Достапни линкови

„Денот на млада публика“ ќе биде онлајн


Ден на млада публика, 2020

Одржувањето на паневропскиот настан „Ден на млада публика“, во кој нашата земја учествува шеста година по ред, годинава ќе се оджи онлајн.

Поради глобалната пандемија со КОВИД-19, Европската филмска академија, која е организатор на настанот, извести дека за жал мора да се откажат сите кинопроекции кои беа планирани да се одржат во 40 европски земји на 26 април, соопшти Агенцијата за филм.

„Денот на млада публика“ оваа година ќе се одржи во потполно виртуелен формат и на овој начин на младата публика од Европа повторно ќе и се овозможи гледање на одлични филмски остварувања. Иако со ништо не може да се спореди искуството на гледање на филм во киносала во друштво на други љубители на филмската уметност, во оваа ситуација најважно е да се спречи ширењето на вирусот, порача Европската филмска академија.

На 26 април околу 100 деца на возраст од 12 до14 години од неколку основни училишта од Скопје заедно со своите врсници од другите европски земји ќе се приклучат онлајн, од своите домови, за да ги проследат трите номинирани европски филмови, наменети за младата публика. На овој начин, тие ќе бидат дел од меѓународното жири кое ќе одлучи кој филм ќе ја понесе наградата од млада публика (EFA Young Audeience Award) која е официјална категорија во рамките на Европските филмски награди во организација на Европската филмска академија.

Во трката за најдобар европски филм наменет за младата публика, овој пат се филмовите:

„MY BROTHER CHASES DINOSAURS“ во режија на Стефано Чипани (Италија/Шпанија)

„MY EXTRAORDINARY SUMMER WITH TESS“ во режија на Стивен Вутерлод (Холандија/Германија)

„ROCCA CHANGES THE WORLD“ во режија на Катја Бенрад (Германија)

Покрај проследувањето на филмовите и гласањето за најдобар европски филм, преку стрим, младите од 40 европски земји ќе имаат можност да комуницираат меѓу себе, но и да поставуваат прашања на режисерите на филмовите.

„Овој паневропски настан чиј официјален домаќин е градот Ерфурт во Германија, е креиран во насока на размена на мислења на младите во Европа, поттикнување на нивната мултикултурна комуникација, запознавање и прифаќање на различностите, како и подигнувањето на свеста за суштествени општествено-социјални прашања во европски рамки. Овој настан низ филмскиот ракурс на младата публика и овозможува да дознае повеќе за земјите во Европа, националностите, како и нивната култура и традиција, посочуваат од Агенцијата за филм, која е организатор на настанот во Скопје.

Во соработка со Градот Скопје учествува во оваа иницијатива од 2015 година.

XS
SM
MD
LG