Достапни линкови

Експлозии низ Украина, отворени 9 хуманитарни коридори


Оштетена станбена зграда во Киев.
Оштетена станбена зграда во Киев.

Сирени за воздушни напади ги разбудија утринава жителите на Киев, Лвив и неколку други градови во Украина. Велика Британија обвинува дека Русија ги попречува хуманитарните коридори за евакуација на цивилите. Москва му забрани влез на британскиот премиер Џонсон во Русија.

Нови експлозии утринава одекнаа во главниот град на Украина, Киев, соопшти градоначалникот Виталиј Кличко.

Тој на платформата Телеграм напиша дека експлозиите биле во квартот Дарницки на периферијата на градот. Се уште нема информации дали и колку луѓе загинале.

Градоначалникот ги повика жителите да обрнуваат внимание на сирените за воздушни напади, а на оние кои избегале од главниот град им порача засега да не се враќаат.

Сирените за воздушен напад се вклучија во повеќе делови на Украина во раните утрински часови. Освен во Киев, експлозии се слушнале и во градот Лвив, во западна Украина.

Гувернерот на градот Максим Козицки на Телеграм, соопшти дека воздушниот напад се случил помеѓу 5:46 и 7:02 часот по локално време, но не даде дополнителни информации дали има жртви.

Лвив последен пат беше цел на поголем руски напад кон крајот на март, кога руски проектили погодија фабрика и складиште за гориво.

Девет нови хуманитарни коридори во Украина за евакуација на цивили

Во меѓувреме вицепремиерката на Украина Ирина Верешчук соопшти дека за денеска се договорени девет хуманитарни коридори за евакуација на цивили, меѓу кои и за пристанишниот град Мариупол, кој што е целосно уништен, а хуманитарната помош со недели не може да стигне до таму.

Во соопштението вицепремиерката Верешчук наведува дека пет од деветте коридори се договорени за регионот Луганск на истокот, кој е под силно бомбардирање.

Велика Британија со обвинување до Русија

Велика Британија тврди дека таргетирањето на патната инфраструктура од страна на Москва ја попречува дистрибуцијата на хуманитарната помош за цивилите во областите од каде што се повлекоа руските трупи.

„Патната инфраструктура во областите погодени од конфликтот во Украина претрпе значителна штета. Руските трупи ја влошуваат состојбата со уништување мостови, користење нагазни мини и напуштање возила по клучните рути додека се повлекуваат од северна Украина“, објави британското Министерство за одбрана на Твитер.

Од таму соопштија и дека уништувањето на речните премини во и околу Чернихив, на пример, оставило пристап само од еден пешачки мост во градот за да се премине реката Десна.

„Оштетувањето на транспортната инфраструктура на Украина сега претставува значаен предизвик во испораката на хуманитарна помош во областите кои порано беа опколени од Русија“, велат од британското Министерството.

Русија му забрани влез на Џонсон

Москва пак објави дека забранува влез во Русија за премиерот на Велика Британија, Борис Џонсон и уште неколку други високи британски функционери, откако Лондон воведе санкции против Русија, поради инвазијата врз Украина.

Освен премиерот Џонсон, Русија забрани влез и на министерката за надворешни работи Лиз Трас, министерот за одбрана Бен Валас и на уште десет други членови на британската влада и политичари.

„Потегот е направен поради непријателската акција на британската влада, а особено наметнувањето санкции против високи руски функционери“, се вели во соопштението на руското министерство.

Според најавите, Русија ќе го прошири списокот на лица на кои ќе им биде забранет влез во земјата.

Британскиот премиер зазеде цврст став против Русија уште од стартот на нејзината инвазија врз Украина која започна на 24 февруари, но и по извештаите за потенцијални воени злосторства во смртоносните напади врз цивили.

Џонсон беше во посета на главниот град Киев на 9 април. За време на неговата посета најави построги санкции кон Русија и му понуди на украинскиот претседател Володимир Зеленски повеќе одбранбено оружје.

Зеленски: Санкциите против Русија не се доволни

Украинскиот претседател Володимир Зеленски во синоќешното обраќање до нацијата рече дека успехот на војската и меѓународните санкции против Русија ќе одредат колку долго ќе трае војната.

„Успехот на нашата војска на бојното поле беше навистина значаен. Историски значаен. Но, сè уште не е доволно да се исчисти нашата земја од руските сили. Санкциите против Русија се многу сериозни и економски болни, но, не се доволни за да ја изгладнеме руската воена машина. Треба да промовираме посилни, подеструктивни санкции. Ова ќе одреди колку долго ќе трае оваа војна“, рече Зеленски.

Тој изјави дека 3.000 украински војници се убиени, а околу 10.000 се повредени од почетокот на руската инвазија на Украина.

Русија ја започна инвазијата на Украина на 24 февруари. До овој ден, според Обединетите нации, во земјата има 4.577 цивилни жртви, 1.964 загинати и 2.613 ранети.

XS
SM
MD
LG