Достапни линкови

Ивановска - Владата да даде пример, а не да води антикорупциски кампањи


Ивановска - Се чудам зошто нема одговор од обвинителството за Холидеј Ин
please wait

No media source currently available

0:00 0:13:12 0:00

Ивановска - Се чудам зошто нема одговор од обвинителството за Холидеј Ин

Најдобар пример и најдобра кампања на Владата за борбата против корупцијата е нивниот личен пример и нивните политики што ги водат, така што ниедна кампања, не знам колку пари и да потрошат, не може тоа да го покрие, вели во интервју за РСЕ, претседателката на ДКСК, Билјана Ивановска.

Госпоѓо Ивановска, локалните избори завршија, колку пријави стигнаа до Антикорупциска за изборни нерегуларности?

Од граѓани ни стигнаа 45 пријави. Шест предмети ние отворивме по наша сопствена иницијатива, а 3 пријави добивме од организатор на изборна кампања за коишто држевме јавни седници и веднаш во рок од пет дена, како што е пропишано во законот, ги донесовме нашите одлуки.

До обвинителството поднесовте иницијативата за кривична одговорност за лицата кои учествувале во донесувањето на Деталниот урбанистичкиот план за Холидеј ин, каде треба да никнат висококатници за која се уште немате одговор. Што мислите, зошто од обвинителството со месеци нема информации за иницијативата?

Мислам дека најдобар одговор ќе даде обвинителството, зошто ние можеме само да претпоставуваме. Мене искрено не ми е јасно зошто, поради тоа што ние дадовме многу добро обработен предмет којшто ги содржеше буквално сите елементи и моја претпоставка е дека не им треба многу време за да ги соберат податоците, затоа што се работи за еден конкретен Детален урбанистички план, односно да соберат една папка за планот од општината и во таа папка се содржани сите овие податоци и информации коишто се однесуваат на злоупотребата на споменатите лица во таа кривична пријава. Така што, искрено не знам и се чудам. Мислам дека може со Јавното обвинителство заеднички, она што ние сме го откриле да им биде од помош, но зошто така се случува навистина не ми е јасно.

Очекувате ли кривично да гони обвинителството за овој случај?

Јас можам да посакувам, а веќе не очекувам ништо.

Тоа значи дека ако од Обвинителството набрзо не добиете одговор, инвеститорот ќе нема пречки да гради?

Тоа не се знае. Сега имаме нов совет, имаме нов градоначалник. Тие може да си преземат мерки. Можеби градоначалникот ќе има доволно храброст, ќе ги врати комуналиите. Мислам дека треба вашите прашања да ги адресирате и сега до новите советници, до новиот градоначалник, затоа што ако се сака има решение.

Иста судбина се очекува да го доживее и просторот кај фабриката Треска во центарот на Скопје. И таму, според вас, како со Холидеј ин, ДУП-от не е во согласност со ГУП-от. Кои се вашите досегашни сознанија за овој случај?

Ние на ист начин го работиме и тој предмет и ќе излеземе исто така со кривична пријава за оние кои што биле чинители во текот на процесот на донесување на тој Детален урбанистички план. Еднаш реагиравме таму бидејќи комисијата која требаше да прави идејно решение за тој простор беше составена и од сопствениците на парцелите. Тоа, според нас, претставува судир на интереси, бидејќи тие не може да одлучуваат за нешто од коешто тие треба да имаат личен, приватен интерес. Претходниот градоначалник и советот ја поништија одлуката за основање на таа комисија. Сега очекувам дека ќе направат нешто ново, ќе донесат нова одлука, ќе формираат комисија, ќе излезе некое идејно решение за тој простор. Во секој случај имаат и механизам да направат и суспензија на планот и измените во законот тоа го дозволуваат. Мислам дека ако има волја може да се уреди сè.

Од 2019 година чекате одговори и за иницијативата за кривична одговорност за лицата од ДИК кои учествувале во тендерот за печатени материјали за гласање. Побаравте проактивност од институциите и побрзо решавање на иницијативите. Колку од вашите иницијативи се прифаќаат од надлежните?

Па сведоци сте вие. Гледате дека не се прифаќаат баш многу, односно многу е мал процентот за оние коишто се прифаќаат. Конкретно за оваа кривична пријава ние уште тогаш напоменавме дека можно е да истечат роковите. Можно е сега да играат и на таа карта. Важно ние сме ја предале додека не бил истечен рокот. Не знам што да кажам. Ние повикуваме и до Европската комисија. Значи, пак ќе кажам, уредувањето на нашава земја. Намалување на криминалот и корупција и недолично однесување зависи од сите чинители во општеството. Ако сакаме ние да направиме едно општество добро за сите, тогаш тоа само од нас зависи и од никој друг.

Владата спроведува кампања „Сега сè е јавно - корупцијата не се исплати“. Вакви кампањи треба да спроведува Антикорупциска или Владата?

Се разбира дека Антикорупциска. Мислам, Владата треба да биде многу рационална во трошењето на буџетските средства. Ние спроведуваме ваква кампања со поддршка на ИПА проект и Владата знаеше, беа информирани дека ние имаме таква кампања. Меѓутоа нели одговорноста за трошењето на парите е нивна. Но, сепак мислам дека најдобар пример и најдобра кампања на Владата за борбата против корупцијата е нивниот личен пример и нивните политики што ги водат, така што ниедна кампања, не знам колку пари и да потрошат, не може тоа да го покрие. Што значи дека лично мислам дека Владата не треба да води такви кампањи.

Покажува ли Владата личен пример?

Е па тоа јавноста го гледа и го цени нели.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG