Достапни линкови

Лажни повици за студентска настава како „несолен хумор“


Илустрации - Студенти со индекс
Илустрации - Студенти со индекс

Во текот на вчерашниот ден меѓу студентите се споделуваше фотографија од мејл во кој се вели дека факултетите започнуваат со настава од 11 мај. Но, студентските собранија реагираа дека оваа информација е лажна.

„Хумористична“ дојава се претвори во лажна вест. Меѓу студентите се споделуваше фотографија од мејл во кој пишува дека наставата во факултетите започнува на 11 мај. Меѓутоа, вчера вечер Универзитетското и факултетското студентски собранија реагираа дека оваа информација е лажна.

„Мејлот кој кружи дека наставата на факултетите започнува од 11 мај е лажен. Доколку се разговара за враќање на факултетите и почеток на наставата ќе бидете информирани од страна на вашите студентски претставнички тела. Најостро го осудуваме ширењето на лажни вести меѓу студентите. Во време на светска пандемија и неизвесност за иднината, не е смешно ниту интересно да се шират такви ,,пренкови". Бидете одговорни, не е време за тролање! Сите информации во врска со студиите и мерките за спречување на вирусот можете да ги следите на нашите социјални медиуми. Чувајте се и не верувајте на лажни вести!“, стои во објавата на Фејсбук профилот на Универзитетското собрание при УКИМ.

Лажен повик за студентска настава
Лажен повик за студентска настава

Борјан Ефтимов, претседател на Универзитетското собрание при УКИМ вели дека овој лажен повик за настава започнал како шаега, меѓутоа брзо излегло од контрола и почнал да се споделува брзо и без да се знае од каде потекнува.

„Во време кога имаме голема неизвесност за иднината на образовниот процес, но и здравствената и економската состојба на студентите, целосно неоправдано и неодговорно е ширење на вакви „хумористични“ информации меѓу студентите. Мораме да ја разбереме ситуацијата во која се наоѓаме и да се однесуваме одговорно, без разлика дали се работи за студентски претставнички тела, забавни страници или индивидуи. Ваквите шеги предизвикуваат непотребна паника кај студентите кои секој момент чекаат било какви информации за нивното образование. Апелираме во иднина да се избегнат ваквите „шеги“ како не би се создале непосакувани последици од истите“, вели Ефтимов.

Дополнително, апелираат студентите да внимаваат од каде доаѓаат информациите и да ги следат информациите од официјалните канали за комуникација на студентските претставнички тела.

XS
SM
MD
LG