Достапни линкови

„Мостот на виножито“ - шанса за младите од регионот за подобра иднина


Учесници на регионалниот проект „Мост на виножито“.

Млади од Македонија, Албанија и Црна Гора се дел од проектот „Мост на виножитото“. Тие преку сликарство, фотографирање и други активности се обидуваат еден ден да бидат дел од регион ослободен од стереотипи и предрасуди.

Регионалниот проект „Мост на виножито“ опфаќа дел од младите на Македонија, Црна Гора и Албанија, а финансиран е од Канцеларијата за регионална соработка од Тирана. Преку разни видови младински размени на кои учесниците од овој дел од регионот со фолклор, фотографирање, сликарство и други организирани активности учат како да ги препознаваат стереотипите и предрасудите и како полесно да ги надминат. Активностите се одвивале во Подгорица и Улцињ, во Црна Гора, во Поградец и Тирана, Албанија и во Куманово и Струга во Македонија, вели Катерина Димовска.

„Можам да заклучам дека младите знаат да соработуваат и надвор од официјалните предавања или работилници кои што ги организиравме. Тоа се темели на градење пријателства. Кај нив моментот кога тие ќе се запознаат меѓусебе е момент кога сите предрасуди се бришат. Од тука натаму постои само младата личност, нивната желба да соработуваат и да бидат дел од еден регион ослободен од стегите на предрасуди и стереотипи“, вели Димовска.

Фотографија направена во рамки на регионалниот проект „Мост на виножито“.
Фотографија направена во рамки на регионалниот проект „Мост на виножито“.

Според Димовска и покрај тоа што англискиот јазик на кој младите комуницирале во проектот, како јазик кој ги обединува, во неофицијалниот дел тие ги користеле јазиците на своите земји.

„Во многу наврати младите комуницираа и на српски, црногорски, македонски, албански“, вели Димовска.

Нена Петковска од Скопје е една од учесниците во проектот „Мост на виножито“ и вели дека вакви меѓународни соработки се од полза за младите.

„Убава прилика е за запознавање на луѓе со други култури и зближување, а конкретно преку овој натпревар со фотографиите и да се пренесе некоја порака, нормално. Лично за мене е интересно кога ќе запознам луѓе од друга култура, а преку нив и за нивните традиции, нивните начини на размислување. Секогаш е интересно нешто друго освен твоето. Некои контакти остануваат и по завршување на проектите“, вели Нена Петковска.

Стефани Цветковска и Давид Живковиќ од Куманово додаваат дека запознавањето со нивните врсници од другите земји од регионот води кон некоја подобра иднина за младите.

Фотографија направена во рамки на регионалниот проект „Мост на виножито“
Фотографија направена во рамки на регионалниот проект „Мост на виножито“

„Градиме мостови, бидејќи знаеме во каква средина живееме, Балканот се уште трпи последици од минатото, но мислам дека ваквите размени се одлични нешта за да се срушат тие бариери што постојат меѓу младите“, вели Стефани.

„Преку овие проекти запознаваме нови врсници и создаваме пријателства, па можеме и приватно да се дружиме. Младите можат да ги срушат тие меѓуетнички бариери. Мислам дека во младите е иднината“, изјави Давид.

Дваесетина млади од 16 до 25 годишна возраст од трите земји создадените фотографии за различностите на изложбата „Мојот интеркултурен дом“ ги презентираа во изложбениот салон на Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово. Нивните фото пораки се пратени, дека различностите меѓу луѓето не треба да се пречка, туку предност за создавање на светот како подобро место за живеење.

  • 16x9 Image

    Светлана Антиќ Јовчевска

    По завршувањето на Студиите по новинарство во Скопје во 1985 година започнува да работи како економски новинар во Куманово, а потоа како дописник на „Вечер“,соработник на „Нова Македонија“,„Утрински весник“,на МРТВ, МИА, Радио Дојче Веле и неколку неделници. Од основањето на Радио Слободна Европа известува за настаните од својот град.

XS
SM
MD
LG