Достапни линкови

Засега само локални активности за 200 години од раѓањето на големиот Дичо Зограф


Спомен соба во чест на најпознатиот македонски иконописец од 19 век Дичо Зограф.

Во Тресонче, родното село на најпознатиот македонски иконописец од 19 век Дичо Зограф, беше одбележана 200 годишнината од неговото раѓање. Отворена е и спомен соба. Локалните власти побараа во одбележувањето да вклучат и централните надлежни институции.

Тресончани ја одбележаа 200- годишнината од раѓањето на најпознатиот македонски иконописец од 19 век Дичо Зограф, роден во малореканското село Тресонче. Во селската црква „Свети Петар и Павле“ беше организирано чествување на Дичо Зограф, кој во својот работен век реализирал над две илјади икони кои се наоѓаат во цркви и манастири во нашава земја, но и во Србија, Бугарија, Грција и Албанија. Отворена е и спомен соба на големиот зограф.

Познатиот драмски писател и дипломат Јордан Плевнеш бара оваа година да биде на најпознатиот македонски зограф и тој да се прогласи за светец.

„Мислам во чест на 200- годишнината од раѓањето, од ова место Тресонче што е на мапата на светската историја на уметност, што го родило тој гениј и неговото семејство, да се покрене интернационална иницијатива Дичо Зограф да биде прогласен за светец“, вели Плевнеш.

Јордан Плевнеш говори на свеченоста за одбележување на годишнината од раѓањето на Дичо Зограф.
Јордан Плевнеш говори на свеченоста за одбележување на годишнината од раѓањето на Дичо Зограф.

Градоначалникот на Општина Маврово – Ростуше, Медат Куртовски, истакнува дека Дичо Зограф е гордост на сите нас. Тој воедно побара во активностите да се вклучат и централните надлежни институции.

„Верувам дека ќе истраеме заеднички на овој пат, овие великани да го добијат своето место. Ако се прошетаме низ Балканот и ги посетиме црковните објекти, сигурно ќе најдеме дела создадени од Дичо Зограф“, вели градоначалникот.

Претседателот на Месната заедница од селото Тресонче „Брзовец“, Жан Илиќ, вели дека тресончани реализираа локална активност, но тој додава дека потребни се пошироки активности за одбележување на овој јубилеј, бидејќи се во интерес на Македонија.

„По некоја логика очекувам дека луѓето во оваа сфера треба да се сепнат и да се види што се прави и за кого се прави. Сè се прави за Македонија, за сите нас. Имаме една оригинална личност со над две илјади дела“, вели Илиќ.

На локалната активност која се одржа во селото на Зограф, претставниците на МАНУ најавија бројни активности во месец октомври за големиот јубилеј од раѓањето на Дичо Зограф.

  • 16x9 Image

    Кенан Мимидиновски

    Кенан Мимидиновски, роден 1954 во Дебар. Завршил Правен факултет во Скопје, а со новинарство професионално се занимава 30 години. Најпрвин во Радио Дебар како новинар, а подоцна 12 години и како главен и одговорен уредник . Дописник на Радио Слободна Европа од Дебар е од 2001 година.

XS
SM
MD
LG