Достапни линкови

Објекти од Битола наесен ќе се приклучат на гасоводот


Во Општина Битола се одржа презентација на проект за гасификација на градот.

Наесен дел од објектите во Битола ќе се приклучат на гасовод, а дел ќе се приклучат на топлинска енергија од РЕК, предвидува проектот кој го изработи Општина Битола. Досега за гасификацијата на Битола се вложени околу 70 илјади евра, а според проектот до крајот на годинава вкупната сума што треба да се инвестира е 500 илјади евра.

Индустриските објекти, кои се наоѓаат на влезот на Битола ќе бидат првите што ќе се приклучат на гасоводот, додека 36 јавни установи во градот, од кои дел се греат на мазут, ќе бидат топлифицирани. Според најавите на Општина Битола, која го изработи идејниот проект за гасификација, наесен дел од објектите ќе се приклучат на гасоводот. Планирано е Битола да добие еден вид гасоводна топлификација, зошто дел од објектите ќе добијат гас, а другите топлинска енергија од РЕК. Низ градот ќе се постави секундарна мрежа, а не е исклучена можноста да се искористи и мрежата од некогашната топлификација која постои во одредени градски населби.

„Гасоводот ќе има свој инпут во толпификацијата. Системите кои веќе постојат во делот на топлификација и нивната кондиција ќе бидат тековно разгледувани во зависност од динамиката на гасоводната и топлификационата мрежа, која пак е во надлежност на ЕСМ. Ние како локална самоуправа сме субвенционирале до сега печки на пелети, инвертери, па и средствата што ги има Општина Битола би можеле да бидат ставени во субвенционирање на синхронизација на новите со постоечките системи и секако дека ќе се поддржи преку програмите за животна средина“, вели градоначалничката на Битола, Наташа Петровска.

Гасоводот ќе опфаќа 5 мерно- редукциски станици, а последната станица ќе биде Индустриската зона „Жабени“ и фабриката „Кромберт и Шуберт“. Досега за гасификацијата на Битола се вложени околу 70 илјади евра, а според проектот до крајот на годинава вкупната сума што треба да се инвестира е 500 илјади евра. Предвидената динамика на изградбата ќе зависи и од јавните набавки, за кои Владимир Костурски, вработен во општината и задолжен за реализација на проектот гасификација, вели дека секогаш се тесно грло. Воедно, на пазарот бројот на проектанти за гасификација е ограничен. Поради тоа се планира да се воведат насоки за гасни техничари и гасни проектанти во Средното техничко училиште и на Техничкиот факултет во Битола.

„Годинава треба да се изградат околу 3 километри гасоводна мрежа во вредност од 500 000 евра. Ова се проектантски цени, ќе одат на јавни набавки, па може да биде и поевтино. Градбата ќе почне и ќе зависи од временските прилики, но и јавните набавки досега ги имаме идентификувано како тесно грло во сите проекти. По месец мај ќе следи процедура за јавна набавка, ако е се во ред градбата би започнала во втората половина на година, октомври или ноември“, рече Костурски.

Магистралата преку која ќе се пренесува гасот до Битола е стигната до Битолско, сепак попатно има делови каде треба да се спроведува мрежата, а и да се направи експропријација на земјиште.

„Магистралниот гасовод по кој треба да пристигне гасот до Битола е пред Битола, интензивно го гради државата и до на есен ќе биде спремен. Стигнат е до битолското село Карамани, но има делови кои не се реализирани, на пример, во некои делови нема цевки, има делови од трасата кои се уште имотно право не се решени. Буквално и едно метар некаде има прекин каде што нема гасовод“, рече Костурски.

Поставувањето на гасоводот е главниот адут на битолската локална самоуправа за справување со загадувањето на воздухот.

  • 16x9 Image

    Жанета Здравковска

    Родена во Битола на 15.01.1977 година. Дипломирала на Педагошкиот факултет во Битола во 1999 година, а магистерски студии завршила на постдипломските студии по менаџмент на човечки ресурси на Институтот за социолошки и политичко- правни истражувања во Скопје. Работела како новинар во повеќе локални редакции во Битола, а за Радио Слободна Европа известува од 2002 година. 

XS
SM
MD
LG