Достапни линкови

Сите членки на ЕУ ја прифатиле новата методологија за проширување


Посебниот извештај за напредокот на Скопје и Тирана кој го подготвува еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји се очекува да биде објавен во почетокот на март и од него ќе зависи одлуката за двете земји.

Потпретседателот на Европската Комисија, Марош Шефчович, на прес-конференцијата по денешниот Совет за општи работи на ЕУ, посочи дека сите 27 земји членки дале целосна поддршка за новата методологија на ЕУ за пристапни преговори.

„Новиот пристап беше поздравен од сите земји членки, слушнав поддршка од сите земји кои интервенираа“, изјави Шефчович.

Според него, земјите-членки се сложни набрзо да ги отворат преговорите со Северна Македонија и Албанија.

„Имаме голема поддршка за ангажман за три плана во текот на 2020 година: ревидирана методологија, отворање на пристапни преговори со Северна Македонија и Албанија и фокусирања на економскиот развој и владеењето на правото во регионот“, рече Шефчович.

Хрватската државна секретарка за европски прашања, Андреја Метелко-Згомбиќ, која претседаваше со денешниот совет нагласи дека за Хрватска е важно процесот на ревизија на методологијата и отворањето на преговорите со Северна Македонија и Албанија да одат паралелно.

„За Хрватска е важно двата процеса да останат паралелни за да се создадат услови за напредок и да дојдеме до договор за отворање на преговорите со Северна Македонија и Албанија, ќе бидеме многу активни на ова поле“, изјави државната секретарка.

Таа ја нагласи одлучноста на хрватското претседавање да се поттурнат работите за да се постигне позитивна одлука за Северна Македонија и Албанија.

„Имаме голема поддршка за ангажман за три плана во текот на 2020 година: ревидирана методологија, отворање на пристапни преговори со Северна Македонија и Албанија и фокусирања на економскиот развој и владеењето на правото во регионот“, рече Шефчович.

Претходно, и германскиот секретар за Европа, Михаел Рот изрази оптимизам дека наредниот месец ќе се донесат позитивни одлуки за Северна Македонија и Албанија.

На состанокот учествува и еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји, кој во почетокот на месецов ја претстави новата методологија. Посебниот извештај за напредокот на Скопје и Тирана кој го подготвува неговиот кабинет се очекува да биде објавен во почетокот на март и од него ќе зависи одлуката за двете земји.

Францускиот претседател Емануел Макрон, кој лани беше главниот противник на датумот за преговори за двете балкански земји, неодамна изјави дека доколку во март бидат позитивни резултатите од извештајот на ЕК тој ќе го поддржи започнувањето на преговорите.

Според првичниот распоред, ако извештајот за двете земји е позитивен, Советот за општи работи на ЕУ би требало на мартовскиот состанок да ги усогласи ставовите на земји членки за зелено светло за преговори со Скопје и Тирана. На самитот, пак, кој ќе биде одржан неколку дена подоцна шефовите на држави и влади на членките на ЕУ би требало да го кажат и конечниот збор.

XS
SM
MD
LG