Достапни линкови

Боки 13 се жалел до Народниот правобранител за условите во Идризово


Андоновски - На должниците за брзи кредити им се заканувале со насилство
please wait

No media source currently available

0:00 0:13:55 0:00

Андоновски - На должниците за брзи кредити им се заканувале со насилство

Претставници на Народниот правобранител на барање на Бојан Јовановски – Боки 13, биле во затворот Идризово, да извршат увид. Боки 13 пред десетина дена беше натепан во затворот. Несоодветните услови во затворите се стара болка којашто трае предолго, вели во интервју за Радио Слободна Европа, заменик Народниот правобранител Јован Андоновски.

Господине Андоновски, во ек на енергетска криза, на што најмногу се жалат граѓаните до вас?

Најмногу граѓаните се жалат на корпусот потрошувачки права, делот со испорачана електрична енергија, односно висината на сметките што граѓаните ги добиваат во последните неколку месеци. Има различни примери, каде што заедница на станари којашто користи заедничка потрошувачка за осветлување во станбениот објект е категоризирана во четврта категорија на потрошувачи како да трошат голема количина енергија, а тоа е нели, според висината на сметката.

Граѓаните едно време беа доведени во заблуда по однос на тоа колку е покачена цената на електричната енергија затоа што официјалниот процент беше објавен од Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), меѓутоа пресметковно добивавме многу повисоки сметки. Дополнително, дојдовме до сознанија дека износот е многу повисок , а тоа се должи на покачените давачки за пренос и дистрибуција. Комисијата којашто редовно ги информира граѓаните за секоја промена на електричната енергија, на нафтените деривати, на топлинската енергија, не нашла за сходно транспарентно и отчетно да ги информира дек се покачува износот за пренос и дистрибуција неколкукратно и притоа во изминатите година, година и пол, трипати е покачен за огромен процент. Кога велам огромен процент, некои од нив се зголемени и за 300 отсто. Доколку сака РКЕ може веднаш да интервенира со измена на оваа цена, односно враќање во првобитна состојба и да им укаже на тој начин помош и на граѓаните, и на стопанството да можат полесно да го поминат барем овој тежок период со кој се уште се соочуваме.

Ние како институција доставивме соодветно мислење во писмена форма со коешто бараме од РКЕ да интервенира. За жал, и покрај тоа што се поминати неколку недели, немаме никаков одговор од страна на Комисијата и бевме принудени вчера да доставиме повторно мислење за да интервенираат во таа насока во којашто ние сме побарале од нив.

Што побаравте да интервенира РКЕ, дали станува збор за поделба во сметките - да има поконкретно колку пари одат за МЕПСО, а колку за ЕВМ дистрибуција во однос на мрежарината?

Да, во таа насока компанијата МЕПСО нè извести дека многу помал, речиси незначителен е делот којшто МЕПСО го добива како компанија од оваа давачка, а значително многу поголем е оној дел којшто оди за ЕВН дистрибуција. Дури и самата МЕПСО се има обратено до РКЕ и има побарано таа ставка да се раздели, да биде одделна од приложените фактури, за да може и граѓаните да имаат увид колкав е износот којшто оди за МЕПСО, а колкав е износот за ЕВН. Ние побаравме да се редуцира износот за пренос и дистрибуција, барем до надминување на економската и енергетската криза со којашто се соочуваме сите ние. Дали ќе има разбирање РКЕ да излезе во пресрет на граѓаните и стопанството, или пак ќе ги штити интересите на приватна компанија, тоа е веќе нивна одлука.

Еден од поголемите проблеми на најранливите категории граѓани во земјава се брзите кредити. Од вашето досегашно искуство со жалби на граѓани во однос на брзите кредити, какви правни замки се кријат во ветувањето дека телефонски за половина час можат да побараат и да им пристигнат брзи пари?

Се жалат на тоа дека каматата знае да достигне износ од 50 па и 100 отсто од вкупниот износ на средства којшто го добиле како кредит. Така имаме ситуација каде што граѓанин дојде во мојата канцеларија којшто за подигнати 30.000 евра треба да врати 60.000 евра. Според моето видување на нештата, тоа е озаконето лихварство, а лихварството е забрането со кривичниот законик. За жал, ние како институција немаме надлежност кон приватните субјекти, меѓутоа Министерството за финансии е она што треба да врши редовен надзор над работењето. Самиот факт дека речиси и да нема поглавна улица, особено во поголемите градови, каде што има такви фирми за брзи пари и дека работат со големи добивки, кажува дека не соодветствува нешто во таа состојба со она како пазарот функционира. Дополнително, граѓаните се жалат дека трпат дури и закани и притисоци дека доколку не го платат износот веднаш, не само што нема да им запре растењето на каматите, туку дека ќе им биде одземен и приватен имот. Како тоа би се спровело, тоа е веќе друго прашање. Но тврдат дека оние јавувања коишто ги добиваат најчесто се со закани за насилство.

Колку лица се пожалиле до вас дека им се заканувале со насилство заради неплатен долг кон фирми за брзи кредити?

Па веќе бројот е двоцифрен и сите тие се упатени да пријават во МВР дека добиваат закани.

Неодамна во јавноста го покренаа интересот случувањата во затворот Идризово, односно физичкиот напад врз Бојан Јовановски, познат како Боки 13. Дали тој досега се обратил до вас со претставка или со жалба за случувањата во затворот?

Да, неколку пати наши вработени биле во затворот Идризово, меѓу кои и на барање на посоченото лице. Точно, имаме констатирано во бројни ситуации, не само по случајот со Бојан Јовановски, туку и многу други случаи на несоодветни услови во затворите. И тоа е стара болка којашто трае предолго време. Нехумани услови, пренатрупаност во воспитно-поправните установи, во затворите, недостаток на персонал, ете и на медицински персонал, неукажување на медицинска грижа или пак на недоволна или несоодветна медицинска грижа. Наши вработени беа, во понеделникот или вторникот оваа недела, да извршат увид. По изготвувањето на службената белешка ќе може да споделиме кои се сознанијата од овој конкретен случај.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG