Достапни линкови

Русија бомбардира во источна Украина, Киев обезбеди хуманитарни коридори


На сателитска снимка е прикажан конвој од воени сили кои се упатуваат на југ кон регионот на Донбас, 10 април 2022
На сателитска снимка е прикажан конвој од воени сили кои се упатуваат на југ кон регионот на Донбас, 10 април 2022

Руски гранати утринава погодија неколку згради и училиште во украинските региони Луганск и Днипро. Едно лице е повредено. Киев обезбеди хуманитарни коридори за евакуација на жителите од источна Украина. Зеленски порачува дека не е само Украина, туку мета на руската агресија е цела Европа.

Две лица загинаа, а неколку се ранети од руско гранатирање во украинскиот град Дергачи во североисточниот регион Харкив, објави регионалниот гувернер Олех Синјехубов на Фејсбук. Тој рече дека руските сили извршиле 66 артилериски напади низ неколку региони, предизвикувајќи цивилни жртви.

„Руската армија продолжува да се „бори“ со цивилното население, бидејќи нема победи на фронтот“, додаде Синјехубов.

Руските сили утринава истрелаа гранати и во украинските региони Луганск и Днипро. Погодија неколку згради, повредувајќи едно лице и предизвикувајќи пожар, соопштија официјални лица.

Гранатирани се училиште и станбена зграда во градот Северодонецк во опколената област Луганск, изјави гувернерот на регионот Серхиј Гаидаи.

„За среќа, нема жртви“, напиша Гаидаи на телеграм.

Тврдењата не можат да бидат независно проверени.

Гувернерот, исто така, рече дека жителите на Луганск денеска ќе имаат на располагање девет возови за да излезат од регионот каде, според украинските власти, гранатирањето е зголемено во последните денови и пристигнуваат се повеќе руски сили.

Околу 30 отсто од жителите сè уште остануваат во градовите и селата низ регионот и од нив е побарано да се евакуираат.

„Русија собира сили за офанзива и гледаме дека бројот на гранатирања е зголемен“, изјави гувернерот за украинските телевизии.

Хуманитарни коридори за евакуација на цивилите од Источна Украина

Во меѓувреме украинската вицепремиерка Ирина Верешчук изјави дека Киев обезбедил девет хуманитарни коридори за да им помогне на луѓето да ги избегаат од тешките борби кои се водат на истокот на земјата.

„Сите рути за хуманитарните коридори во регионот Луганск ќе бидат во фунцкија се додека има прекин на огнот со окупаторските руски војници“, рече Верешчук во изјавата на нејзиниот канал на Телеграм.

Повиците на украинските власти за цивилите да бегаат се засилија по ракетниот напад на 8 април на железничката станица во градот Краматорск во регионот Доњецк, преполн со жени, деца и стари лица кои се обидуваа да побегнат.

Украинските власти соопштија дека во нападот загинале најмалку 52 лица, а повеќе од 100 се ранети.

Инвазијата на Русија која трае повеќе од шест недели доведе до тоа четвртина од жителите во Украина да ги напуштат своите домови.

Пронајдена нова масовна гробница во близина на Киев по повлекувањето на руските сили

Откако руските сили се повлекоа од областите северно од главниот град, украинските власти соопштија дека пронашле масовна гробница со десетици тела на цивили во селото Бузова во близина на Киев.

Тарас Дидич, началник на заедницата Дмитривка, рече дека телата биле пронајдени во јама во близина на бензинска пумпа.

Тела беа откриени и во десетина гранатирани автомобили на главниот пат што минува низ Бузова, рече тој. Тврдењето не може да се потврди независно.

„Сега се враќаме во живот, но за време на окупацијата ги имавме нашите „жаришта“, загинаа многу цивили“, рече Дидич во изјава за украинската телевизија доцна синоќа.

Руските сили неодамна се повлекоа од областа околу Киев, откако ги поминаа првите неколку недели од војната безуспешно обидувајќи се да го блокираат градот.

Обединетите нации успеаја да потврдат повеќе од 1.700 цивилни жртви. Но, се верува дека вистинскиот број на загинати е многу поголем.

Британија: Русија во обид да регрутира нови војници по значителните загуби

Британското воено разузнавање, пак, соопшти дека руските вооружени сили се обидуваат да го зголемат бројот на војници со пополнување на персонал, отпуштен од воена служба од 2012 година, бидејќи се зголемуваат загубите на руска страна.

Според британското Министерство за одбрана напорите на руските сили да ја зајакнат својата борбена моќ, вклучуваат и обид за регрутирање од молдавскиот отцепен регион Трансдњестар.

Дали Русија врши геноцид во Украина?

Минатата недела Кремљ за прв пат призна дека Русија претрпела „значителни“ загуби на војници за време на, како што ја нарекува, „специјалната операција“ во Украина.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изрази жалење за зголемениот број на жртви во интервју за британскиот радиодифузер Скај на 8 април, велејќи: „Имаме значителни загуби на војници и тоа е огромна трагедија за нас“.

Зеленски: Не само Украина, цела Европа е мета на руската агресија

Украинскиот претседател Володимир Зеленски за време на неговото обраќање доцна синоќа рече дека руската агресија никогаш не била ограничена само на Украина туку дека цела Европа е мета.

Зеленски го повика Западот да воведе целосно ембарго на руските енергетски извори и да и обезбеди на Украина дополнително оружје.

Тој рече дека употребата на сила од Русија е „катастрофа што неизбежно ќе ги погоди сите“.

Посочи дека Украина е подготвена за тешка битка, бидејќи руските сили се распоредуваат на истокот на земјата.

„Ова ќе биде тешка битка, ние не веруваме во оваа борба и нашата победа. Подготвени сме да се бориме во исто време и да бараме дипломатски начини да ставиме крај на оваа војна“, рече Зеленски.

Украинскиот преговарач Михаил Подољак пак изјави дека претседателот Зеленски и неговиот руски колега Владимир Путин нема да се сретнат додека Русија не биде поразена на истокот.

НАТО планира „постојано присуство на своите граници“

Во обид да се спротивстави на акциите на Русија пак во иднина НАТО планира постојано воено присуство на своите граници, ова денеска го изјави генералниот секретар на оваа алијанса, Јенс Столтенберг, за Телеграф.

Алијансата минува низ „фундаментална трансформација“ која ќе има „долгорочни последици“ поради потезите на рускиот претседател Владимир Путин, рече Столтенберг во интервју за овој весник.

„Она што го гледаме сега е нова реалност, нова нормалност за европската безбедност. Затоа побарав од нашите воени команданти да поднесат опции за ресетирање, долгорочно прилагодување на НАТО“, рече Столтенберг.

Тој во интервјуто рече дека одлуката за ресетирање ќе биде донесена на самитот на Алијансата во Мадрид во јуни.

Столтенберг на состанокот на министрите за надворешни работи на НАТО предупреди дека војната во Украина може да трае со месеци, па дури и со години.

Говорејќи на прес-конференција по состанокот, Столтенберг рече дека сојузниците и обезбедуваат на Украина широк спектар на различни системи за оружје, од советската ера и помодерни, но не сакаше да даде детали за видот на оружјето, ниту за временската рамка.

Подготви Ивана Стојкова

XS
SM
MD
LG