Достапни линкови

Минхенска безбедносна конференција и предизвиците за Западот


Полиција го обезбедува местото каде се одржува Минхенската безбедносна конференција, 14 февруари 2010

Во последните години, Западот каков што го познаваме е соочен со предизвици одвнатре и однадвор. Заедничкото сфаќање за тоа што значи Западот избледува. Затоа, годинешната конференција ќе се фокусира на тој феномен.

Одговори и решенија на прашањата за соработката во одбраната и либерален меѓународен поредок се дел од темите на годинешната Минхенска безбедносна конференција.

„Западот, соочен со нова голема конкурентска сила и со многубројни кризи кои бараат усогласен одговор, што значи за светот доколку Западот не може да се согласи на заедничка стратегија и им го отстапува местото на другите“, се дел од прашањата на кои 500 гости ќе треба да најдат одговори.

Меѓу нив, претседателот на Франција, Емануел Макрон, генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, премиерот на Канада Џастин Трудо, кој за прв пат ќе присуствува на конференцијата, која ќе ја отвори претседателот на Германија, Франк Валтер Штајнмаер. На конференцијата ќе присуствува и државниот секретар на САД, Мајк Помпео, министрите за надворешни работи на Кина и Иран, Ванг Ји и Џавад Зариф.

Конференцијата, се одржува во време на високи тензии помеѓу сојузниците и долги, крвави конфликти кои го надминуваат нивото на тензии од претходните години, анализираат светските медиуми. Овие тензии вклучуваат прашања како несогласувањето со политиките кон Иран како и барањето на претседателот на САД, Доналд Трамп, европските сојузници да ги зголемат буџетите за одбраната со цел олабавување на американските даночни обврзници.

Тензии може да има и помеѓу самите диломатски претставници на САД поради најавеното присуство и на претседателката на претставничкиот дом, Ненси Пелоси.

Помпео и секретарот за одбрана Марк Еспер се очекува да се сретнат со авганистанскиот претседател Ашраф Гани на маргините на конференцијата.

„Задоволство ми е да бидеме во Германија на Минхенската конференција за безбедност. Очекувам дека ќе обезбеди продуктивен форум за дискутирање за заедничката безбедност, соочување со Иран и за зајакнување на трансатлантските односи“, напиша на својот Твитер профил Помпео по пристигнувањето во Минхен.

Покрај безбедносните прашања, на конференцијата фокус ќе биде ставен и на ефектите од климатските промени, но и на трговијата и на технолошкиот напредок во меѓународната безбедност.


Македонскиот претседател Стево Пендаровски исто така ќе биде дел од 56-та Минхенска безбедноста конференција. Како што соопштуваат од неговиот Кабинет, Пендаровски ќе има свое обраќање на Конференцијата и на тркалезната маса „Балкански дијалози“ на која е предвидено учество на Џозеп Борел, потпретседател на Европската комисија и Висок претставник за надворешни работи и безбедносна политика на ЕУ, Албин Курти, премиер на Република Косово, Еди Рама, премиер на Република Албанија, Александар Вучиќ, претседател на Република Србија и Екатерина Захариева, вицепремиер за правосудна реформа и министер за надворешни работи на Република Бугарија.

Дел од Македонската делегација се и вицепремиерката и министерка за одбрана, Радмила Шекеринска и министерот за надворешни работи, Никола Димитров.

На маргините на конференцијата, претставници на Србија и на Косово во Минхен денеска потпишаа изјава за намери за обнова на железничкиот сообраќај меѓу Белград и Приштина. Спогодбата е потпишана во присуство на специјалниот американски претставник за преговорите меѓу Србија и Косово Ричард Гренел и претседателите на двете земји Александар Вучиќ и Хашим Тачи.

Минхенската безбедносна конференција, низ пет деценискиот период од своето постоење се етаблираше како светски водечки форум за меѓународна безбедносна политика, обединувајќи ги политичките елити и претставниците на академската заедница и на еминентни невладини организации на едно место, каде разговараат за најактуелните безбедносни и политички теми.

Најавени се и протести пред Конференцијата, а за обезбедувањето во Минхен се задолжени околу 3.900 полицајци.

XS
SM
MD
LG