Достапни линкови

Косово - Протестите продолжуваат, Западот притиска врз Приштина


Дел од демонстрантите во Звечан на 2 јуни излегоа на протест со транспаренти на кои пишуваше: „Нема да не исфрлите од нашите домови“ и „Сакаме мир, а не солзавец и шок бомби“
Дел од демонстрантите во Звечан на 2 јуни излегоа на протест со транспаренти на кои пишуваше: „Нема да не исфрлите од нашите домови“ и „Сакаме мир, а не солзавец и шок бомби“

Петти ден од протестите на Србите во северно Косово против албанските градоначалници во општините со мнозинско српско население. Американскиот државен секретар Ентони Блинкен ја обвини косовската власт, а сенаторот Крис Марфи побара поагресивно учество на САД на Балканот

Стотици српски демонстранти се собраа во петокот, 2 јуни, во раните утрински часови во Звечан, за да го продолжат протестот против стапувањето на функција на албанските градоначалници на општините со мнозинско српско население.
Дел од демонстрантите во Звечан носеа транспаренти на кои пишуваше: „Нема да не исфрлите од нашите домови“ и „Сакаме мир, а не солзавец и шок бомби“, јави балканскиот сервис на Радио Слободна Европа.

Тие не презентираа никакви докази за да ги поткрепат нивните тврдења за „иселување од нивните домови“.

Демонстрантите во општините со мнозинско српско население во северно Косово со денови протестираат против градоначалниците Албанци. Потсетуваме дека на 29 мај демонстрантите се судрија со војниците на мировната мисија на НАТО - КФОР во Звечан. Последниве денови протестите беа главно мирни.

Меѓународната заедница веднаш повика на смирување на тензиите.

Сенаторот Марфи повика на поагресивно учество на САД на Балканот

Денска американскиот сенатор Крис Марфи повика на поагресивно учество на САД на Балканот.

Марфи, кој е член на Комитетот за надворешни работи на американскиот Сенат, во интервју за „Нејшанал џурнал“, изјави дека САД мора агресивно да се ангажираат на Балканот и ги обвини косовските власти за актуелните тензии на Косово.

„Мораме агресивно да се вклучиме на Балканот за да го заштитиме мирот, бидејќи во моментов не можеме да си дозволиме да гаснеме вистински пожари во тој регион“, рече сенаторот Марфи во интервјуто, по враќањето од балканската турнеја.

Протестите избија во текот на викендот кога избраните албански градоначалници влегоа во општинските згради во градовите со мнозинско српско население во северно Косово. 30 војници на мировните сили на НАТО, КФОР, беа повредени за време на конфликтот меѓу демонстрантите и органите на редот.

Државниот секретар Антони Блинкен ја обвини Владата на Косово за дејствијата што доведоа до „ескалација на тензиите на северот и зголемување на нестабилноста“. Блинкен, исто така, ги осуди нападите врз мировниците на НАТО.

Османи: Косово е подготвено да го разгледа европското барање

Синоќа, 1 јуни, косовската претседателка Вјоса Османи потврди дека францускиот претседател Емануел Макрон и германскиот канцелар Олаф Шолц побарале Приштина да најде начин да организира избори на северот на земјата, на кои ќе учествуваат косовските Срби.

„Им кажав дека сме подготвени да ја разгледаме таа можност“, изјави Османи на прес-конференција по средбата со европските лидери за време на самитот на Европската политичка заедница во Молдавија на 1 јуни.

Османи посочи дека на европските лидери им порачала дека законските процедури дозволуваат одржување на изборите.

„Тоа не се прави веднаш, но има законски процедури кои им овозможуваат на граѓаните да одлучат дали сакаат избори“, додаде таа.

XS
SM
MD
LG