Достапни линкови

Новогодишна ноќ во Македонија: Многу забава и многу работа за лекарите и пожарникарите


Илустрација - Дедо Мраз и противпожарно возило
Илустрација - Дедо Мраз и противпожарно возило

Со многу огномети, песна, забава и желби, но и со многу петарди, алкохол и интервенции на брзата помош и пожарникарите беше дочекана Новата 2020 година во Скопје, Битола, Прилеп, Струмица, Куманово...

Полни плоштади и кафеани, огномети, исполнети туристичките капацитети, многу забава и новогодишни желби, но и овој пат и многу петарди, пијанства и интервенции на пожарникарите и брзата помош. Во таква атмосфера помина најлудата ноќ во Македонија од Струмица до Тетово, од Скопје до Гевгелија...

Дино Мерлин и ласерско шоу за скопјани

Во организација на Град Скопје, над 60.000 граѓани од земјава и од странство ја дочекаа Новата 2020 година во главниот град на плоштадот „Македонија“ со шоу на балканската музичка ѕвезда, Дино Мерлин. Веселата атмосфера со пеењето на неговите хитови на новогодишната ноќ дополнително ја кренаа сценските ласери и повеќеминутниот огномет со кои се означи почетокот на новата година. Новогодишната забава во Скопје вчеравечер почна во 20.30 часот, со настапот на музичките групи „Gypsy Groove“ и „Суперхикс“ кои ја загрејаа атмосферата во студената новогодишна ноќ и го најавија главното шоу.

Новогодишна забава на плоштадот Македонија во Скопје
Новогодишна забава на плоштадот Македонија во Скопје

Во Битола и Прилеп со народни песни, во Охрид туристички

На плоштадот„Магнолија“ во Битола, синоќа голем број битолчани ја дочекаа Новата 2020 година. Со музичка програма, која започна во 21 часот, пред битолската публика синоќа настапија ДЈ Рикардо, Кон Тру ДЈ и Фанк‘ Д Ап Бенд, за крај, како кулминација на вечерта, настапи Зарина Прва севда со својот бенд, изведувајќи македонски народни песни.
Неизбежниот Дедо Мраз им ја честита Новата година на битолчани, со желби за добро здраве, успех и просперитет на сите, а точно на полноќ градот беше осветлен од голем огномет.
Со богат огномет и пораки за радост, здравје, посреќна, побериќетна и понадежна година, прилепчани на градскиот плоштад „Методија Андонов Ченто“ ја пречекаа Новата 2020 година, јави дописникот на МИА. Забавата до утринските часови траеше и во прилепските кафеани, кафулиња и домови.
Туристичките капацитети во Охрид беа речиси исполнети, а во новогодишната ноќ од гостите доминираа оние од Балканот. Новата декада во Охрид беше дочекана со голема забава, но и во кафеаните и во домовите на охриѓани.

Пожари во Скопје и Струмица, сообраќајка во Куманово и многу петарди во сите градови

Според противпожарните служби и според полициските извештаи, околу два часот по полноќ избувнал пожар во стан на вториот кат од зградата број 25 на улицата „Јанко Цветинов“ во Струмица. Повредени нема, но целосно е уништена една од собите на станот. Во гаснењето на пожарот, Територијалната противпожарна единица на Струмица учествуваше со четворица пожарникари и едно противпожарно возило и по еден час пожарот е изгаснат и не се прошири во другите соби и соседните станови.

Територијалната противпожарна Единица на Град Скопје во текот на новогодишната ноќ имала осум интервенции кои успешно се завршени. Дежурните екипи интервенирале во гаснењето на пожар во дуќан, тераса, штала. Причинета е материјална штета, а само во еден случај има повредено лице. Во 23 часот бил предизвикан пожар од употреба на пиротехнички ракети на тераса на улица „Крсте Мисирков“ зад „26 Јули“ на Бит Пазар при што е спасен сопственикот на станот. Повредениот бил пронајден во безсознание и со возило на Итната медицинска помош е пренесен во една од скопските клиники.

