Достапни линкови

„Големата петорка“: За Србија и Косово нема европска иднина ако не ги нормализираат односите


Претставници на „големата петорка“
Претставници на „големата петорка“

Квинтата порача дека нападот на косовската полиција од 24 септември мора детално да се истражи и оти очекува целосна соработка од Србија за ова прашање. Вучиќ оцени дека имал тежок состанок со „големата петорка“, а Курти излезе со порака дека треба нов пристап во дијалогот.

За Србија и Косово нема европска иднина ако не бидат нормализирани нивните односи и не бидат имплементирани договорите, порача специјалниот претставник на ЕУ за дијалогот помеѓу Белград и Приштина, Мирослав Лајчак.

Тој во Белград, по состанокот со српскиот претседател Александар Вучиќ повтори дека напаѓачите на косовската полиција во Бањска на 24 септември мора да бидат изведени пред лицето на правдата, како и дека тој инцидент мора детално да се истражи.

Претставникот на ЕУ потенцираше дека западните земји силно го осудуваат нападот и додаде оти очекува целосна соработка на Србија за ова прашање.

Лајчак беше дел од таканаречената „голема петорка“ или Квинатата што на 21 октомври прво ја посетија Приштина, па Белград. На состанокот со Вучиќ, покрај претставникот на ЕУ присуствуваа и специјалниот претставник на САД за Западен Балкан Габриел Ескобар, како и со главните советници на лидерите на Франција, Германија и Италија – Емануел Бон, Јенс Плоетнер и Франческо Тал.

Вучиќ: Тежок состанок

Српскиот претседател Александар Вучиќ на средба со претставниците на „големата петорка“
Српскиот претседател Александар Вучиќ на средба со претставниците на „големата петорка“

Состанокот го „големата петорка“ српскиот претседател на својот профил на Инстаграм го опиша како „тежок“.

„Верувам дека во наредниот период ќе пронајдеме пат за излез од кризата. Наредните денови очекувам важен состанок во Брисел“, пишува во објавата на Вучиќ.

Во пресрет на состанокот, а на настан за одбележување на 15-годишнината од основањето на партијата Српска напредна странка (СНС), тој рече дека во Белград доаѓа „петорката на големите, силните и најсилните“ и оти денешниот ден ќе биде веројатно еден од најтешките за Србија и за него лично.

Додаде дека ќе ја чува Србија „колку и тие да се на број и колку и да се силни“.

Кои беа пораките од Приштина

Косовскиот премиер Албин Курти на средба со претставниците на „големата петорка“
Косовскиот премиер Албин Курти на средба со претставниците на „големата петорка“

По состанокот што го имаше Квинтата во Приштина, пак, косовскиот премиер Албин Курти рече дека приоритет на неговата Влада е безбедноста на земјата, граѓаните, границите и територијата на Косово.

„По терористичкиот и злосторнички напад на 24 септември, кој го изведоа паравоените групи со потпора и учество на Србија, казната е од пресудно значење за (нападот) да не се повтори“, соопштија од Владата на Косово.

Кога е во прашање дијалогот со Србија, Курти посочи дека е неопходен нов пристап во овој процес.

Специјалниот претставник на ЕУ за дијалогот меѓу Србија и Косово Мирослав Лајчак, пак, посочи дека случувањата во Бањска на северот на Косово ја промениле ситуацијата, но нема алтернатива за дијалогот за нормализација на односите. И оттаму тој ги повтори осудите од Западот за настаните на северот на Косово, како и очекувањата за соработка од српска страна.

„Случувањата од 24 септември јасно покажуваат дека деескалацијата и нормализацијата сега се поитни од кога било. Секое условување или одложување е неприфатливо. Очекуваме Косово и Србија да ги исполнат своите обврски произлезени од дијалогот“, рече Лајчак.


Во тој контекст, тој наведе дека Косово, ако сака да напредува кон ЕУ, мора без одложување да формира Заедница на српски општини (ЗСО), која на Србите во Косово би им пружила поголема автономија.

Лајчак рече дека „големата петорка“ во Приштина дошла со план за кој подоцна ќе разговараат и со српскиот претседател Александар Вучиќ, но не сакаше да прецизира за што станува збор.

„Дијалогот нема алтернатива бидејќи дијалогот носи нормализација на односите меѓу Косово и Србија и го отвора европскиот пат на двете држави“, порача претставник на ЕУ.

Што им претходеше на состаноците?

Доаѓањето на претставниците на Квинтата следува откако на 24 септември вооружена група Срби ја нападна косовската полиција во Бањска, Општина Звечан, кога загина наредникот Африн Буњаку. Во размената на огнот беа убиени и тројца од напаѓачите со српска националност.

Официјална Приштина за нападот го обвини Белград, додека српските власти негираа вмешаност.

Квинтата со оваа посетата на Приштина и Белград сака да пренесе порака дека постои единство меѓу ЕУ и САД во ставот дека нема да се откажат од Договорот за нормализација на односите, кои странките го постигнаа на 27 февруари во Брисел, а анексот за негова примена беше договорен на 18 март во Охрид.


Во пресрет на средбите на 21 октомври портпаролот на ЕУ Петер Стано изјави дека целта на посетата од страна на „големата петорка“ е да се постигне конкретен напредок во примената на Договорот за нормализација и деескалација, по последните случувањата.

Дипломатите во Брисел признаат дека после нападот во Бањска дојде до промена на околностите, но сè уште не е целосно јасно во која мера овој настан ќе влијае на дијалогот.

Десетина дена пред нападот, во Брисел беше одржана последната рунда од дијалогот на ниво на лидерите, но таа заврши неуспешно бидејќи официјална Приштина не го прифати предлог-планот на ЕУ за примена на договорот.

XS
SM
MD
LG