Достапни линкови

Годината почна со три бебиња и 22 пациенти на Токсикологија


Министерот за здравство, Фатмир Меџити, во посета на првото родено бебе во 2024 година, на Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство, Скопје, Северна Македонија, 1.01.2024
Министерот за здравство, Фатмир Меџити, во посета на првото родено бебе во 2024 година, на Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство, Скопје, Северна Македонија, 1.01.2024

Алек, прво дете во семејството Стефковски, се роди точно на полноќ и е прво бебе во 2024 година. На територија на целата држава новогодишната ноќ помина главно мирно, велат од полицијата. Имало повредени лица во три сообраќајни несреќи и 22 пациенти примени на Клиниката за токсикологија.

Три бебиња се родија на Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство (ГАК) во Скопје во период од 15 минути по полноќ, а вечерта на Нова година имало и повредени лица во три сообраќајни несреќи и 22 пациенти примени на Клиниката за токсикологија, информираа лекарите од Клинички центар.

Министерот за здравство, Фатмир Меџити и министерката за труд и социјална политика, Јованка Тречевска, утрово го посетија малиот Алек, прво дете во семејството Стефковски, кој се роди точно на полноќ и е прво бебе во 2024 година.

„Во петокот, при крај на работното време, во мојот Кабинет, во релаксирана атмосфера со моите колеги се кладев дека првото родено дете во 2024 година ќе биде машко и тоа се исполни, значи ќе се исполнат сите планирани проекти во здравството. Им порачувам на граѓаните да веруваат во здравствениот систем и во сите здравствени работници, ќе работиме максимално..Целта ни е, наместо со скандали, здравството годинава да биде на ниво кое го заслужуваат нашите пациенти“, изјави Меџити.

Министрите за здравство и за труд и социјална политика во посета на Алек, првото бебе за 2024 година, кое се роди на Клиниката за гинекологија и акушерство (ГАК) во Скопје
Министрите за здравство и за труд и социјална политика во посета на Алек, првото бебе за 2024 година, кое се роди на Клиниката за гинекологија и акушерство (ГАК) во Скопје

Тренчевска им честита на родителите на Алек, мајката и таткото Стефановски. Потсети и дека веќе се подготвува националната стратегија за демографија, насочена кон зголемување на наталитетот.

„Верувам дека со добри трудови политики и подобри плати, како и подостојни работни места прималиви за младите, ќе успееме да ги задржиме и да ја подобриме демографската состојба во земјата“, изјави Тренчевска.

Алек е здраво машко бебе, тешко 3 706 грама и долго 52 сантиметра. Се родил во десетата секунда од 2024 година.

„Годината почна убаво, со родени три бебиња во првите 15 минути по почетокот на годината што треба да е добар знак, се надеваме дека ќе имаме што повеќе здрави бебиња и среќни родители“, изјави Викторија Јовановска, директорка на ГАК.

Од полноќ до сега на Клиниката за гинекологија се родиле вкупно шест бебиња, а повеќето се машки.

Во Ургентниот центар во Скопје изминатата ноќ биле извршени 103 прегледи. Освен повредени во три сообраќајни несреќи, на Ургентен бил донесен и 20-годишен пациент кој при физички напад бил прободен со нож, информираа од Ургентен центар.

„Пациентот е во стабилна состојба. Сите останати случаи се со лесни телесни повреди и се пуштени на домашно лекување“, изјави д-р Ерен Сејфула, ортопед.


На Клиниката за токсикологија сите случаи биле акутни интоксикации. Притоа, повеќето биле жени.

“Го држиме просекот од изминатите години со 23 прегледи заради акутни интоксикации, при што 12 пациенти беа полнолетни, а 11 малолетни. Најмладите пациенти годинава беа над 14 години, а најстариот 63 години. Сите прегледани во изминатите 24 часа се испратени на домашно лекување, ниту еден не е задржан, информира д-р Кирил Наумовски од Клиниката за токсикологија.

Скопје, Северна Македонија, дочек на Нова година
Скопје, Северна Македонија, дочек на Нова година

На територија на целата држава новогодишната ноќ помина главно мирно, велат од Министерството за внатрешни работи (МВР).

„Безбедносната состојба на територија на цела држава за време на новогодишната ноќ беше стабилна“, изјави денеска министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски по посетата на полицискиот центар „Ѓорче Петров“.

Од страна на полицијата имало засилено присуство на терен и биле преземени координирани мерки и активности за одржување поволна безбедносна состојба.

„Имало единствено нарушување на јавен ред и мир или вкупно 12 кривични дела на територијата на цела држава, најчесто недозволена трговија со дрога и едно загрозување на сигурноста. Имаме регистрирани прекршоци по Законот за јавен ред и мир, вкупно 20 во сите сектори за внатрешни работи. Имаме регистрирано два прекшоци по Закон за безбедност на сообраќајот на патиштата, има вкупно 8 сообраќајни незгоди со материјална штета на територија на државата“, изјави Спасовски.

Претходно, Министерството за здравство информира дека за време на новогодишните празници „Здравствен дом на Скопје“ ќе работи 24 часа. На 31 декември, во текот на денот и за новогодишната ноќ, како и на 1 јануари, достапни се дежурните ординации во поликлиниките „Јане Сандански“, „Чаир“, „Ченто“, „Шуто Оризари“, „Ѓорче Петров“, „Драчево“ и „Бит Пазар“.

Овие ординации ќе дежураат и за божиќните празници.

За време на празниците ќе функционира и единицата за домашно лекување.

Поради претстојните прослави, Службата за Итна медицинска помош препорачува редовно земање на терапија кај хроничните болни, луѓето кои постеле да внимаваат на храна и умерено да користат алкохол, за да избегнат несаканите последици - алкохолни труења, тепачки и сообраќајни незгоди.

XS
SM
MD
LG