Достапни линкови

Кумановецот Додевски посветен на уметноста


Стоје Додевски во неговото ателје.
Стоје Додевски во неговото ателје.

Кумановецот Стоје Додевски не успал да се запише на академија и со режисерство да се занимава професионално, но тоа не го спречило со уметноста да се занимава аматерски. Вели дека за аматерските претстави во денешно време нема средства. Овој вечен ентузијаст и вљубеник во уметноста пред 17 години започнал да се занимава и со копаничарство.

Кумановецот Стоје Додевски (64) е земјоделски техничар, поранешен вработен во Тутунскиот комбинат „Боро Петрушевски“, уште од детството најголем дел од времето го минувал во театарот, а откако не успеал да се запише на една од академиите во поранешна СФРЈ, се заветил дека аматерски ќе режира претстави, ќе снима филмови, ќе го живее својот сон со многу љубов.

„Започнав во Народна техника во Фото Кино Клубот „Козјак“ во Куманово, снимив четири филмови и сите се наградени. 1974-та година преминав во Народниот театар во сценскиот Лабораториум „Беседа“, почнавме со „Мајка храброст“, асистирав на режисерот Миша Мартинов. Со таа претстава постигнавме успех и на сојузно ниво. Потоа 13 ипол години бев во Домот на извидниците и работев повеќе претстави како што беа „Сојтарии“, „Шарената топка“, „Хај Фај“ од Горан Стефановски, „Анѓелина“ од Ѓорѓи Сталев, за кои имам добиено први награди“, вели тој.

И покрај тоа што имал голема желба да заврши академија и да стане режисер, во тоа време во Белград и во Загреб, како што вели, немало место. Се обидел во Словенија, но таму барале некаква препорака, од некој компетентен од градот или од тогаш републиката. Но без добра упатеност, а и без поддршка увидел дека талентот самиот ќе си го надградува. Љубовта кон театарската и филмската уметност не го оставила да се разочара и да се откаже. Си ветил себеси дека ако не може професионално, тогаш сето тоа ќе го работи аматерски.

„Учев сам. Кој како ќе дојдеше од режисерите во театарот од секого учев. Беа расположени сите стари режисери како што се Ацо Алексов, Димитар Станковски да објаснуваат. Дури и Петре Прличко многу ми објасни. Мирко Стефановски, таткото на Горан Стефановски, исто така. Подоцна немав никакви проблеми.“

Меѓутоа, за аматерските претстави во денешно време нема средства. Од надлежните се фрлени на страна, едноставно како да не постојат. Доколку се игра некоја претстава тие треба да ја платат салата и останатите трошоци, или сами да си најдат спонзор. Тешко е со спонзорите за аматеризмот.

Во Здружението на пензионери во Куманово Додевски има режирано четири претстави кои се на репертоар.

Овој вечен ентузијаст и вљубеник во уметноста пред 17 години започнал да се занимава и со копаничарство.

„Имав еден период кога сакав да бегам од луѓето, а дрвото ме привлекуваше. Зедов алат и првата резба што ја направив беше насловена „Бегство“, со коњи во трчање. Од тогаш продолжив и резбам до ден денешен.“

Сепак, првата резба некако одредила и Додевски навистина да избега од градската врева, така што пред седум години се преселил во осамен дел на селото Старо Нагоричане. Без соседи, во друштво со неколку кокошки, куче и маче, со своите мисли распослани низ неговиот имот и подалеку додека погледот му втасува, тој твори.

„Мене амбиентот овдека многу ми се допаѓа. Инспиративен е, можам да творам. Имам ателје за копаничарство, лозје што го одгледувам, пластеник за градинарство.“

Додевски минатата година објавил книга со два драмски текста насловена „Таму некаде“, а до крајот на годинава се надева дека ќе објави уште една. Тој успешно соработува и со оние од трето доба, но и со младите, средношколците, чие што мислење го слуша и почитува,го оживува минатото, укажува на проблемите во сегашноста, како семејното насилство и прераниот брак на Ромите. Енергија, желба и љубов ерудираат во него без оглед дали е со театарски текст, со длетото или пак во пластеникот, во лозјето.

  • 16x9 Image

    Светлана Антиќ Јовчевска

    По завршувањето на Студиите по новинарство во Скопје во 1985 година започнува да работи како економски новинар во Куманово, а потоа како дописник на „Вечер“,соработник на „Нова Македонија“,„Утрински весник“,на МРТВ, МИА, Радио Дојче Веле и неколку неделници. Од основањето на Радио Слободна Европа известува за настаните од својот град.

XS
SM
MD
LG