Достапни линкови

Алексеј Навални пронајден мртов во затворот


Алексеј Навални
Алексеј Навални

Затворениот руски опозициски лидер Алексеј Навални е пронајден мртов, јавуваат руските медиуми кои се повикуваат на Федералната затворска служба.

Рускиот опозициски политичар Алексеј Навални почина во затвор, јави руската државна новинска агенција ИТАР-ТАСС.

Агенцијата информира дека одделот на Руската Федерална служба за управување со казнениот систем (ФСИН) ја пријавил смртта на Навални во казнена колонија во Јамало-Ненецкиот автономен округ, во западен Сибир.

„На 6 февруари 2024 година, во поправната колонија бр. 3, осуденикот Навални А.А. се чувствувал лошо по прошетката, речиси веднаш изгубил свест. Веднаш пристигнале медицински работници од установата и била повикана екипа на Итна медицинска помош“, се наведува во соопштението од затворската служба.

Оттаму додаваат дека "се преземени сите неопходни мерки за реанимација, но не дале позитивни резултати. Лекарите од итната помош констатирале смрт на осудениот. Се утврдуваат причините за смртта".

Според рускиот сервис на Радио Слободна Европа, неговиот адвокат Леонид Соловјов одбил да коментира. Тој појаснил дека бил со затвореникот во средата, пред два дена и дека тогаш со Навални се било во ред.

Оваа служба известува и дека рускиот претседател Владимир Путин е информиран за смртта на Навални.

На 6 февруари, Навални беше ставен во самица од непознати причини, извести тогаш неговата портпаролка Кира Јармиш. Тоа беше 26-ти пат рускиот опозиционер да биде сместен во самица откако беше затворен пред повеќе од три години.

Навални за малку ќе умреше од труење со нервен агенс во 2020 година, за што тој ги обвинува руските безбедносни оперативци кои, како што вели, дејствувале по наредба на Путин.

Режисерот на документарниот филм за Навални снимил „вонредни“ моменти
please wait

No media source currently available

0:00 0:04:52 0:00

Тој беше приведен на 17 јануари 2021 година на аеродромот во Москва по неговото пристигнување од Германија, каде што се лекуваше за тој напад.

Потоа беше осуден на две и пол години затвор за прекршување на претходното условно ослободување додека се опоравуваше во странство. Кремљ негираше дека на каков било начин е вмешан во труењето на Навални.

Навални во судот во Москва
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:04 0:00

Во март 2022 година, Навални беше осуден на девет години затвор за наводно непочитување на судот и проневера. Тој и неговите поддржувачи постојано го отфрлаа тоа обвинение како политички мотивирано.

Подоцна, Антикорупциската фондација на Навални и неговата мрежа на регионални канцеларии беа означени како „екстремистички“ организации и беа забранети по неговото апсење, што доведе до нова истрага против него под обвинение за екстремизам.

Во август минатата година, судот му ја продолжи затворската казна на Навални на 19 години и го испрати во построга установа за „специјален режим“ во максимално обезбедуваниот затвор каде што беше затворен.

Минатиот месец Навални беше префрлен во „Поларен волк“, затвор со „специјален режим“ во руската арктичка област.

Реакции по веста за смртта на Навални

Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг на Конференцијата за безбедност во Минхен изјави дека е „тажен и вознемирен“ од извештаите за смртта на Навални.

„Неопходно е да се утврдат фактите, а Русија мора да одговори на сите сериозни прашања за околностите на неговата смрт“, рече тој.

Неговиот коментар доаѓа откако руските медиуми повикувајќи се на Федералната затворска служба, јавија дека рускиот опозициски лидер, 47-годишниот Алексеј Навални, кој издржуваше затворска казна во казнена колонија во Сибир, е пронајден мртов.

Американскиот државен секретар Антони Блинкен на маргините на конференцијата во Минхен изјави дека Русија е „одговорна“ за смртта на Навални, пренесува Агенцијата Франс Прес.

