Достапни линкови

Младите ќе прават стрип за Скопје и митолошките јунаци


Скопје од птичја перспектива. Владата на Република Македонија. Фото: Ивана Батев(МИА)

Младите во Скопје ќе можат преку стрип приказни да се запознаат со јунаците од македонската и балканската митологија и со културното наследство на Скопје. Се работи за проектот „Градот Скопје и стрип илустрираните митолошки јунаци“ во организација на Македонското студентско етнолошко друштво (МСЕД) и Град Скопје, кој ќе се одржи на 22 април.

„Проектот е осмислен како можност младинците од градот Скопје да се запознаат со етнографската и фолклорната литература поврзана со македонската и балканската митологија и да создадат илустрации за митолошките јунаци. Тие избираат претстава од народната митологија, и низ истражувачка работа за нејзините локални карактеристики, го илустрираат својот стрип лик. Во процесот на илустрирање на илустраторите ќе им бидат организирани предавања од областа на народната митологија, истражувачките техники и цртачките техники“, се вели во најавата на настанот.

Во проектот се предвидени 20 учесници од средношколците и студентите во Скопје.

На 15 мај пак ќе се одржи „Културното наследство на град Скопје низ кратки стрип приказни, Создај Стрипоскоп!“.

„Проект во кој средношколците и студентите од Скопје истражуваат и ги илустрираат културни вредности на градот Скопје низ кратки стрип приказни, и го пренесуваат своето знаење на другите млади луѓе на креативен начин, стои во најавата од организаторите Институт за етнологија и антропологија, Универзитет „Св.Кирил и Методиј“.

Оттаму велат дека главната цел е антрополозите да ги мотивираат младите на Скопје да се заинтересираат за културното наследство.

„Ваквиот специфичен начин на пренесување информации од млади на млади на креативен начин, е исклучително корисен ако сакаме да мотивираме позитивен однос на младите за културното наследство на Скопје“, велат организаторите.​


Во рамките на проектот предвидено е средношколците и студентите да изберат културно добро од градот Скопје и да го искористат знаењето за него во кратка стрип приказна. Предвидено е бројот на учесници да биде 15.

XS
SM
MD
LG