Триесет минути по полноќ во Куманово се случила сообраќајна незгода помеѓу патничко возило „ауди“, со кумановски регистарски ознаки, управувано од В.А.(24) од Куманово и патничко возило „пежо“, со скопски регистарски ознаки, управувано од С.А.(26) од Куманово. По незгодата, лицата од патничкото возило „ауди“ се пренесени во Општата болница Куманово, каде на сопатникот Б.П. му биле констатирани тешки телесни повреди. Увид на местото на настанот извршила екипа од СВР Куманово.

На Токсикологија однесени 29 алкохолизирани

Во новогодишната ноќ, на скопската Клиника за токсикологија биле примени 29 пациенти во алкохолизирана состојба, од кои најмалиот бил 14-годишник, а најстариот имал 63 години. На Ургентниот клинички центар, пак, биле прегледани 105 пациенти.

„За среќа, оваа година немаше предозираност со психоактивни супстанции. Сите пациенти по неколкучасовниот престој и третман на Клиниката се пуштени дома“, изјави денеска д-р Ирина Јуруков од Клиниката за токсикологија и додаде дека кај 14-годишниот пациент е констатирано лесно алкохолно труење кое кај млади лица може да настане само од една чашка алкохол.

Директорот на Ургентниот клинички центар, д-р Алберт Леши, изјави дека во изминатите 24 часа на Ургентен биле прегледани 105 пациенти, од кои 13 се примени на Хируршките клиники, шест биле со повреди во сообраќајни незгоди, тројца пациенти со повреди од пиротехнички направи и еден пациент бил донесен од Градската општа болница „8 Септември“ со повреди од остар предмет.

На територијата под ингеренции на СВР – Охрид, што ги зафаќа општините Охрид, Струга, Кичево, Вевчани и Дебар, ноќта минала мирно, а ситуацијата според полицискиот извештај е проценета за безбедна и стабилна. Во текот на ноќта не се регистрирани нарушувања на јавниот ред и мир и нема случени сообраќајни незгоди. Територијалната противпожарна служба дежурството го мина аплолутно мирно без ниту една интервенција. За разлика од нив, полни раце работа за екипите на Службата за итна медицинска помош. Тие примале пациенти и повици во текот на целата ноќ, интеревенирале и на терен. Најмногу од интервенциите се однесувале на претерано консумирање алкохол, како и повреди настанати во пијанство. Службата работи со неколку екипи, а дел од нив ноќеска вршеле и транспорт на покритични случаи за Скопје, така што од Итната медицинска помош се апелира до граѓаните да се воздржуваат од повици без вистинска потреба.

Првите бебиња - близначиња

Во една минута по полноќ на Клиника за гинекологија и акушерство во Скопје се роди првото бебе оваа година, девојче. Две минути подоцна на свет дојде и нејзиното братче.

„Утрово, на Универзитетската Клиника за гинекологија и акушерство во Скопје, се родија првите бебиња, две близначиња во 2020 година. Првото е женско, родено во 00:01, а второто е машко и е родено во 00:03 часот. Да се живи и здрави! На родителите им посакуваме убава, среќна и бериќетна година“, информира Министерството за здравство.

Првите бебиња во Новата 2020 година во Скопје, близначињата Анастасија и Габриел
Првите бебиња во Новата 2020 година во Скопје, близначињата Анастасија и Габриел

Првото новороденче, кое се породи во Клиничката болница во Битола, само 5 минути по полноќ е женско. Мајката Анита Мојсовска, на која ова и е прво бебе, на свет донесе здраво женско бебе, кое го доби името Евгенија, е тешко 3.530 грама.

На неполни три часа од почетокот на Новата 2020 година, во одделението за гинекологија и акушерство при ЈЗУ Општа болница „Борка Талески“ во Прилеп, се роди машко бебе. За мајката Весна Стојкоска ова е трето дете, сите три машки.

XS
SM
MD
LG