Достапни линкови

Американски воени пилоти сепак се сретнале со НЛО?


На снимките се прикажани две ситуации во кои пилотите на морнарицата на САД, се сретнуваат со непознати летечки објекти.

Американската морнарица ја потврдила автентичноста на видео-снимката која ја направиле нејзините пилоти, а која се однесува на средба со неидентификувани летечки објекти (НЛО), пренесоа новинските агенции.

Снимките се направени во периодот од 2004 и 2015 година, а за тоа објавил „Њујорк тајмс“ во 2017 година. Морнарицата на САД тврди дека на снимките се гледаат необјасниви воздушни феномени, со напомена дека не би требало да бидат објавени во јавност. Снимките кои денес се достапни на „Јутјуб“, покренаа лавина на теории на заговор за постоењето на вонземјани.

Снимките се наречени FLIR 1, Gimbal и GoFast. На нив се прикажани две ситуации во кои пилотите на морнарицата на САД, се сретнуваат со непознати летечки објекти. Едната од снимките е направена во 2015 година, над источниот брег на САД. Ја снимил пилот на авион Ф-18. Другите две се снимени во 2004 година, над Пацификот, недалеку од брегот на Калифорнија. На нив се слушаат и пилотите на авионот Ф-18, како расправаат за непознатите објекти.

Џозеф Грејдишер, портпаролот на морнарицата, за порталот „Блек волт“ изјавил дека армијата на објекти во тие снимки, означува неидентификуван воздушен феномен. Пентагон признава дека овие објекти не може да се идентификуваат, ниту да се објасни нивната појава. Според објавите во дел од американските медиуми, надлежните тврдат дека снимките не требало да бидат пуштени во јавност. Пентагон во јуни, ги известил сенаторите за снимките со НЛО, а претседателот на САД, Доналд Трамп, во едно од своите интервјуа, потврдил дека бил известен за овие настани. И тој како и многумина се сомнева дека станува збор за вонземјани, пренесоа новинските агенции.

XS
SM
MD
LG