и да се изгради заеднички дух на доверба и разбирање, таа порача: „Сметам дека е многу важно, а денешниот состанок само го покажува тоа, дека Северна Македонија треба да се подбутне на патот кон проширувањето, особено со оглед на тоа дека некои други земји се силни конкуренти за завршување на предпристапните преговори“.
А во однос на спорот Софија - Скопје и гаранциите што ги бара Северна македонија дека процесот на евроинтеграција нема да се оптоварува со билатерални прашања од страна на Софија, кажа: „За Европската комисија ситуацијата е јасна. Доколку Северна Македонија ги исполни заложбите (обврските) и го промени Уставот, што секако не е лесно, свесна сум за тоа, тогаш веднаш ќе започнеме со меѓувладината конференција за отворање на кластерите без какви било дополнителни политички условувања“.
И секако - реформите, за кои сите земји од регионот добија предупредување: „Ако нема реформи до 2027, парите од Планот за раст ќе се вратат во ЕУ“.
Мицкоски го повтори ставот дека „Нашите чекори по европскиот пат се со отворено срце и разум. Со прифаќање на европските вредности. Меѓутоа се противиме на уцените кои не се дел од тие вредности. Не прифаќаме наметнувања под маска на европскиот процес“.