„Неговата смрт во руски затвор, оваа фиксација и страв од еден човек, само ја истакнува слабоста и гниењето во срцето на системот што Путин го изгради“, рече Блинкен.

Американскиот советник за национална безбедност, Џејк Саливан, за време на интервју за американското Национално јавно радио, веднаш по објавувањето на веста, рече дека смртта на Навални, доколку се потврди, е „страшна трагедија“.

„Долгата и гадна историја на руските власти кои се обидуваат да им наштетат на своите противници покренува вистински, очигледни прашања. Ние активно бараме потврда за смртта“, додаде тој.

Британскиот премиер Риши Сунак го нарече инцидентот огромна трагедија.

„Како најжесток бранител на руската демократија, Алексеј Навални покажа неверојатна храброст во текот на животот“, рече Сунак во објавата на социјалната мрежа X.

Германскиот канцелар Олаф Шолц рече дека Навални „ја платил храброста со својот живот“, додека францускиот министер за надворешни работи Стефан Сежурне напиша на мрежата „Х“ дека „смртта на [Навални] во казнената колонија нè потсетува на реалноста на режимот Владимир Путин“.

Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, вели дека претпоставува дека Навални е убиен и дека рускиот претседател е одговорен.

„Очигледно ми е: тој беше убиен. Како илјадници други кои беа мачени до смрт поради една личност“, рече Зеленски, преку преведувач, за време на средбата со германскиот канцелар.

Литванската премиерка Ингрида Симоните за РСЕ за време на Минхенската безбедносна конференција во Германија изјави дека „многу е комплицирано да се потврди веста, бидејќи доаѓа од земја како Русија“.

„Ако ме прашате дали сум изненаден дали тоа е вистина, се разбира дека не сум, за жал, бидејќи знаеме дека режимот во Кремљ е убиствен режим, во основа, кој би ги нападнал оние што ги смета за свои непријатели. луѓе кои имаат различни мислења за развојот на Русија и нивните односи со остатокот од светот“, рече Симоните.

Лидерите на Европската унија на 16 февруари соопштија дека смета оти рускиот претседател Владимир Путин е единствен одговорен за смртта на затворениот опозициски лидер Алексеј Навални.

„Алексеј Навални се бореше за вредностите на слободата и демократијата. За своите идеали ја даде најголемата жртва“, напиша претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел на социјалната мрежа Х.

Тој додаде дека „ЕУ верува дека рускиот режим е единствениот одговорен за оваа трагична смрт“.

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен на мрежата Х изјави дека веста за смртта на Навални е „темен потсетник за тоа какви се Путин и неговиот режим во суштина“.

„Путин од ништо повеќе не се плаши отколку од бунтот на сопствениот народ“, напиша таа.

Роберта Мецола, претседателката на Европскиот парламент, која на Навални му ја додели наградата Сахаров во 2021 година, највисоката награда во борбата за човекови права, рече дека неговата „храброст ќе одекнува низ генерациите“.

„Русија му ја одзеде слободата и животот, но не и достоинството. Неговата борба за демократија е сè уште жива“, рече Мецола.

Навални за малку ќе умреше од труење со нервен агенс во 2020 година, за што ги обвини руските безбедносни оперативци кои, како што рече, дејствуваат по наредба на Путин. Кремљ негираше дека на кој било начин е вмешан во труењето на Навални.

Тој беше приведен на 17 јануари 2021 година на московскиот аеродром по неговото пристигнување од Германија, каде што се лекуваше за тој напад, и беше осуден на две и пол години затвор за прекршување на неговата претходна условна слобода, додека се опоравуваше во странство.

Во март 2022 година, Навални беше осуден на девет години затвор за наводно непочитување на судот и проневера. Тој и неговите поддржувачи постојано го отфрлаа тоа обвинение како политички мотивирано.

Во август минатата година казната му беше продолжена на 19 години и беше испратен во затворот „Поларен волк“, еден од најстрогите во рускиот затворски систем.

XS
SM
MD
LG